Гацов: Со новата минимална плата текстилците се најголеми добитници
Објавено во: Економија 04 Август, 2017
Даночниот експерт Павле Гацов дава повеќе детали околу начинот на кој ќе се пресметуваат придонесите за минималната плата која со владина одлука е даден предлог да се зголеми на 12.000 денари месечно за сите дејности со тоа што работодавачите ќе добиваат и соодветна буџетска помош, секако доколку измените се изгласаат во Собрание.
- „Урок“ за новата МИНИМАЛНА ПЛАТА (МП) што ќе биде задолжителна од месец СЕПТЕМВРИ 2017 година.
Пресметка:
------------------------------------------------------------
Нето износ на МП = 12,000
Придонеси = 4.625
Персонален данок = 505
------------------------------------------------------------
БРУТО Минимална ПЛАТА = 17.130 денари
Овој износ (17.130 денари = 278 евра месечно) е вистинскиот трошок за работодавачите.
Важни детали:
Со новиот износ на Минимална БРУТО плата (17.130 денари; Минимална нето плата со вклучени придонеси и персонален данок на доход), станува депласиран износот на најниска основица за пресметување на придонеси за социјално осигурување, кој за 2017 година изнесува 16.439 денари.
Имено износот од 16.439 денари треба да биде „заштитен“ за социјалните придонеси кога се исплатуваат пониски плати.
Потсетувам дека актуелната минимална плата изнесува 10.080 денари, освен за одделите: 13 - Производство на текстил; 14 - Производство на облека; 15 - Производство на кожа и слични производи од кожа, за кои минималната плата изнесува 9.590 денари.
Со зголемувањето на минималната плата најголеми добитници ќе бидат токму вработените во овие три дејности (зголемувањето за нив изнесува 2.410 денари месечно или 25%).
Да не заборавиме дека, за работодавачите е најавена буџетска поддршка за исплатата на зголемената минимална плата. Зголемувањето на минималната плата изнесува 19% (12.000 во однос на 10.080 денари).
Со среќа нека им е новата мерка на засегнатите работници, пишува експертот Гацов.