25 Април, 2024
0.0374

Д-р Крсте Шајноски

Фактите ги распрснуваат владините „успеси“

Објавено во: Колумни 25 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Колку повеќе се приближува денот на изборите толку растат и „успесите“ на актуелната власт. За длабоката криза во која се наоѓа земјата, „нормално“, виновна е опозицијата. Ако тука или таму се појави критички осврт, тој не е релевантен, зошто е финансиран од Сорос. Тоа е од прилика мозаикот на кампањата кој го исцртува власта во последните неколку изборни  циклуси. Очигледно со истиот концепт ќе оди и на овие, се разбира со очекување, ако не сите, поголем дел да ја гризнат мамката. А мамките се такви, секогаш се примамливи, но се лажни.

Се чини народот почна да отрпнува, зошто десет години се фаќа на едни те исти. Но, тоа прави ни спиновите за „успесите“ да не се ефикасни како порано. Јавноста веќе не „паѓа“ на финти за порасти на БДП, на индустриското производство, на извозот... во некој месец во однос на истиот во претходната година или за една година во однос на претходната. Сиромаштијата го поставува прашањето што направи власта во изминатата декада? И колку потроши за направеното? Зошто сме на дното во Европа? Како не претркаа сите соседни земји во примањата и стандардот?

Во фалбите на лидерот веќе не веруваат ниту најблиските соработници иако, сакале или не, на партиските собири и во јавноста, тие нивните податоци мора да ги верглаат според неговата интерпретација. А кај него се’ е во подем. Во оваа и во наредните колумни ќе укажам на неколку спинувани информации за успех на власта, а во суштина реалноста е спротивна.

И покрај пласирањето на информации за налетот на странски инвеститори во земјата, тешко кој ја знае вистинската бројка на вработени во технолошко-индустриските развојни зони и  значењето на извозот од ТИРЗ-овите за економијата во земјата?

По 5-6 години интензивни активности, со сите дадени поволности и нарушени пазарни принципи на стопанисување меѓу домашните и странските инвеститори, резултатот е повеќе од скромен. Во март годинава, директорот на зоните, Виктор Мизо, недвосмислено кажа дека моменталната бројка на вработени изнесува само 5.400 (во 2012 година 1.270 работни места, во 2014 година- 2.500, во 2014- 3.500 во 2015- 4.900), а со проекциите за 2016 година се предвидува дека бројот ќе достигне 7.100. Веројатно затоа и се крие износот на стимулациите. И самите не можат да го „сварат“ во однос на моментално вработените 5.400 односно 7,100 вработувања, ако бидат до крајот на 2016 година. Но, за волја на вистината перцепцијата кај народот е сосема поинаква. Повеќето од нив имаат впечаток дека состојбите се поповолни, бидејќи власта постојано се фали со проектот „Инвестирајте во Македонија“, за кој потроши и големи средства за промовирање по светот.

За искривената перцепција не е виновен народот, туку тие што манипулираат со него. Спинувачите на информаци, за да постигнат поголем ефект, посебно последните неколку денови манипулират со бројката од 17.000 работни места во ТИРЗ-овите. Во пропагандни цели неа ја користи и директорот Мизо. Со таа разлика што тој свесно не објаснува што значи креирани работни места, со цел спинот да му биде успешен. Или со други, зборови бројката не се однесува на моментално вработените во ТИРЗ-овите, туку на работни места кои се очекува странските компании да ги отворат кога ќе стигнат до оптималната бројка за производство. Што би се рекло, не умри магаре до зелена трева, доколку се има предвид дека годишните порасти на вработените се движат од 1000-1500 работници. А ќе се согласите дека не е сеедно дали денеска се 5.400 или 17.000 вработени.

Да не зборуваме за цената која земјата ја плаќа за остварување на крајната цел- зголемување на бројот на вработените, особено по одобрувањето на буџетски субвенции за платите на вработените. Криењето на бројките за повластиците на фирмите во ТИРЗ-овите ги подгреваат сомневањата дека резултатите од најподржуваниот проект на власта можат да се сведат на „повеќе дара од масло“.

На ова упатуваат и спинуваните информации за порастот на извозот во зоните. Во минатата година износот достигна 1,5 милијарди евра, а за годинава се очекува да се зголеми за дополнителни 25% т.е. да се приближи до 2 милијарди евра. Бројките се импресивни сами по себе. Меѓутоа, за стопанството во Македонија би биле од големо значење само доколку за толку го зголемеа  извозот што го остваруваше Македонија пред да почнат високите порасти на извозот од фирмите во зоните. А бројките покажуваат дека тоа не е така.

 Во 2015 година извозот од Македонија изнесувал исто како во 2011 година (4,5 милијарди долари). Тоа значи дека за колку се зголемил извозот од ТИРЗ-овите за толку се намалил извозот на домашните бизнисмни. Нормално се поставува прашањето- во што е придонесот  на странските инвеститори во развојот на македонското стопанство? Ако намерата беше да се потиснуваат македонските извозници, во тоа повеќе од сигурно се успеа.

Спинот ја заврши својата функција. На спинувачите им обезбеди и една и друга и трета победа. Но, народот изгуби. Го убедија дека треба да се радува на фабриките во ТИРЗ-овите, но очигледно е  дека тој е повеќе зијан од колку ќар.  Порастот на извозот од ТИРЗ-овите ги потиснува потребите за создавање и водење на извозно ориентирана развојна стратегија на земјата, со која ќе се обезбеди  извозно преструктурирање на стопанството. Тоа е единствениот пат преку кој може да се бара и очекува одржлив развој, се разбира без спинување. Притоа, се разбира, во остварувањето на развојните цели треба да се поддржат и  странските инвеститори, но, не да им се припишува  моќ дека тие ќе  не’ извлечат од калта во која паднавме, по вина на власта. Тие тоа не можат да го прават. Нивната цел е попрозаична. Работаат за максимирање на профитот. 

Веќе е краен момент да се соочиме со вистината. А таа е сурова. Ниту имаме толкав број на вработувања колку што се спинува, ниту имаме толку голем реализиран извоз од ТИРЗ-овите. Имаме само спинување на информации каде за среќа во последно време фактите  ги распрснуваат  владините спинови за „успесите“. И тоа допрва ќе ни се случува, затоа што спинот е лага или ако сѐкате извртена вистина, а на лагата ....

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД