Ердоган го смени тонот - за Турција е стратешка цел да влезе во ЕУ
Објавено во: Балкан 10 Мај, 2017
Турција сака да го продолжи процесот на пристапување кон Европската унија и таа цел за неа е стратешка, изјави претседателот на Турција Реџеп Ердоган.
Во обраќањето по повод Денот на Европа, тој посочи дека Анкара и Брисел ја продолжуваат соработката меѓу себе за преминувањето на миграцијата кон земјите од ЕУ.
„Нашата земја, која со векови е историска, географска и културна дел од Европа, има желба да го продолжи процесот за членство во ЕУ, и го смета тоа за стратешка цел“, рече Ердоган. Тој не пропушти да упати критики кон десничарските, како и кон популистичките и антиисламски расположенија во Европа.
Промената на тонот од страна на турскиот претседател е изненадувачка, откако тој ги преплави со критики ЕУ, откако многу земји-членки на Унијата го критикуваа начинот на спроведување на референдумот за промена на турскиот устав. Комесарот за проширување Јоханес Хан дури најави дека во пракса Турција се откажала од влезот во ЕУ.
Ердоган дури изјави дека Турција нема да стои и да чека пред вратата на ЕУ и дека ако процесот на преговори не почне повторно, Анкара конечно ќе се откаже од Европа.