26 Април, 2024
0.0262

ЕКОНОМСКА ДИСКРИМИНАЦИЈА: Длабок јаз меѓу мажите и жените !

Објавено во: Анализа 20 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Македонското население се повеќе старее. Се намалува бројот на женски млади лица а се зголемува на старо население. Новата Публикација “Жените и мажите во Македонија“ обелоденува дека има големи разлики и меѓу мажите и жените во однос на вработеноста, што е резултат на нестабилните економско-социјални услови во земјата и неусогласеноста на расположливите и потребните профили на пазарот на труд.

Во неформалната економија работи секој 4 ти …

Голем јаз меѓу економскиот статуст на мажите и жените во Македонија. Според податоците од Заводот за статистика, стапката на вработеност во земјава во 2015 година кај жените изнесувала 33,7 проценти и според констатацијата на статистиката, е значително пониска во споредба со онаа кај мажите која изнесува 50,5 отсто. Оваа негативна состојба според досегашните мерења е непроменета подолг временски период.

“Вработеноста во Република Македонија се карактеризира со многу неповолна полова структура. Оваа структура е непроменета во еден подолг временски период, пред сè, поради нестабилните економско-социјални услови во земјата и неусогласеноста на расположливите и потребните профили на пазарот на труд. Стапката на невработеност кај жените изнесува 25.1, а кај мажите 26.7. Стапката на активност кај жените е пониска и изнесува 44.9, а забележливо е повисока кај мажите и изнесува 68.9“ - се наведува во Публикацијата “Жените и мажите во Македонија“.

Најдлабока невработеност од 41,4% е регистрирана кај жените на возраст од 35-44 години, што е практично најработоспособната категорија на луѓе. Невработеност од 41,1% има кај жените на возраст од 45-54 години. Големи разлики има и во однос на бројот на работни часови. Имено, на возраст од 35 до 44 години, со полно работно време работат 78 177 жени, додека на иста возраст, со полно работно време работат 110 356 мажи.

Според истражувањето на Заводот за статистика, во Македонија во 2015 година имало 705 642 вработени, од ниц 565 349 биле во формалната економија додека 140 642 во неформалната економија, или секој четврти вработен практично бил дел од “сивата“ економија, односно работел на “црно“.

Податоците покажуваат дека жените живеат 3,9 години подолго од мажите, односно 77,4 години, а мажите 73,5 години. Во новата Публикација, државата статистика повторно го нотира трендот на стареење на населението.

“Во однос на старосната структура, македонското население сè повеќе старее. Во периодот од 2005 до 2015 година, учеството на женското младо население на возраст од 0 до 14 години е намалено од 19.2% на 16.2%, а учеството на женското старо население на возраст од 65 и повеќе години е зголемено од 12.2% на 14.3%. Поголем број на жени се забележува во старосната група од 65 години и повеќе“, се вели во новата анализа во која се посочува дека се намалува учеството на жените во вкупното население.

“Според процената на населението, состојба 30.06.2015, во Република Македонија има 2 070 226 жители. Процентуалното учество на жените и на мажите во вкупното население е речиси подеднакво, 49.9% од населението се жени, a 50.1% се мажи“ - се наведува во Пубилиакцијата “Жените и мажите во Македонија“.

Истражувањето покажало дека жените се почесто раѓаат од едно до две деца, односно според вредноста на тоталната стапка на фертилитет во 2015 година која изнесува 1.49 (живородени деца на една жена), жените во Македонија сè почесто се одлучуваат да раѓаат по 1 или 2 деца.