25 Април, 2024
0.0361

Груевски заборава дека не е премиер и дека не е 2006-та

Објавено во: Анализа 24 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

ВМРО-ДПМНЕ предводени од лидерот Никола Груевски промовирајќи ја изборната кампања за општинските избори покажаа дека немаат ништо ново да им понудат на граѓаните и целата порака „Нова ера, ново утро“ повеќе одговара на парламентарни, а не на локални избори. Како ВМРО-ДПМНЕ да започне нова ера кога нивната траеше цели 11 години од кои последните беа особено критични со бројни скандали, преклопување на државата од страна на партијата, огромно ниво на корупција во сите сегменти на власта, кршење на човековите права, рушење на парламентарната демократија, гушење на граѓанското општество и создавање на алтернативна реалност преку нивните пропагандни медиуми кои се дел од цела машинерија за ширење лаги, страв и параноја. 

Сигурно маркетинг советниците на ВМРО-ДПМНЕ увиделе дека тврдокорните пораки повеќе не минуваат така лесно кај граѓаните, голем дел од нив по промената на власта и самите се менуваат бидејќи полека се ослободуваат од административните пранги. Се повеќе ќе се разговара за животната средина, загадениот воздух, нефункционалната инфраструктура, недоволно развиените алтернативни начини на превоз, потребата од велосипедски патеки и враќање на зеленилото. Тоа ќе биде главниот фокус на СДСМ која реши на овие локални избори да одбере сегмент од секојдневното живеење на луѓето кој им е многу важен на локално ниво, а истовремено носи идеолошки поени и се претставува како возвишена цел.

Во најавата на ВМРО-ДПМНЕ речиси и да не споменуваат локални проблеми, туку како да ја чекаме новата програма за владата на Никола Груевски, само што тој заборава дека повеќе не е премиер. Ниту пак, граѓаните така лесно ќе поверуваат дека сега одеднаш ВМРО-ДПМНЕ ќе се трансформира во граѓанска десница, во партија со умерени и напредни ставови, во партија која бара правда и ќе се бори со корупцијата. 

Овие последни две заложби звучат дури и смешно кога доаѓаат од устата на Груевски, политичар кој и самиот е обвинет за повеќе коруптивни скандали, додека пак неговите најблиски партиски соработници не ни можеа да се кандидираат за нови функции само затоа што се затрупани со предмети од СЈО. 

ВМРО-ДПМНЕ се чини дека ја промаши и предкампањската стратегија за ширење на стравот од мигрантите откако најверојатно на локалните избори нема да биде дозволено и одржување на општински рефендуми. На нив ВМРО-ДПМНЕ бараше да се гласа против Владината стратегија за мигранти која е вообичаен документ но, со пренасилена приказна дека во Македонија ќе имало инвазии на бегалци кои ќе добивале државни станови и вработувања. 

Ова помеко, пограѓанско и повизионерско ВМРО-ДПМНЕ треба да биде исчекорување кон промена на имиџот на партијата, но сите се свесни дека Груевски засега е најголемиот кочничар бидејќи во него е изгубена довербата како на домашната така и на меѓународната јавност.

Автор: Христијан Станоевиќ