Ердоган подготвен за преговори со ЕУ, прашува што се чека уште за влез на Турција во Унијата
Објавено во: Балкан 26 Април, 2017
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Анкара ќе ја преиспита својата позиција за пристапување кон ЕУ, ако биде принудена да чека уште долго решение за ова прашање, а исто така и ако се задржат сегашните непријателски чувства кај некои земји-членки на Унијата кон Турција.
„Турција е подготвена да преговара за сите 35 поглавја. Подготвени сме да направиме сè што побараат од нас при преговорите. Ако тие не дејствуваат правично, ние треба да бараме излез. Зошто треба да чекаме уште? Станува збор за 54 години. Велика Британија ги праша луѓето и тие гласаа за Брегзит“, вели Ердоган за Reuters.
Тој додава дека е подготвен да го постави прашањето за пристапот на земјата во ЕУ на референдум.
„Една или две држави не можат да го одржуваат животот на ЕУ. Потребна ви е земја како Турција - земја која симболизира различна вера, тоа би ги направило многу силни земјите-членки на ЕУ, меѓутоа, изгледа не разбираат. За нив е многу тешко да прифатат муслиманска земја како Турција“, вели Ердоган.