28 Март, 2024
0.0414

Фестивалскиот туризам како извор на приходи за Република Македонија

Објавено во: Колумни 17 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

          Според преданието, Господ го создал светот за седум дена. Последниот ден ја создал нашата земја. Сета убавина што Господ заборавил да ја стави во другите земји, била доделена на Македонија. И така сме добиле преубави планини, шуми, езера... Кога видел Свети Петар што направил Господ, му ставил забелешка дека убавините со кои е дарувана Македонија едноставно се премногу, дека ниедна друга земја не е толку убава. На тоа Господ рекол: „Сега ќе создадам таков народ што ниедна природна убавина нема да му помогне!“

          Речено – сторено. Сме добиле се што можеме да посакаме, а не знаеме тоа да го цениме. Прво за себеси не знаеме да ги цениме и ползуваме природните убавини што ги имаме, а потоа не знаеме тие убавини да им ги понудиме на туристите за да добиеме некое евро или долар повеќе во нашиот буџет. Во моментов нудиме само сонце и чист воздух кога е во прашање планинскиот туризам. Или само сонце и плажи (какви – такви) кога е во прашање езерскиот туризам. И ништо повеќе од тоа. Гостинот, и да сака, нека каде да ги потроши своите пари. Понудата на културни настани многу често е бледа, без сјај, без обмислена програма што ќе ги задоволи префинетите вкусови. Организираните излети и екскурзии се ретки, а можноста бивши таксисти и пропаднати студенти да глумат туристички водичи веројатно ја има само во нашата земја. На туристите им е многу подобро преку интернет да се информираат за одредени културно – историски споменици во нашата земја, зашто она што ќе го чујат од „туристичките водичи“ само ќе ја зголеми нивната конфузија. Секоја чест на исклучоците. Полека, но сигурно се доведовме во ситуација да бараме од туристите само да ни ги пратат парите, без да мора тие самите да доаѓаат. Зашто ако дојдат, не знаеме што да им понудиме. Рекламите што се вртат по нашите телевизии во последно време навистина го побудуваат вниманието и сами по себе се доста креативни. Во некои други времиња можеби и ќе се насмеевме на нивната содржина, но тие реклами се само одраз на нашата сурова реалност. Деновиве се појави информација дека бројот на туристи е зголемен за 11,2%, гледано од месец оваа година во споредба со месец од претходната година. И така веќе четири месеци по ред. Тоа е процент што може да радува, но служи само како појдовна основа во анализата. Битен е бројот на туристи, но многу е побитно колку пари ќе потрошат тие туристи. Од потрошените пари на туристите бенефит ќе имаат и нивните непосредни домаќини и стопанството и буџетот. А туристите нема да ги потрошат своите пари ако туристичката понуда е крајно лимитирана. Една од светлите точки која го разбива сивилото околу нас е Фестивалот на пивото во Прилеп. Овој фестивал се одржува веќе по единаесетти пат. Со добрата организација и уникатната понуда на пиво, скара и добра музика се повеќе го привлекува вниманието во земјата и регионот. Се очекува оваа година Прилеп и Пиво фест да го привлечат вниманието на околу 400.000 посетители. Голем број на субјекти ќе имаат директен економски бенефит од фестивалот. Хотелите и приватните сместувачки капацитети од Прилеп и околните градови ќе бидат максимално искористени. На фестивалот ќе бидат присутни сите пиварници од земјата, како и голем број на ресторани и гостилници. Количината на продадена скара и испиено пиво секоја година соборува рекорди. Секако, понудата ја збогатуваат и внимателно избраните музички ѕвезди кои со своите настапи ќе го комплетираат убавиот впечаток. Ако секој од очекуваните 400.000 посетители потроши минимум по десет евра, се очекуваат минимални приходи од 4.000.000 евра. Нормално, трошоците на субјектите кои настапуваат на фестивалот не се мали, но и приходите не се за потценување. Сето тоа за 4 дена колку што трае фестивалот. Навистина импресивно. Манифестациите како Пиво фест заслужуваат внимание и целосна поддршка од пошироката јавност. Мораме да сфатиме дека туризмот не е само езеро или планина, дека фестивалскиот туризам и тоа како може да биде значаен извор на приходи. Развиениот свет тоа одамна го има сфатено и им придава големо значење на манифестациите од овој тип. Време е и ние да го прифатиме фестивалскиот туризам како дел од нашата културна и туристичка понуда по која ќе бидеме препознатливи кај домашните и странските гости.   д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?