ГРЧКАТА ВЛАДА ОТКРИ: Kои отворени прашања ќе ги разгледуваат Димитров и Коѕиас?
Објавено во: Балкан 10 Февруари, 2018
Од грчката Влада велат дека за сите отворени прашања во рамките на преговорите ќе разговараат министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕиас на нивната следна средба.
Одговарајќи на новинарско прашање, на вчерашниот брифинг, во врска со ставот на грчкиот претседател и други политичари во Грција дека се неопходни и измени во македонскиот Устав, Димитрис Ѕанакопулос, потенцира дека е потребна промена на уставното име, но и ревизија на евентуални одредби во Уставот кои алудираат на иредентизам.
„Сакаме сложено име кое што ќе важи за сите и ќе биде за севкупна употреба. За да важи за сите, предуслов е промена на уставното име на соседот. Без промена на уставното име на соседот, не може да биде исполнет предусловот да важи за сите. Промена на уставното име за да биде правно исправно, бара и промени на Уставот на соседната земја“- вели Димитрис Ѕанакопулос.
Тој рече дека ако постојат одредби во Уставот на соседната земја, кои би можеле да упатуваат на иредентизам, ќе треба и тие да се ревидираат.
На почетокот на идната недела ќе се одржи новата рунда разговори во спорот околу името меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција со посредништво на медијаторот Метју Нимиц.