Харадинај бара помош од Вашингтон?
Објавено во: Балкан 15 Мај, 2017
Брисел очигледно не може да ги реши проблемите меѓу Приштина и Белград, а ако тоа не му успее ниту на Вашингтон, ние ќе мораме сами „да ја одработиме нашата работа“, изјави синоќа поранешниот косовски премиер и лидер на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај.
„Вашингтон е добар во завршување на работите меѓу Косово и Србија. Но, ако тие не дојдат да ни помогнат, тогаш едноставно не би требале повеќе да чекаме, туку сами да ги одработиме нашите работи. Немаме луксуз да чекаме уште многу време“ - рече Харадинај на предизборен собир на неговата партија во Подуево.
На ваквите изјави реагираше српскиот министер за труд и социјална политика, Александар Вулин, кој изјави дека очекува ЕУ и САД остро да ги осудат „повиците на Рамуш Харадинај на војна“.
„Србија е чувар на мирот на Балканот и прави се за да не дојде до судири“ - вели Вулин.
Според него, ако Харадинај сака да предизвика војна овој пат ќе мора да ја води сам „без целиот свет зад него“.
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ неодамна му порача на Хардинај да си го скрати јазикот.