ЕК ја засилува контролата над оружјето
Објавено во: Свет 25 Април, 2017
Европската комисија усвои нова директива за зајакнување на контролата над огнено оружје во Европа, соопшти прес службата на институцијата.
„Новата директива за огнено оружје ќе обезбеди строга контрола врз стекнување и поседување на оружје, за да не можат криминални и терористички групи да ги искористат недостатоците на легитимните канали за стекнување на оружје“, посочуваат од Европската комисија.
Се наведува и дека земјите од ЕУ треба да продолжат да ги зголемуваат самостојните напори за борба против шверцот и црниот пазар на оружје на своја територија. Во согласност со новиот документ, значително построги стануваат правилата за легално стекнување и регистрација на бојно автоматско оружје (категорија А) - сега тоа е целосно забрането за продажба на приватни лица.
Зајакнувањето на контролата вклучува и задолжително означување не само на секоја единица огнено оружје, но и на нејзините клучни компоненти , за да се подобри можноста за следење на потеклото на оружјето и да се намали бројот на преработеното оружје кое се користи во криминалниотсвет.