20 Април, 2024
0.0249

За хипокризијата во македонското општество

Објавено во: Колумни 29 Март, 2013

Добивај вести на Viber

Одредени животни настани, случувања , моменти на радост и тага кои се дел од нашето битисување  не тераат да се навратиме на одредени прашања, кои навидум се неважни и несуштествени, но од друга страна, се олицетворение на човечноста кај луѓето. Дали заборавивме искрено да се смееме и плачеме, Дали солзите што се ронат низ нашето лице се вистински или изнудени, Дали насмевката што ја споделуваме е искрена  или наместен мускулен акт, Дали прегратката е топла и од срце или студена и лажна, Дали зборовите што ги изговараме при средба со драги и ближни луѓе, или случајни добронамерници се одраз на нашата чиста мисла или кованици кои претходно сме ги осмислиле. И конечно најважото-колку хипокризијата не завладеа нас, колку самите сме свесни за мисловното и изговореното и дали не зафати пајаковата мрежа за потреба на  себеспасение и по цена на губењето на сопственото јас?

Многу прашања а еден едноставен одговор-времето во кое живееме и егзистираме, комуницираме и работиме не направи сурови и единки кои искреноста и чистата мисла и збор ја ставија позади посакуваната постапка и одговор.

Дволичноста е особина на слабаците      На овие прашања се навратив деновиве, а повод беше смртта на новинарот Младенов , симбол на храброста, достоинството, непокорот, човек со чиста мисла и збор, човек кај кого хипокризијата беше туѓ и непознат поим. И секој од нас многу пати не се согласувал со одредени тези напишани од него во медиумот, предизвикувале нервоза читајќи ги и размислувајќи за импликациите кои можат да бидат предизвикани од одреден текст или медиумски напис, но малкумина имале храброст јавно да го искажат тоа, да полемизираат со здрави аргументи и јавно да искритикуваат.  Уште помалку се оние кои в лице ќе ти ги соопштат недостатоците, мааните, но и ќе те пофалат искрено и доблесно ќе ти поделат епитети кои ти доликуваат. Дволичноста е особина на слабаците, на оние со неизграден морал и вредносен дискурс, на луѓето чиј интелектуален хабитус е ограничен и затворен, на оние на кои зборовите доблест, чест, углед, искреност, вистинитост им се туѓи и не се дел од нивниот вокабулар. Но тогаш на ум ви оди мислата дека ако мнозинството се дволични дали тоа подразбира една едноставна хипотеза дека мнозинството граѓани ги поседуваат погоре споменатите особини. Дефинитивно мојата претпоставка паѓа во вода бидејќи активностите, дејанијата и решенијата кои произлегуваат од нашите луѓе се добри, мудри и вистински решенија. Побивајќи ја сопствената хипотеза доаѓам до еден друг заклучок, дволичноста и неискреноста кај нас се одраз на специфичното време кое го живееме, на несигурноста и турбуленциите со кои секојдневно се соочуваме и на стравот за сопствената егзистенција. Се можеш да загубиш само едно не смееш-достоинството и честа Хипокризија на кило и на дело, хипокризија секојдневно и во повеќе дози, хипокризија во етер и низ ветер, хипокризија без визија....Ако се свртиме не толку далеку, во поблиското наше минато ќе забалежиме дека одредени реакции и ставови на луѓето ама воопшто не соодветствуваат со нивниот начин на размислување и делување. Изгубивме значајни дејци, од фелата на уметници, актери, музичари, политичари, личности од интелектуалната елита и она што можеше да се забележи се жалопојките и пофалбите за секој од нив и на сите нивоа. Стихови отпеани, зборови напишани, статуси посветени, дебатирани и коментирани и сето тоа по болната вистина за престанокот на некој човечки живот, за некој кој бил признат и познат, но и оспоруван и критикуван. Нема потреба од кревање на пиедестал на оној кој до вчера си го оговарал и критикувал, не те прави почовечен зборот изречен-пофалбен за него и пресликан во некој текст и некој статус, многу подостоен ќе бидеш ако останеш на ставот на кој што претходно си бил. Искреноста се наградува и цени, хипокризијата е видлива и краткотрајна, историјата ќе суди и расудува за оние вистинските, добрите, доблесните, искрените. Се можеш да загубиш само едно не смееш-достоинството и честа, бидејќи ако нив ги загубиш немаш морално право да го носиш епитетот човек во вистинска смисла на зборот. Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок