19 Октомври, 2017
0.3581

Ем без работа, ем без здравствено осигурување!

Објавено во: Анализа, Економија 04 Ноември, 2013

Без изјава за годишни приходи, невработените го губат здравственото осигурување! Изгубени во административните лавиринти, без пари и без работа, стотици невработени лица секојдневно се соочуваат со уште еден проблем. Го губат правото на здравствена заштита, бидејќи навреме не се пререгистрирале во Фондот за здравствено осигурување. Оваа бројка, алармираат од прилепската невладина организација РОМА С.О.С, само во Прилеп, оставила близу 400 осигуреници и членови од нивните семејства без здравствено осигурување. Според нив, дури половината од невработените -осигуреници на фондот за здравство од април годинава останале без здравствено осигурување бидејќи од таму им барале дополнителна изјава за вкупните годишни приходи. Иако Уставниот суд лани во ноември ја укинал оваа обврска, Фондот за здравствено осигурување преку последната пререгистрација во март годинава повторно ја вратил во сила. Нецелосната примена на одлуката на Уставниот суд ги оставила дел од невработените лица без здравствено осигурување и тие морале приватно да си ги платат здравствените услуги бидејќи навреме не ја доставиле изјавата за приходите. Секојдневно во нашите канцеларии доаѓаат граѓани кои бараат помош откако вчудоневидени дознаваат дека Фондот за здравствено осигурување ги избришал од евиденцијата бидејќи немаат изјава за приходите. Оваа информација дел од нив неможеле да ја дознаат бидејќи честопати се работи за неуки или сиромашни лица кои живеат на прагот на егзистенцијата-вели Несиме Салиоска од невладината РОМА С.О.С од Прилеп. Таа додава, дека институциите мораат да најдат начин да им помогнат, да ги информираат и едуцираат граѓаните, особено оние кои се од најзагрозените категории, а се најчесто подложни на вакви проблеми, бидејќи без здравствена заштита честопати е ставено во прашање нивното и здравјето на нивните семејства. “Малолетно лице имало потреба од оперативен зафат во ЈЗУ Општа Болница Борка Талески Прилеп, а носител на здравственото осигурување за семејството била неговата мајка по основ на невработеност. На почетокот на месец април мајката се упатила во Болницата со цел да закаже оперативен зафат за своето дете кога било утврдено дека го изгубила правото од здравствено осигурување и трошокот за здравствените услуги ќе треба да се подмири со 100% партиципација, наместо со 20% доколку била осигуреник на ФЗОМ. Бидејќи за губењето на правото како причина се појави фактот што не поднела Изјава за остварени приходи во март 2013, нашето здружение и понуди правна помош за повторно остварување на правото односно поднесување на нова Пријава со целокупна документација во ФЗОМ. Оваа постапка одзеде приближно две недели, период во кој се одложи оперативниот зафат на детето и се доведе во опасност неговото здравје”-додава Салиоска. Со кои последици се соочуваат невработените лица-осигуреници на ФЗОМ?! Осигурениците кои не биле информирани за обврската за поднесување на Изјава за остварени приходи за претходната година (која обврска беше прекината во ноември 2011 од страна на Уставен суд), дознавале за истото во моментот кога барале здравствена услуга или имале потреба да набават лекови во аптека. Од невладиниот сектор бараат од надлежните да направат итни измени на законот за придонеси од задолжително социјално осигурување со кои фондот по службена должност ќе ги утврдува приходите на невработените, а со тоа и ќе се отстрани ваквата обврска за невработените граѓани. “Според добиените одговори од Министерство за финансии и Министерство за здравство поднесувањето на Изјава за остварени приходи не е дополнителна обврска за граѓаните, туку со тоа на едноставен начин се пристапува кон здравствено осигурување. Односно доколку се наложи истото како обврска на Управата за Јавни Приходи, постапката ќе се пролонгира со оглед на потребното време за обработка на податоците по поднесени даночни пријави и издавање на потврди за остварени приходи. Од друга страна, Министерството за здравство смета дека поднесување на Изјава за остварени приходи не е само со цел да се утврди промена во приходите кај граѓаните, туку и дали настанале други околности кои се од влијание за промена на основот на осигурување. Овие одговори на Министерствата се сосема спротивни на Одлуката на Уставен суд од ноември 2012 година, со која се укажува на тоа дека законски не може да им се наметне ваква обврска на граѓаните и единствена надлежност имаат релевантните институции или ФЗОМ преку УЈП во дадениот случај. Одговорите се контрадикторни и со Известувањето од Народниот правобранител кој го доби РОМА С.О.С, а кој укажува на потребата од почитување на Одлуката на Уставен суд и итно донесување на законски измени во интерес на граѓаните. За нашето здружение дискутабилно останува прашањето зошто Министерствата не ја испочитуваа целосно Одлуката на Уставен суд и зошто имаме контрадикторни одговори од различни институции? Разгледувајќи ја ситуацијата, а од аспект на тоа што во Изјавата освен податоци за остварените приходи не се наведуваат други околности, се прашуваме кој тип на околности ќе ги утврдува Министерството за здравство на овој начин? Исто така Миистерството за финансии не треба да се амнестира од одговорноста за нецелосната примена на одлуката на Уставен суд и надлежноста на ФЗОМ да ги проверува приходите службено преку УЈП, со оглед на фактот дека постојат применети институционални механизми за проверка на приходите преку воведениот едношалтерски систем. Начинот на кој граѓаните го губат своето право на здравствено осигурување е неуставен, што е укажано со одлуката на Уставен суд. Од друга страна институциите, односно министерствата како и ФЗОМ си имаат алиби за ваквата постапка преку Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во кој е пропишано поднесувањето на Изјавата за остварени приходи како обврска на граѓаните.Но со овие постапки на надлежните се поставува прашањето помеѓу граѓаните за тоа кој ги штити нивните права и интереси во корелација со уставниот поредок, и кој е кој во хиерархијата на системот во Македонија должен да обезбеди владеење на правото”-вели Несиме Салиоска од невладината Рома С.О.С. Ќе го изгубат ли пациентите правото за електронска здравствена картичка? Електронска здравствена картичка добива секој осигуреник на ФЗОМ по остварено право на здравствено осигурување. Со оглед на тоа дека електронската картичка е замена за потврдите за платени придонеси или сините картони, истата се добива по поднесено барање за издавање за секој осигуреник поединечно кој понатаму ја користи во добивањето на здравствени услуги. Од невладиниот сектор алармираат дека во ситуација кога не е поднесена Изјава за остварени приходи, осигуреникот го губи правото на здравствено осигурување, а со тоа го губи и правото од користење на електронската картичка за себеси но исто така и останатите членови на семејството. Од Фондот за здравствено осигурување велат дека бројот на оние кои не се пререгистрирале до крајот на март е многу мал и дека тие ги почитувале законите, а невладините ја помешале пререгистрацијата на невработени во Фондот, со онаа во Агенцијата за вработување. Што велат од Фондот? “Постојат во нашата евиденција 250 000 носители на здравствено осигурување за коишто плаќа Владата на РМ, преку Mинистерството за здравство, тоа се лица со ниски примања. Од нив во нашата евиденција, 220 000 имаа извршено пререгистрација во законскиот рок до 31.03, а до последниов месец дополнително уште 6 000 лица ја завршиле таа обврска. Тие лица независно дали се невработени, под авторски договори, хонорари, надоместоци, единствено за да добијат здравствено осигурување од страна на Фондот за здравствено осигурување, треба да имаат месечни примања под минималната плата утврдена со закон 8750 денари. Доколку се најдат во категорија помеѓу 12 просечни плати и приближно 184 000 денари, тогаш тие плаќаат 50% за здравствено осигурување т.е нешто повеќе од 1000 денари. Доколку го надминуваат тој износ и имаат примања повисоки од утврдената сума по закон, тогаш тие плаќаат 2200 денари месечно за здравствено осигурување. Ние сметаме, бидејќи до сега се немаат појавено тие лица да направат пререгистрација истите или се вон државата или немаат потреба од здравствено осигурување. Не е ништо против уставно, значи тие не прават пререгистрација во Агенција за вработување, туку веќе кажав, не е битно дали има мали примања, хонорар или сл, битно е да има под минималната плата, да е државјанин на РМ и со тоа добива бесплатно здравствено осигурување и државата плаќа за него. Невладините можеби ги имаат измешано пререгистрацијата од фондот со онаа во АВРМ со лицата со ниски примања”- вели портпаролот на ФЗОМ, Бранко Аџигогов. Од невладината РОМА С.О.С пак велат дека забуна не може да има, со оглед на тоа дека остварување на правото на здравствено осигурување не е условено со обврската на граѓаните да бидат пријавени како невработени лица во Агенцијата за вработување и тие не се повикувале на ниту еден податок од АВРМ. Пред три месеци поднеле Ургенција до Министерството за финансии како надлежна институција кој го носи Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, со што укажале на проблемот и побарале итно донесување на нови законски измени согласно Одлуката на Уставен суд. Од РОМА С.О.С. како носител на иницијативата, поддршка добиле и од други 6 здруженија и тоа: ЕСЕ-Скопје, КХАМ-Делчево, СУМНАЛ-Скопје, НРЦ-Куманово, Х.Е.Р.А –Скопје и Македонска платформа против сиромаштија. Од 1 април до 01 јули на вкупно 280 лица – Роми (64 мажи, 83 жени и 133 деца) во невладината организација им била понудена правна помош при комплетирање на потребната документација и пополнување на формулари за да можат повторно да го остварат правото на здравствено осигурување, кое го загубиле поради неподнесување на Изјава за остварени приходи. До крајот на октомври бројот на овие лица изнесува дополнителни 104 (28 мажи, 26 жени и 50 деца). Со непочитување на Одлуката на Уставен суд,велат од невладиниот сектор, државата не ги презема сите неопходни мерки за да донесе и спроведе соодветна здравствена политика , а со тоа на граѓаните им е прекршено универзално признатото право на здравје. Ваквата состојба, според нив, се коси со политиката на државата при воведување на здравствените реформи во функција на тоа “Да нема лице без здравствено соигурување”. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

Ахмети и Тачи од „смртни“ непријатели до нови партнери?

Ахмети и Тачи од „смртни“ непријатели до нови партнери?

ИЗБОРЕН ИНЖЕНЕРИНГ е изговорот на лојалистите на Груевски кои имаат јавен крах

ИЗБОРЕН ИНЖЕНЕРИНГ е изговорот на лојалистите на Груевски кои имаат јавен крах

Можат ли БЕСА и Алијансата да му го „загорчат“ вториот круг на Ахмети?

Можат ли БЕСА и Алијансата да му го „загорчат“ вториот круг на Ахмети?

Во кои скопски општини продолжува битката меѓу СДСМ и ДПМНЕ?

Во кои скопски општини продолжува битката меѓу СДСМ и ДПМНЕ?

Им смета што Миликије е од СДСМ, ама не и кога добиваат поддршка за Чаир, Тетово, Гостивар

Им смета што Миликије е од СДСМ, ама не и кога добиваат поддршка за Чаир, Тетово, Гостивар

Кога Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочат со реалноста за негова оставка?

Кога Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочат со реалноста за негова оставка?

Кој е „херојот“ што го победи Ѕинго во Кратово?

Кој е „херојот“ што го победи Ѕинго во Кратово?

Дали ДУИ има успешен прв круг на изборите?

Дали ДУИ има успешен прв круг на изборите?

Дали дојде крајот на династијата на Амди Бајрам?

Дали дојде крајот на династијата на Амди Бајрам?