29 Март, 2024
0.0243

Економска и политичка моќ во исти раце е сигурен рецепт за тиранија

Објавено во: Колумни 14 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

По фалбите за бројните проекти и инвестиции, филувани и со  полувистини и лаги, Груевски минатата недела обзнани дека има „концепт на градење и проекти“. А пискотот веќе од далеку се слуша. Аман не гради и не реализирај проекти, доволно е, доста беше, ако е за фајде и многу е. Но, тоа е. Се работи за неговиот најнов спин. Со тоа што сега добил инспирација, потценувајќи ја интелегенцијата на народот, досегашната практика на развој на земјата да ја издигне на ниво на модел или стратегија за развој. Или со други зборови, градоначалникот на државата, решил своите лаги да ги продава како научна вистина. После се’ што направи, а направи децениски „лет во место“ на македонската економијата. Така сега, „летаме“ со раст на БДП од 2% , создаден огромен јавен долг од над 50% од БДП и надворешен долг од над 70% од БДП и се наоѓаме на работ од провалија.

Значи на еден месец пред избори, човекот кој комплетно ја промаши функцијата на премиер на влада на земја со пазарно стопанство и социјална држава, зборува за концепти, иако и нему не му е јасно што подразбира под тоа. Наместо да создава услови за развивање на функционална пазарна економија тој државата ја издигна на ниво на најголем „бизнисмен“ во економијата. Притоа, уставната определба за слободно претприемништво формално ја „унапреди“ со цел да го  билда рејтингот во „Doing business“, а во суштина преку рекетирање на бизнисмени, уцени со селективни контроли, високи казни, високи каматни стаки, неликвидност, висока финансиска недисциплина, како и отсуство на правна држава ја уби мотивацијата на домашните бизнисмени  за модернизација  и проширување на капацитетите и креирање на ново производство.

Тој ни во еден момент не се обиде да ги разграничи функциите на државата и пазарот во регулирањето на економските текови. Напротив, секој ден и се’ повеќе ги зголемуваше државните ингеренциии на сметка на пазарните, деформирајќи ги до тој степен што претприемачите немаат можности за калкулирање на трошоците во тековното работење  и за изведување на подолгорочни проекти. Интервенционизмот, без јасна долгорочна развојна стратегија и намеравани структурни промени, преку субвенциите  ги деформира ценовните односи меѓу одделни дејности. А не е сеедно дали  вашето производство е субвенционирано или дали добивате субвенции  за придонесите на вашите вработени. Разликите  ја нарушуваат  конкурентноста меѓу производителите, при што субвенционираните стануваат нелојална конкуренција и ја минимизираат улогата на цената како алокационен фактор. А без неа, не може  ни да се очекува планирање на подолгорочен развој. Со ова може да се објасни и отсуството на позитивни структурни промени во стопанството.

Во вакви бизнис услови, кои не ги фаќа „радарот“ на „Дуинг бизнис“, повеќето домашни бизнисмени беа принудени да се свртат кон борба за опстанок. Донекаде  живуркаа „тендер“ бизнисмените. Но, и тие спискаа поради нередовното плаќање од страна на државата. Повеќето од општините не се ни препознаваат како економски субјекти поради високата централизација на буџетските средства, а регионалниот развој воопшто не заживеа,  бидејќи централната власт „знае“ што им треба. Отсуството на очекувани ефекти ја натера власта да се занимава и со директно, непосредно  привлекување на директни странски инвестиции, како да е тоа нејзина работа, а не системско решение.

Запрепастувачки е како не се виде дека ваквиот тренд на ширење на улогата на државата води во криза, која ги поткопува и демократските темели на државата. На постојниот степен на развиеност таа не може да ги решава развојните цели на општеството, бидејќи нема начин рационално да ги задоволува потребите на огромниот број на потрошувачи. Мора да се изгради модел на урамнотежени односи меѓу улогата на државата и пазарот. Со препуштањето на моќта на државата, неповолниот крај е неизбежен.  И сега тој што дозволи безусловна доминантна позиција на државата, зборува за концепти и модели!

Нема разумно објаснување  како премиерот на „најекономската влада“  не ги сфати последиците од јакнењето на државата и во насока на супституирање на пазарните сили во економијата, освен дека имал други лични и партиски цели. Ова е особено индикативно ако се имаат предвид  раскалашеното трошење на се’ поголемите буџетски средства (обезбедувани и со кредити од земјата и странство) и отсуството на организирана борба против корупцијата. Јасно е дека нема вина додека не се докаже, меѓутоа, веќе има и основани сомненија за луѓе од врвовите на власта за нивна вклученост во криминални активности.

Не треба да се убедуваме дека на криминално ориентираната  власт  не и’ одговара развивање на функционална пазарна економија и ефикасна правна држава. Таквата економија и таквата држава не дозволува концентрација на економска и политичката моќ во исти раце. Затоа  и не е случајно што на овие пунктови повеќе години нема напредок. Дури се забележува и назадување. Тоа го покажуваат и анализите на Европската комисија. Таму се зборува и за Македонија како заробена, узурпирана држава.

 Очигледно е дека на Македонија и е потребно ослободување и тоа  што поскоро, бидејќи, како што одамна забележа нобеловецот  по економија Милтон Фридман, комбинацијата на економска и политичка моќ во исти раце е сигурен рецепт за тиранија.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?