20 Август, 2017
0.0296

Хихирику

Објавено во: Македонија, Колумни 27 Март, 2017

Бабата го прашува внукот, бабе сакаш кафе, а внукот на тоа, не бабо фала ретко пијам, а бабата одговара-е ако де сине ретко ке ти го направам...една од многуте шеги кои сум ги чула во емисијата хихирику. Емисија за хумор и сатира и заштитен знак на македонското радио, е тоа беше емисијата хихирику. Да велам беше, бидејќи после повеќе од четириесет години постоење истата ја укинаа. Жално, навистина жално,  емисија која беше сведок на различни општествени системи, на многу времиња и невремиња, сведок на бури, немири и покајанија, но и на ведрина, спокој и убавина. Хихирику беше сведок на историски настани, овековечи личности, знајни и незнајни, јунаци од нашето општествено миље, но и апстрактни, имагинарни ликови, кои го прикажуваа обичниот човек со сите свои доблести и мани. Хихирику беше сведок на урнисување на еден систем и градење на друг, промена на едни вредности со други, распад и колапс на грандиозни фирми, но и подем на мали и незнајни претпријатија. И тој сведок на сите општествени случувања во последниве 40 години веќе го нема, згасна, го уништија, го битисаа, го затворија.

Неизоставен дел

Секој добронамерник со носталгија се сеќава на хуморот на Чоре и Ѓокица, на шегите на Гоце и Ванчо, на ненадминливиот Емин Унџел, на Мара Попара и ред други кои беа дел од неповторливата хихирику. Детсвото и младоста ни ја обележа оваа емисија, и покрај многуте згоди и незгоди кои сме ги имале во текот на нашите животи, барем за мене, а верувам и за многумина, хихирику беше негов неизоставен дел. Се сеќавам на викендите, кога во недела наутро, моите родители со утринското кафе и дневниот весник, тивко и милно се смееја и таа нивна насмевка го означуваше утринското будење, мое и на сестра ми. Сите четворица заедно, онака неделно и ритуално, продолжувавме да го слушаме хихирику и да се смееме до солзи на сите шеги и досетки кои беа вткаени во емисијата. И потоа секој на своја страна, ќе не понесеа дневните и неделните обврски, но во секоја пригода, која иницираше нешто интересно и несекојдневно, ќе се присетевме на некоја шега или виц чуен во неделата наутро и повторно насмевката ни ги красеше лицата. Ах времиња, времиња, убави и релаксирани, времиња од кои ни остана денес само меланхолијата и споменот, бидејќи и шегата ќаволот ја однесе.

Зошто симболот на сето добро и впечатливо да се урниса?

А кому ли само му пречеше, кому му беше трн во око хихирику? Па хуморот и сатирата се неизоставен дел од нашата реалност и навистина сум гневна и бесна и постојано во мене врие истото прашање - зошто хихирику, зошто метафората на секое општествено случување, зошто симболот на сето добро и впечатливо да се урниса?

Јас разбирам дека постојат суетни и злобни луѓе, луѓе кои не трпат критика, разбирам дека има личности кои не сакаат шеги на своја сметка, но не можам да разберам дека има такви на кои се им пречи се што не ги глорифицира ним и што не ги крева на пиедестал на великани и онаа мала критика, која дури и директно не ги споменува, внатрешно ги глода и јаде и по секоја цена сакаат да ја уништат.

Хихирику, ти си феникс и ќе изникнеш од пепелта

Големите луѓе, оние интелегентните и праведните, умните и разумните, рационалните и паметните, кои се носители на јавна функции, немаат ништо против мала критика и истата ја сфаќаат позитивно, во духот на разбирањето и можноста за исправка и поправка на она што повеќето граѓани го мислат дека е погрешно. Но такви се малкумина, а за жал или за наша несреќа повеќето се суетни и не трпат критики, сметаат дека се што прават прават добро и во име на народот и ним не можеш да им докажеш дека критиката може да биде и добра и да донесе добри идеи и нови предизвици. Овие вторите не можеа да трпат иронија, не поднесуваа критика, се пронаоѓаа во секој коментар и дури до ниво на параноја сакаат да згаснат се што мислат дека ќе им го урне нивниот рејтинг и нивната слика за добри и доблесни. А нивната слика е одамна урнисана, одамна се прочитани книги и само е жалосно што се што е прогресивно и слободно умно, меѓу кои и хихирику, треба да престане да постои. Не се свесни дека хихирику беше само капка во морето на критики, капка од она се што покажува колку глупавштини и гревови се направени. И да сакаш се да затвориш и уништиш нема да можеш бидејќи постои некоја архива и постојат глумци, кои за разлика од некои кои биле дел од таа емисија, но се продале и предале за само ним познати причини, другите стојат со гордо кренати глави и ќе бидат секогаш сведоци на она што се случувало, требало да се каже, а се премолчело.

П.С. Порано кралевите имале дворски шутови, кои на суптилен начин, преку игра и смеа, ги критикувале, но кралевите не им земале ним за зло, напротив, тие ги учеле за грешките кои се правеле, бидејќи секој друг кој би му кажал јавно на кралот кои се негови грешки ќе бил погубен. Денес нашиве таканаречени кралеви имаат свои шутови, но за разлика од порано тие не им ги покажуваат нивните грешки, напротив, ги величаат и ги воспеваат и за тоа добро си наплаќаат.

П.С.2 Хихирикуууууу, ти си феникс и ќе изникнеш од пепелта, од истата пепел во која многу други дворски шутови ќе заглибат...

Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет - Скопје


Можеби ќе ве интересира

ОД УТРЕ УВИД: Гласачи проверете дали ве има во списокот

ОД УТРЕ УВИД: Гласачи проверете дали ве има во списокот

Тетовци загрижени за своето здравје - бараат чист воздух

Тетовци загрижени за своето здравје - бараат чист воздух

Масовна тепачка во центарот на Прилеп

Масовна тепачка во центарот на Прилеп

Колку се чека на граница?

Колку се чека на граница?

Рашковски за пожарот во Тетово: На кому му е во интерес ова?

Рашковски за пожарот во Тетово: На кому му е во интерес ова?

Царовска: Ниту ќе се градат станови за мигранти, ниту има предвидено буџет за тоа

Царовска: Ниту ќе се градат станови за мигранти, ниту има предвидено буџет за тоа

СОНЦЕ ПА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА: Еве какво време се очекува

СОНЦЕ ПА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА: Еве какво време се очекува

Пожар беснееше близу „Казандол“

Пожар беснееше близу „Казандол“

Валандово ќе ја реши судбината на „Казандол“

Валандово ќе ја реши судбината на „Казандол“