Ѓукановиќ и по децении пак размислува да биде претседател на Црна Гора
Објавено во: Балкан 20 Ноември, 2017
Мило Ѓукановиќ како да прави пауза од децениското владеење со Црна Гора, па размислува повторно да се кандидира за претседател на државата во која слегна прашината по „галамата“ која се крена со нејзиното зачленување во НАТО па и обидот за организирање атентат врз вечмиот политичар.
– На претстојните претседателски избори ДПС ќе предложи доволно квалитетен кандидат, со кој ќе оствари важна политичка победа и ќе ја зацврсти евроатлантската насока на Црна Гора, изјави Ѓукановиќ во интервју за хрватскиот весник „Вечерњи лист“.
Ѓукановиќ нагласи дека сепак, не е исклучено на изборите, што ќе се одржат најверојатно во март следната година, токму тој да биде кандидатот на ДПС за претседател.
– Кога и да биде потребно ќе направам се со цел тоа оставрување да се зачува и унапреди, па затоа никогаш нема да бидам во дилема дали да се ангажирам или не, порача Ѓукановиќ.
Како што јави МИА, Ѓукановиќ кон крајот на октомври изјави дека „се подготвува да заземе една од највисоките функции во државата“, но ДПС е таа што ќе реши дали тој ќе биде премиер или ќе се кандидира за претседател, а на почетокот на месецот во настап на една трибина ја остави отворена можноста да се кандидира за нов претседателски мандат.
Ѓукановиќ од минатата година не врши никаква голема државна функција, освен што и натаму ја предводи владејачката партија ДПС. Тој беше претседател на Црна Гора од 1998 до 2002 година, а премиер во безмалку целиот преостанат период од 1991 до 2016 година.