Грција останува „критична“, но се појавуваат првите знаци на заздравување
Објавено во: Балкан 04 Април, 2013
Состојбата на Грција, западната во долгови, останува „критична“, но сепак почнуваат да се појавуваат првите знаци на заздравување, изјави грчкиот премиер Андонис Самарас, цитиран од американските медиуми.
Самарас денеска цитираше нови владини податоци, според кои во март, прв пат во последните три години откако грчката економија почна да се урнисува, бројот на вработувања во приватниот сектор го надминал оној на отпуштања.
Грција има највисока невработеност, од над 26 отсто, меѓу европските држави, кои го користат еврото.
Економијата на земјата шеста година по ред е во рецесија, припишувана во голем степен на суровото намалување на расходите и приходите, што беа преземени со цел да се обезбедат меѓународните спасувачки заеми и да се избегне грчкиот банкрот.
Подоцна денеска претставници на кредиторите се очекува да почнат нови преговори во Атина со грчките претставници.