Екстремизам, Европа - предизвици за Макрон
Објавено во: Свет 16 Мај, 2017
Најмладиот претседател на Франција, Емануел Макрон кој штотуку стапи на должност, се соочува со невозможна задача да ја обедини поделената земја растргната од стравови поради тероризмот, хроничната невработеност, имиграцијата и односите со остатокот од Европа, пишува Асошиејтед прес.
Еве некои од предизвиците пред Емануел Макрон по положената заклетва во неделата.
Поделена Франција е она што стои пред него. Синдикатите веќе почнаа протести против Макрон - приврзаник на бизнисот, центрист и поранешен министер за економија, - кого го гледаат како предавник, бидејќи додека бил во Владата, ги отстранил некои заштитни механизми во пазарот на трудот.
Во неделата тој вети дека ќе ги помири и обедини Французите и ќе ја поврати довербата.
Французите стравуваат од културното, економското и верското влијание на имиграцијата и се сомневаат во способноста на Франција да им конкурира на гигантите како Кина и Google.