ХОЈТ БРАЈАН ЈИ ВО БЕЛГРАД: Не може да седите истовремено на две столчиња
Објавено во: Балкан 24 Октомври, 2017
Не може да седите истовремено на две столчиња, изјави вчера во Белград заменик помошникот на американскиот државен секретар Хојт Брајан Ји.
Според него, државите кои сакаат да влезат во ЕУ мора јасно да ја покажат таа одлука.
Ји на Српскиот економски самит објасни дека Србија мора да испрати јасна порака дека сака да биде членка на Европска унија, „а не да балансира меѓу две страни“.
„Важно е земјата да направи стратешки избор, така да тоа биде дел од официјалната политика, како што тоа го направи Хрватска, која членството во ЕУ го стави над сé или Црна Гора во однос на НАТО. Важни се вредностите, важно е делата да бидат посилни од зборовите, да испраќаат јасна порака“ - изјави Ји.
Тој, осврнувајачи се на состојбата во Западниот Балкан, истакна дека САД сакаат овие земји да бидат стабилни за да не предизвикуваат проблеми подоцна.
„Сé додека постојат нерешени спорови постои ризик од конфликти. Сепак, општиот тренд кон мирот и стабилноста е позитивен“ - рече Ји.
Ји вели дека Александар Вучиќ, како претседател и премиер, јасно укажал што е целта на Србија, но и дека сака добри односи со Русија.
Додава дека руската визија за Балканот се разликува од европската.