19 Април, 2024
0.0261

Гради, немој да рушиш

Објавено во: Колумни 12 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Целта на секој политичар треба да биде да се изгради нешто, да се реформира нешто или да се реализира некој проект по кој граѓаните ќе го паметат, но ќе го паметат за добро. Наместо да се заглавуваме во меѓусебни пресметки и подместувања, конечно, како политичари треба да разбереме дека целта на нашата работа е да се сработи нешто, а не да се руши и да се негира веќе направеното. Можам да се согласам дека во нашето општество има различни ставови во однос на изградбата на повеќето згради и објекти од проектот „Скопје 2014“, но исто така сакам да потенцирам дека различни ставови и мислења има и во поглед на реализација на проекти што немаат врска со „Скопје 2014“ и се однесуваат на објекти изградени во Македонија. Различни ставови, с` до спротивставеност, имаше и при изградбата на Плаошник, при изградбата на Велешкиот театар, различни ставови имаше и во врска со градежната реконструкција на болниците во Македонија, различни ставови имаше и во однос на потребата, основањето и изградбата на објект за новиот Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, како и за десетици други... Но, за среќа, никому досега не му дојде напамет да руши или да стопира или да прогласува за диви градби објекти што биле изградени пред него, а кои нему или на одреден број луѓе не му се допаѓаат. Не сме толку богато општество за да си дозволиме рушење на веќе изградени објекти. Нормално е да имаме различни ставови, но не е нормално да ги негираме туѓите. Ако не биде така, се наметнува прашањето дали можеме да очекуваме кога еден ден СДСМ ќе се врати на власт, дека е можно да го сруши Велешкиот театар, или да ја преора третата лента на Плетвар, или да го сруши кејот на Дојранското Езеро или да ја затвори економската зона во Бунарџик каде што веќе работат десетина фабрики? Таква чест за себе си припишува опозицијата со последните постапки во Општина Центар. Тоа е наметнување нов негативен стандард во политиката. Тоа значи кој на кого повеќе проекти ќе му сруши или повеќе проекти ќе му ги закочи. Тоа значи дека ВМРО по своето доаѓање на власт требаше да руши и да прогласува како диви градби објекти или проекти направени во период кога владееше СДСМ (за волја на вистината нема такви, но како принцип), а не да гради нови и да создава нови вредности. Тоа ќе н` доведе во самодеструкција. Добронамерни се пораките кога велиме дека не треба да се руши. Најдобро за политичкиот натпревар, но и за државата, би било онаму каде што опозицијата е на власт да изгради други објекти и да спроведе свои проекти. Нема потреба да руши. Нека покаже дека знае да работи и дека знае да изгради нешто. Така луѓето ќе знаат и да измерат дали нешто е убаво или не. Така луѓето ќе знаат да видат кој гради подобри објекти. Зар мала е Македонија и зар мала е општина Центар? Нека повелат колегите од опозицијата да направат нешто поинакво од она што власта го направила. Нека повелат да прават нови спортски објекти, нека градат нови културни објекти, нека градат нови училишта и градинки, нека направат неколку булевари. Па после да седнеме и да споредуваме дали тоа што власта го направила е добро или тоа што опозицијата (како власт во општина Центар) го направила е подобро. Вака ем нема ништо да градат (ниту училиште и градинка што ги ветуваа во изборната кампања) ем сакаат да стопираат, да прогласуваат диви градби, а можеби и да рушат објекти што веќе се градат. Старите велат што ќе изградат илјада паметни луѓе, еден будала може да сруши. Лесно е да се руши, лесно е да се блокира, тешко е да се гради. Поради тоа, Општина Центар не се осмелува да гради, туку сака да руши и да блокира. За мене е неприфатливо преку ноќ да се закажуваат седници на Советот, на кои треба да се носат одуки од круцијално значење за која било општина. Таквата постапка укажува на фактот дека некој сака да скрие нешто. Дополнително имајќи го предвид фактот дека опозицијата во општина Центар победи со минимална разлика, во сооднос 12:11, треба начинот на расправа и на одлучување да биде далеку поконструктивен бидејќи во општина Центар малку под половина се и граѓани што не се согласуваат со политиката на актуелната општинска власт. Да потсетам, кога Советот на Град Скопје носеше одлука за промена на имињата на улиците, група од членови на СДСМ и на ЛДП протестираа, но им беше дозволено да влезат и да ја проследат седницата на Советот. За жал, тоа не е пример и сега кога со измени на урбанистичкиот план Општина Центар сака да ја прогласи кака дива градба црквата што веќе се гради. Да потсетам и дека седниците на советите, според законот, се јавни и на нивното одржување граѓаните имаат право да присуствуваат. Заклучување на Општината со катанци, забрана за влез на граѓани и одбивањето средби со нив претставува врвен степен на политичка ароганција. П.С. Да кажете дека е погрешно да бидете патриот значи дека е погрешно да ја сакате сопствената држава бидејќи зборот патриот или патриотизам значи токму тоа, да ја сакаш својата држава. Си замислувам претседател на САД да каже некогаш дека е погрешно да се биде патриот и си замислувам каква ќе биде реакцијата на најсовременото демократско општество кон такви несреќен став и позиција. Ако не си ја сакаш земјата, како би можел да ~ помогнеш? Илија Димовски објавено во Дневник

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок