19 Април, 2024
0.0293

Едно ниво погоре од ГОСПОД

Објавено во: Колумни 21 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Знаете ли која е разликата помеѓу Господ и шалтерскиот работник? Господ не мисли дека е шалтерски работник.

Пред неколку дена имав да завршам некоја работа на шалтерите на една наша деловна банка. Едниот шалтер работеше, а пред другиот пишуваше „пауза“. Се направи голема редица, но сите стрпливо чекавме да дојдеме на ред. За чудо, една помлада девојка се осмели да се одвои од редот и да се упати кон шалтерот каде што беше истакнат натписот „пауза“. Културно посака добар ден и замоли дали може нешто да праша.

Суштеството од другата страна на шалтерот, кое според половата припадност може да се нарече госпоѓа, а според однесувањето е многу далеку од тој атрибут, не се потруди ни да ја подигне главата. Па нели е пауза? Кој смее да ја вознемирува за време на пауза? Освен младата девојка која веднаш се покаја за својата непромислена постапка, никој друг од граѓаните кои чекаа на ред не се обиде да направи такво нешто.

Додека чекав во редот, го насочив погледот кон „госпоѓата“  позади шалтерот. Изразот на нејзиното лице беше таков што веројатно детенце од предучилишна возраст веднаш би се расплакало кога би ја погледнало. Ни трага од елементарна човечка култура, а за некаква љубезност или насмевка и да не зборуваме. Ништо, си помислив во себе, веројатно оваа „госпоѓа“ последен пат се смеела кога слушнала дека филмот „Шиндлеровата листа“ е снимен според вистински настан.

Колкумина од нас ова го доживеале како лично искуство? Колкумина мораат секој ден да се поклонат пред „неговото величество“ шалтерот и личноста позади тој шалтер, за да си завршат некоја работа? Колкумина мораат да се откажат од основните човекови права, па се борат за воздух, се туркаат и се газат меѓу себе, само за да ја добијат потребната услуга пред да почне паузата? Зашто кога ќе почне, само Господ знае кога таа пауза ќе заврши.

Лицата кои работат на шалтерите претставуваат огледало на институцијата во која се вработени. Тоа важи и за банките и за другите институции. Ретко кој од граѓаните има можност лично да се запознае со директорите на одредена банка. Тие директори граѓанинот обично ги гледа на телевизија. За него банката е претставувана од шалтерскиот работник со кој контактира при плаќањето на сметките, ратата од кредитот или можеби депонирањето на некоја пара што ќе ја тргне на страна за „црни денови“.

Токму затоа, шалтерските работници мораат да внимаваат на своето однесување. Личните проблеми треба да ги остават дома или да ги споделат со своите најблиски пријатели. Граѓанинот кој бара услуга на некој од шалтерите на банката не е виновен што вработениот во таа банка се скарал со жена му, изгубил во спортска обложувалница или можеби не е задоволен од висината на платата. Таквите проблеми се решаваат таму каде што настанале. Кога вработениот ќе седне на своето столче позади шалтерот, тој мора да биде и културен и љубезен и да им објасни на клиентите на банката се што сакаат да знаат.

Ако шалтерскиот работник смета дека културата и добриот однос со клиентите е нешто што е премногу да се бара од него, за момент нека размисли колкава е стапката на невработеност во оваа земја. Веднаш ќе сфати дека многумина би сакале да седнат на неговото столче, ама ете, поради сплетот на околности, токму тој е среќникот. Да, буквално среќникот, зашто има работа која за многу луѓе, поквалитетни и поспособни од него, претставува далечен сон.

Исто така, шалтерскиот работник во банката треба да знае дека неговата плата воопшто не е за потценување, ако се земе во предвид нашиот, македонски стандард. Таа плата на работникот не му паднала од небо, туку е резултат на каматите, провизиите и другите банкарски трошоци што сите ние ги плаќаме.

Да не се разбереме погрешно, критиката не е упатена кон сите шалтерски работници. Во сите работни средини има и добри и лоши работници. Има трудољубиви шалтерски работници кои ќе направат се за да му помогнат на клиентот, но има и такви чија единствена преокупација е како побрзо да им пројде денот.

За оние првите, добрите, вредните, трудољубивите, имам само комплименти. На оние вторите кои „нишаат врата и земаат плата“, а должината на редот пред нивните шалтери почна да се изразува во километри, мислев да им го посветам вицот од почетокот на колумната.

Сфатив дека не сум во право. Таквите луѓе не мислат дека се Господ. Тие мислат дека се едно ниво погоре.

                                                                                     д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок