28 Март, 2024
0.0261

Ех, таа УБК...време е да пораснеме

Објавено во: Колумни 19 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Македонската "тајна" полиција, денес позната како Управа за безбедност и контраразузнување (УБК), е служба која во секој поглед и во секој сегмент идентично се развиваше и растеше како и добро познатата нејзина некогашна југословенска мајка - УДБА.

Во принцип, сите тајни полиции во светот користат идентични средства, оперативна техника и методи и имаат исти задачи - заштита на уставниот поредок, борба против тероризмот, борба против организираниот транс-национален криминал кој се однесува пред се на трговијата со луѓе, опојни дроги и широк спектар на оружје. Во таа насока, нужно е да остварува соработка со сродните служби од земјата, регионот и пошироко, бидејќи со развојот на технологиите, тероризмот станува глобална закана за мирот и за се она што претставува цивилизациска придобивка - слободите и правата на граѓаните.
Сето горе кажано убаво звучи, но само до моментот додека тајната полиција не се инструментализира и не стане алатка во рацете на поединци за остварување на своите политички амбиции, детски хирови или лични фрустрации. Тогаш, од служба која треба да биде во функција на граѓаните, се трансформира во служба која има амбиција да ги контролира граѓаните, да стави се под своја контрола и да биде во функција на гарнитурата на власт или попрецизно, таа самата да биде власт.

Шокантни се информациите што со години на назад ги среќаваме низ медиумите за зулумите што ги правеле поединци, а биле вработени во тајната полиција (каква е таа тајна полиција кога сите ги познаваат и знаат дека работат таму), но верувам секој граѓанин  си поставува бројни прашања, за чии одговори се уште се чека.

До денес не е јасно зошто во 2001 година, тогашната УБК не ги пресретна подготовките на УЧК за воени дејствија?!

Зошто таа служба не се реформира веднаш после воениот конфликт, бидејќи очигледно, таа како институција не одговори на предизвикот на времето и не успеа да ги оствари своите основни функции, а немаме информации ни за тоа дека заради таквите крупни пропусти некој беше земен на одговорност?!

Зошто од осамостојувањето на Република Македонија до денес, УБК е целосно затворена дури и кон институциите и нивните органи и тела кои согласно Уставот и законите се должни да имаат контрола и увид во нејзината работа?!

Зошто не беше сериозно разгледан материјалот со препораки за реформи во УБК од 2000 година, изработен од трочлена експертска група, која компаративната анализа и препораките за реформи по европски терк, уредно си ги наплати?!

Зошто кога работната група работеше на изготвување на Законот за внатрешни работи во 2008/09 година, претставникот од УБК одби секаква интервенција со која би се одзеле класичните полициски овластувања кои ги имаа нивните припадници, кога секаде во демократскиот свет полицијата е таа која ги врши полициските работи во име и на УБК и во тој контекст одби да згаснат оние служби во УБК кои се дуплираат и се со идентични надлежности со тие кои по природата на нештата и секаде во светот ги извршува полицијата?!

Што и од кого има да се сокрие?!

Зошто никој, ама баш никој од Собранието или од Владата на Република Македонија не побара одговорност од некој од министрите за внатрешни работи или кој било од досегашните директори на УБК за игнорантски однос и оневозможувањето да се направи контрола на законитоста во нејзината работа?!

СЈО има покренато обвинение за уништување на скапо платената софистицирана опрема за прислушување, но зошто екс челниците на МВР и екс премиерот, дури и оној техничкиот, не се заложија и не го поддржаа СЈО за таа работа да се истера до крај, туку со опструкции и сеење магла се обидуваат да го заташкаат целиот случај...веројатно таму биле сокриени нивните амбиции, хирови и фрустрации?! Можеби. Првите неуспешни обиди на СЈО легитимно да дојде до податоците од УБК за тоа кои лица биле легално прислушувани, оставија и отворија стравичен сомнеж не само за злоупотребите на службата, туку и за обемот на тие злоупотреби.

Во тоа време слушавме по електронските медиуми некои од велеекспертите на тогашната власта (С. К.) дека Чавков, Андонов биле обучени да ја штитат државата...а од кого тоа, од легалната процедура да се дојде до докази за сторено кривично дело?!
Сега, во јавноста многу актуелна е реформата на УБК, барем така го нарекуваат обидот да се симне срамот од аферата со незаконското прислушкување на граѓаните, од срамот кој оддекна во јавноста дека добиените податоци се користени за уцени, за рекет, па дури и за потребите на некои приватни "детективски" агенции, при што се вадени целосни транскрипти од телефонски разговори, најчесто за нечии вон брачни релации, и продавани на клиенти што можат да си дозволат тоа добро да го платат.

Срамот не може да се симне со шминка, туку со целосна и сериозна реформа на УБК. Решението кое се нуди како модел за контрола на прислушувањето со отварање на нова Агенција (ОТА) претставува само лоша шминка. Власта тврди дека таа Агенција ќе биде независна (?!) и можностите за злоупотреби на прислушувањето ќе се елиминираат.

Меѓутоа, се заборава на основното правило, дека додека извршната власт во затворени кругови ја креира "независноста" на новата Агенција и истите луѓе треба да го работат истото тоа што до сега го работеле, само на друга локација, просторот за злоупотреби е непроменет.

Засегањето во сферата на приватноста, како едно од најсензибилните прашања од корпусот на човековите слободи и права, мора да биде прашање кое ќе биде под постојана контрола од добро осмислени и етаблирани механизми: политички - од законодавниот дом; судски; граѓански - сочинет од компетентни претставници на граѓанскиот сектор; и независен експертски, сочинет од технички и правни експерти под раководство на посебен јавен обвинител.

Без вакви механизми нема гаранции дека извршната власт или поединци од неа и по трет пат нема да ги повторат грешките од минатото.

Владата го избрала овој модел...нормално, кој е тој што е подготвен да се откаже од можноста да има алатка во своите раце со која ќе може да ја контролира електронската комуникација, во име на реформите власта животно е заинтересирана да остави некоја подотворена вратичка, за недај боже, големото уво да го има на своја страна.

И додека разузнувањето во поблиското и подалечно опкружување оддамна темелно се обедини и се реформира, оддамна фокусот го стави на прашањата на глобалниот тероризам, ние во Република Македонија глумиме реформи во безбедносниот сектор кои кога тогаш ќе не вратат на позициите од пред нивниот почеток. За тие што не веруваат, нека ги прочитаат двата извештаи од д-р Рајнхард Прибе и работите ќе бидат појасни, а одговорот на прашањето зошто, сам ќе се наметне. Време е да пораснеме.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?