„Етнос“ пишува за три имиња кои ги предложил Нимиц
Објавено во: Балкан 18 Јануари, 2018
Грчкиот весник „Етнос” денеска објави дека медијаторот Метју Нимиц на преговарачка маса ги дал следниве предлози: „Нова Македонија”, „Горна Македонија” и „Северна Македонија”.
Портпаролот на грчката Влада, Димитрис Цанакопулос информираше дека официјална Атина ќе стори сé за да се реши спорот без да се загрозат грчките националните интереси и на крајот двете страни да излезат победници.
„Преговорите не се фудбалски натпревар за да има победници и губитници. Ние сакаме решение од кое сите ќе бидат победници. Општата рамка на Владата е да се најде сложено име за севкупна употреба за да се стави крај на 25 годишниот спор“ – изјави Цанакопулос.
Од Владата само соопштија дека активно се создаваат услови за да се придвижи процесот, а резултатот ќе зависи од подготвеноста на двете страни за компромис, земајќи ги во предвид разликите. Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска најави дека в понеделник Владата ќе се состане да ја разгледа рамката и да се изгради заеднички став.
Сепак, денеска во Скопје, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека нема план Б и дека Македонија мора да го реши спорот со името за да влезе во Алијансата. Прием под референцата не е можен.