18 Април, 2024
0.0233

Големи и мали

Објавено во: Колумни 26 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

Во моите училишни денови една од задолжителните лектири беше “Големи и мали” од Бошко Смаќоски. Кога за прв пат ја прочитав книгата, мислев дека термините големи и мали се однесуваат на возраста на луѓето. Нели, возрасните беа големи, а ние децата бевме мали. Требаше да поминат многу години, па и јас и моите другарчиња од училишните клупи да сфатиме дека поделбата на големи и мали е релативна работа, дека нечија големина не може да се мери само според возраста, материјалната состојба и другите квантитативни показатели.

Како во многу други области, така и во спортот постои поделба на големи и мали. Големите најчесто доминираат над малите, што поради својот квалитет, што поради сплетот на околности, а не е мал бројот на случаи кога оние што ги донесуваат одлуките се наклонети на страната на големите. Малите се и премногу мали, за да можат да им забележат на одредени фактори за фаворизирањето на големите. Шпанија секако им припаѓа на големите. Во повеќе спортови, а посебно во фудбалот. Во последните неколку години освои две европски и една светска титула, а начинот на кој шпанските фудбалери ја играат оваа игра ги освои срцата на вљубениците во “бубамарата” ширум светот. Ништо чудно идната година Шпанија повторно да доминира на светското првенство во фудбал. Шпанските гиганти Барселона и Реал Мадрид исто така им припаѓаат на големите. По својата моќ, влијание и број на приврзаници можеби се најголеми во светот. Нивните натпревари со нетрпение се очекуваат, а популарното Ел Класико секогаш привлекува милијарди приврзаници пред малите екрани. И ете, во близина на јужното крајбрежје на Шпанија се нашол “малиот” Гибралтар, кој настојува да го најде своето место под сонцето. Оваа земја која по површина е голема колку едно предградие на Барселона или Мадрид (нешто помалку од 7 квадратни километри), е британска територија. Сувереноста на Гибралтар со години е камен на сопнување во односите помеѓу Шпанија и Велика Британија. Шпанија на два пати се обидуваше да го наметне својот суверенитет над Гибралтар, но жителите на оваа островска земја тоа го одбија на референдумите одржани во 1967 и 2002 година. Едноставно, луѓето сакаат да имаат своја држава, иако одбраната и надворешните работи на оваа земја и денес претставуваат обврска на владата на Велика Британија. Покрај другите елементи, една од карактеристиките на секоја независна држава е постоењето на фудбалска репрезентација која рамноправно ќе учествува во меѓународните натпревари. Сите знаеме дека фудбалот е најважната споредна работа во животот, а фудбалерите (и спортистите, во целина гледано) се најголемите амбасадори на една земја. Затоа и Гибралтар минатата година побара и доби провизорно членство во европската фудбалска асоцијација – УЕФА. Наскоро УЕФА треба да одлучува за полноправното членство на фудбалскиот сојуз на Гибралтар во своите редови. Веројатно тоа беше премногу за големата Шпанија. Оваа земја одлучи да се послужи со уцена, закана, со нешто што не и доликува. Најави дека ќе ги повлече Барселона и Реал Мадрид од европските натпреварувања, доколку УЕФА му дозволи на Гибралтар да учествува во натпреварите кои се во нејзина организација. Веројатно шпанската влада и шпанската фудбалска асоцијација ги помешале лончињата, па се обидуваат преку спортот да решаваат политички проблеми. Доколку Шпанија навистина ги повлече Барселона и Реал Мадрид, тоа несомнено ќе биде голем удар и врз фудбалот и врз спортот во целина. Милиони љубители на фудбалот ќе останат лишени од мајсториите на големите фудбалски ѕвезди кои настапуваат во овие гиганти. Навистина би било штета ако дојде до такво нешто. Па сепак, сите ние треба да се прашаме. Дали е баш така? Дали фудбалската умешност на Меси и Роналдо е поважна од судбината на народот на Гибралтар? Можеби токму во овие моменти на овој мал остров некои деца играат фудбал на улица сонувајќи дека еден ден ќе станат Меси или Роналдо. Треба ли тој сон да им биде одземен поради моќта на “големите”? И конечно, за кого ќе навиваме следната година? За “големите” или за “малите”? д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок