28 Март, 2024
0.0342

Грујо и гатачката: психологија и алхемија

Објавено во: Колумни 07 Јуни, 2016

Добивај вести на Viber

Вториот дел од насловот, се разбира, е позајмен од книгата на К.Г. Јунг во која тој се обидува да го тематизира тој однос помеѓу психологијата и окултното, мистичното. На оваа студија деновиве ме упати „гатачката сеанса“ на бившиот премиер. Особено, заради еден став кој во книгата на Јунг упорно се повторува – за живоста и целовитоста на религиозното искуство.  И навистина тој е клучен. Ќе се вратиме на него подолу. Сега, да го поврземе ова со едно општо место: постојат луѓе кои едноставно се родени за големи дела и луѓе кои сонуваат да направат големи дела. Вториве, сонувачиве, најчесто се мегаломани кои завршуваат во патологија. Првите не сонуваат, не се мачат, не се напрегаат да ги направат големите дела, не мислат за себе си дека се повикани за големи дела – едноставно само живеат и работат, а од тој живот и работа „природно“ се случуваат големи дела. Затоа што и без да сакаат имаат дар за големи дела. Овие, сонувачите пак, не се водени од никаков посебен дар, освен од длабокото, но погрешно уверување дека се повикани да направат нешто големо. А што? И самите не знаат што, само да е големо, величенствено, да го памети историјата. И таквите мегаломани при тоа имаат само една желба, само една цел – да успеат! Во што? Не е важно, важно е само да успеат. Како велеше „прецедникот“ ни – нема ништо поуспешно од успехот. Та баш и затоа таквите се пробуваат во сè, па каде успеат, успеат, важно е само да успеат. Затоа денес се боксери, утре „актери“ (па и во споредни улоги, дури и статисти), друг ден министри, дури и премиери. Само да се успее! Водени само од таа мегаломанија тие многу често посегнуваат по сè што може да ги направи „големи“, да им помогне во остварувањето на нивната величина. Затоа скоро секогаш, како по правило тие имаат некаков однос кон „окултното“, магиското, „оностраното“... затоа што секоја помош во остварувањето на таа цел е добредојдена. Затоа што тие тоа „трансцендентно“ не го доживуваат како нешто суштинско, нешто автентично, ами само како нешто надворешно, придодадено, нешто што има само и единствено една функција – да им помогне да ја остварат нивната големина. И тука се враќаме на Јунг, кој ни е само референтна позиција да го покажеме тој општо познат „факт“ на секој религиозен поединец – дека религиозното искуство е внатрешно, длабоко лично и интимно, и затоа самодоволно. Тоа не е потребно и посакувано за нешто надвор од него, ами заради самото него. Религиозниот не верува во Бога, „за здравје“, не пали свеќа во Црква „за среќа“, не се моли „за секој случај“, та дури не го прима Бога ниту заради стравот од смртта, ниту заради вечноста (оти ниту таа не му е загарантирана со самиот факт дека верува)... Не се верува заради ништо надвор, туку заради живото внатрешно чувство дека тоа е вистината, па макар и математички да се докаже дека вистината не е иста со Христа, верникот попрво би останал со Христа, отколку со вистината (Достоевски). Религиозното, значи има интристична вредност. Но, не и за оној што сонува дека е предодреден за големи дела. Тој посегнува по него само како по декор, украс, т.е. средство за да му помогне во остварување на неговата величина. И затоа кај овие умислените величини скоро секогаш ќе забележите силна, но лажна религиозност. Тие никогаш не го познаваат религиозното одвнатре, туку само однадвор. И затоа немаат проблем денес да влезат во Црква, утре да гледаат во тарот карти. Особено се слаби не мистицизам. Мистицизмот, ако не е автентичен, ако не е внатре живото религиозно искуство, е опасен окултизам. Сетете се само на „највеликиот“, со највеликата желба да биде голем – Хитлер. Едноставно беше опседнат со окултното и мистицизмот. И околу себе собра сè саде такви: од идеологот Алфред Розенберг, преку Јозеф Гебелс кој политиката ја планираше според астрологијата, до главниот „архитект“ на новата нацистичка религија Хајнрих Химлер. Сите до еден беа нурнати во мистицизмот кој требаше да им помогне да ја издигнат Германската нација до онаа избраната. Сите до еден сметаа дека „се повикани“ за големи дела. Сите сонуваа за големи дела. Тие беа сонувачи. Затоа и отидоа толку далеку – од свастиката, преку Атлантида, до потрага по Светиот грал. Сето тоа не беше ништо друго, освен средства за постигнување на целта. Сиот тој мистицизам, надвор од автентично, лично и живо религиозно искуство не е ништо друго освен мртва идеолигија во функција на оправдување на злоделата. Кај таквите живото религиозно и целовито искуство се сведува на алхемија, на псеудорелигиозност и воедно псевдонаучност. Психологијата и алхемијата се опасен патолошки спој. Затоа, драги мои, пазете се од тие што дење одат в Црква, а навечер гледаат во тарот карти... а при тоа, се разбира, се на општествени позиции што можат да ни ги загорчат животите. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?