24 Април, 2024
0.0263

Флертот меѓу Ердоган и Путин му пречи на Западот

Објавено во: Анализа, Свет 06 Август, 2016

Добивај вести на Viber

18 илјади притвори, 40 илјади пасоши прогласени за неважечки, 51 илјади отпуштени, меѓу кои и 21 илјади учители, 15 затворени универзитети, 3 илјади отпуштени или уапсени судии и помеѓу 6 и 10 илјади воени лица кои се приведени, затворени медиуми ... Ова е само дел од статистиката по обидот за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули.

Сега Западот ги следи со загриженост следните чекори на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. И има основа за тоа, пишува Hebdo. Швајцарскиот весник ја визира претстојната средба меѓу Ердоган и Путин, која ќе се одржи на 9 август во Санкт Петербург.

Турција е членка на НАТО, зазема стратешка позиција на границата меѓу Западот и арапскиот свет, Кавказ и Русија. Турската армија е втората по бројност во Алијансата, дури и во моментов таа да е „дезориентирана“ и под водство на силите на денот во Анкара, додава весникот.

По обидот за преврат во Турција, односите со Русија сепак се загреваат многу брзо. Според швајцарскиот весник има податоци од енкрипција на радио комуникацијата дека руското воено разузнавање го предупредило Ердоган за подготвуваниот удар.

Турскиот министер за надворешни работи Мелут Чавушоглу пак коментира дека земјата добила „целосна и безусловна поддршка од Русија за време на обидот за преврат“. „Му благодариме на Владимир Путин и на сите руски власти“, дополни тој. Чавушоглу е категоричен: „Русија не е само нашиот најблизок сосед и пријател, но и стратешки партнер“.

Во сферата на економијата и трговијата Турција е многу поврзана со Русија, отколку со САД, на пример. Трговскиот промет меѓу Анкара и Москва достигнува до 35 милијарди долари годишно. Очекувањата се дека до 2020 година тој може да достигне до 100 милијарди долари.

ЕУ исто веќе не е оној партнер кој може да го привлече вниманието на турскиот претседател, додава швајцарскиот весник. Унијата е расклатена од идеолошка криза, безбедносни проблеми, економска стагнација, криза во еврозоната, чиј крај не се гледа, Брегзит и други сили.

Самата турска економија се соочува со сериозни тешкотии и врската со Москва ќе е од клучно значење. „Ердоган има потреба од добри вести“, коментира уште Hebdo. Според изданието еден од проектите кој ќе се рестартира за време на разговорите меѓу Путин и Ердоган идната недела е „Турски поток“. Разговорите ќе се вртат и околу друг енергетски проект - АЕЦ „Акјују“. Турција се надева и руските туристи дека ќе ја спасат сезоната на локалните одморалишта.

Ердоган едвај ќе дојде до крај во провокацијата против Западот - да одлучи да се повлече од Алијансата на пример, признава швајцарскиот весник во својот коментар. Турскиот претседател сепак сака да им покаже на ЕУ и на САД дека се уште има неколку скриени карти во ракавот. Иако Анкара често има проблеми со демократијата, особено во последните месеци, нејзиното членство во НАТО не е ставено под сомнение од 1952 година наваму.

Земјата не ја напушти Алијансата по успешните преврати во 1960 година, 1971 година и 1980 година.

А и денес НАТО повеќе од кога има потреба од Турција во борбата против „Исламска држава“. САД исто така не влегуваат во конфликт со Анкара, бидејќи не сакаат да го изгубат своето присуство во базата Инџирлик во близина на сириската граница, во која се чува и нуклеарно оружје. Токму од оваа база полетуваат авионите на сојузничките сили  кои ги напаѓаат камповите на „Исламска држава“ во Сирија.

Турција и Русија се наоѓаат во спротивните кампови во однос на Сирија, дополнува Hebdo. Сега сепак ситуацијата и таму почнува да се менува, а Ердоган ќе има потреба од Путин, за да се спречи создавањето на курдска држава на север од Сирија.