24 Април, 2024
0.0301

Фејсбукот и религијата, недоумици за моралната хипокризија!

Објавено во: Колумни 01 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Дали е грев свештено лице да има свој фејсбук профил, дали е смртен грев  свештеник да изнесува свои индивидуални гледишта и ставови на својот приватен фејсбук профил и дали е догматски грешно и религиски неопростиво едно свештено лице да полемизира со обичниот клер на социјалните мрежи?

Каде е границата меѓу светото и профаното, меѓу световното и светото и дали овоземските прашања, интереси и благодети треба и се достапни за избраните, за оние кои се повикани да ја шират религиската идеја и да бидат врзното ткиво меѓу севишниот и обичниот верник? И не само овие, туку и низа други прашања се наметнаа деновиве, многу дилеми се изнедрија и тоа како резултат само на една одлука на МПЦ-ОА да се забрани користење на социјалните мрежи од страна на највисокото свештенство.

Постои недоумица во однос на моралната двојба или малку посурово кажано моралната хипокризија

Искрено, како социолог на религија сфаќајќи ја религијата како еден од најспецифичните социолошки феномени, воопшто ја немам дилемата за грешноста при користењето на социјални мрежи од страна на свештени лица, и тоа го говорам врз основа на аргументи за кои лично сметам дека се факти, а пред фактите и Боговите молчат. Ајде да појдеме од една општа примеса за улогата на материјалното во религиските системи и користењето на материјални бенефити и одредени сретства кои се дел од совремието од страна на свештенството.

Да не бидам погрешно сфатена, апсолутно стојам на тезата дека религијата треба да биде во функција на развој и просперитет на едно општество и во суштина да ги потенцира и на површина истакнува моралните аспекти, бидејќи во суштина монотеистичките религии се етички системи. Поаѓајќи од тие постулати кај мене постои недоумица во однос на моралната двојба или малку посурово кажано моралната хипокризија што се јавува во овој случај. Имено, ако се оди од исконското и догматското кое е срж и суштина на самата религија, тогаш ништо материјално не треба да биде дел од животниот дискурс на свештените лица, вклучувајќи пред се предмети кои имаат материјална вредност.

Исто така ниту еден бенефит од совремието не треба да се користи од страна на свешените лица, почнувајќи од сретствата за масовна комуникација-пишаните и електронски медиуми па се до современите превозни сретства. Ако се оди по исконското, тоа значи аскетско, тоа значи задоволство во сиромаштво и едноставност, а никако уживателство во луксузни добра за кои религијата во своите свети книги има посебно поимање и препораки. Не случајно го споменав двојството во однос на моралот бидејќи не може за одредени нешта да се биде отворен, и истите да се прифаќаат без цензури, со отворено срце и чист ум, а за друго, слично, ако не и идентично, да се биде огорчен противник и да се етикетира оној кој се приклонил кон тоа како голем Богохулник. Религијата не подразбира двојство, религијата не подразбира компромиси, религијата подразбира чист став и догматски пристап.

Свештеното лице, преку својот фејсбук профил и те како ја извршува интегративната функција на религијата

Токму почетоците на отвореност што се случија во рамките на нашата верска организација беа поздравени, посебно од младата категорија, бидејќи почна да провејува позитивен дух и енергија која на моменти делуваше како синергија врз верниците и која придонесе за враќање на религијата на пиедесталот на најзначајни општествени феномени во современото општествено битисување.

Мој став личен и како деклариран верник, односно изразувајќи го мојот субјективен однос кон религијата, но и како научник кој повеќе од петнаесетина години научно пристапува на феноменот религија е дека верските организации и нивното лидерство треба да бидат во склад со современите општествени текови, вклучувајќи ги тука и комуникациите остварени преку социјалните мрежи,  бидејќи од тоа ќе имаат повеќе бенефити. Свештеното лице, преку својот фејсбук профил и те како ја извршува интегративната функција на религијата и тоа пред се што општи и комуницира истовремено со голем број верници, кои можеби и меѓу себе не комуницираат, но ги врзува идеолошката приклоност кон сопствената религија. На тој начин можат и да разменат мислења околу одредени значајни религиски прашања, но и да осознаат одредени постулати кои се дел од нивната религија, а кои во минатото не можеле да ги осознаат.

Исто така посебен е пристапот кон лицата со посебни потреби и сиромашните, бидејќи дел од нив не се во можност да посетуваат верска институција, а се декларирани верници и токму преку социјалните мрежи им се овозможува ука и поука за сопствената религија, но и споделување на мисли и размисли со своите верски истомисленици. Исто така значајна е и етичката компонента на религијата, бидејќи свештените лица укажуваат често пати преку одредени писанија на моралноста и вредностите кои се вткаени во нивната религија и со тоа им помагаат на верниците вредносно и морално да се надградат. Секако дека социјалните мрежи и нивното користење од страна на свештени лица има и друга бенефит и тоа првенствено во приближување на религијата до младите генерации.

Фејсбук и твитер се користат во најголема мера од категоријата граѓани кои се на возраст меѓу 15 и 30 година и токму тоа е и ползата од аспект на придобивање на верници од младата популација. И уште низа други предности имаат социјалните мрежи, но на крај само ќе истакнам, дека не е грев некое свештено лице да полемизира или изнесува одреден свој личен став или пласира одредена религиска идеја на социјалните мрежи бидејќи ерата на информационата технологија допрва доаѓа, бумот на интернетот го следат младите и токму како иднина на едно општество на нив може да се влијае да бидат добри граѓани, а секако тоа најдобро се прави преку религиски постулати кои се извор на моралност и вредносност. Религиската толеранција треба да биде пред се и над се и таа не треба само декларативно да се крева на пиедестал на најзначајни принципи, туку треба и да се имплементира во праксата, доследно и вистински, а тоа подразбира можност секој да си го каже своето мислење без да биде повреден и навреден.

Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок