20 Април, 2024
0.0298

Европска комисија: Слаби инвестиции во земјоделството и недоволна искористеност на европските пари

Објавено во: Агробизнис 10 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Земјата е умерено подготвена во областа на земјоделството и руралниот развој, оценува Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Македонија во делот посветен на земјоделството. При тоа се посочува дека е постигнат одреден напредок во спроведувањето на Инструментот за претпристапна помош за рурален Развој (ИПАРД II). Брисел порачува во наредната година, земјата да продолжи да се фокусира на поефикасно користење на средствата од ИПАРД програмата. Но, во извевештајот се посочува дека лани останале неискористени 16,2 милиони евра пари од фондовите на Европската унија.

„И покрај напорите да се подобри спроведувањето на ИПАРД Програмата и зголемениот број на апликации, околу 16,2 милиони евра од фондовите на ЕУ останаа неискористени во 2015 година. Недостатокот на вработени и рачната обработка на датотеките во АФПЗРР (ИПАРД агенцијата) додведе до застој во проектите, одложување на одлуките и исплатите“, се наведува во извештајот.

Брисел укажува дека инвестициите во руралниот развој за подобрување на пристапот до наводнување, консолидација на земјиштето и промоција на земјоделските задруги остануваат на ниско ниво.

„Подготовката за ИПАРД мерките, инвестициите во јавната рурална инфраструктура, подобрување на обуката и советодавна служба чија реализација првично беше планирана за 2016-2017, треба да се интензивира. Потребна е понатамошна проценка за да се идентификуваат тесните грла во програмирањето за рурален развој, проектирање мерки и во имплементацијата“, стои во извештајот.

Европската комисија нотира дека се уште не е утврден мониторгинот и системот за евалуација за национална стратегија за земјоделство и рурален развој. Организациската структура на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не соодветствуваат во целост со стратегијата и политиката.

Ограничен напредок е постигнат во врска со заедничката организација на пазарот. При тоа се забележува дека годишно исплатата на директните субвенции изнесува околу 100 милиони евра, но нема проценка на нивното влијание врз приходите на земјоделците.

„Придонесот на мерките од директните плаќања врз приходите на фармерите не се пријавени, а и се уште не се оценуваат. Системот за земјоделско сметководство е недоволно искористен во пресметката на нивото на директната поддршка. Надградбата на интегрираниот систем за администрација и контрола е во тек. Контролата на внесувањето на податоците треба да се врши редовно, со цел да се има проверен и веродостоен регистар на фарми. Нема напредок во делот на воспоставување на советодавен фармски систем“, се наведува во извештајот.

Во однос на органското производство, се наведува дека се очекува сертификацијата да се зголеми, но дека се потребни построги мерки за контрола за да се обезбеди органски квалитет потребни за извоз.

Безбедност на храна и ветеринарство

Во делот на безбедноста на храна,ветеринарство и фитосанитарна политика, ЕК наведува дека има одредено ниво на подготовка и дека е постигнат одреден напредок.се препорачува во наредната година, земјата  особено да ја зголеми способноста за контрола на вектор-преносливите болести и да го одреди статусот на растителни штетници во земјата.

„Во ветеринарната политика, Агенцијата продолжи да обезбедува редовно ажурирање на системот на контроли за увоз и услови за увоз на живи животни и производи од животинско потекло. Донесена е програма за искоренување на бруцелозата кај овците и козите. Агенцијата за ветеринарство продолжува со вакцинацијата на лисиците против беснило и истата се спроведува со поддршка на ЕУ, се вакцинираше добитокот, со цел да се контролира ширењето на јазлеста кожа во земјата. Системот за идентификација и регистрација на свињите не е целосно спроведен“, стои во извештајот.

Во врска со пласманот на храна на пазарот, сточна храна и нуспроизводи од животинско потекло, се нотира дека е издаден Правилник за контрола на салмонела. При тоа се наведува дека во однос на посебните правила за добиточна храна, националниот план за официјална контрола на храната за животни, е усвоен, но сè уште не е спроведен. Во однос на правилата за безбедност на хранта ЕК нотира одреден напредок.  

Исто така одреден напредок е констатиран и во областа на фитосанитарната политика, во делот на донесување на акционен план за воспоставување на систем за пасош за растенија. Во извештајот се наведува дека Државната фитосанитарна лабораторија акредитираше 20 дополнителни лабораториски методи според ISO 17025, но оти  Фитосанитарната управа има недостаток на кадар,нема обука и опрема, и дека е потребно ефикасноста на фитосанитарните инспектори да се подобри. ЕК забележува дека координација помеѓу надлежните органи и понатаму е слаба и неефикасна.

Добар напредок во рибарството

Во делот рибарство ЕК констатира дека земјата е умерено подготвена, и е постигнат е добар напредок во областа на следење, инспекција и контрола на улов, како и на здравствениот надзор на рибите. Подобрување е нотирано во управувањето со рибниот фонд во прекуграничните езера.ЕК порачува во наредната година,земјата да направи дополнителни напори за усогласување на пазарната политика со правилата на Европската унија.

Т.С


Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари