Хрватска ја сопре екстрадацијата на Морина кој предизвика инцидент со дрон
Објавено во: Балкан 12 Август, 2017
Албанскиот навивач Исмаил Морина барем засега се спаси од екстрадиција во Србија бидејќи Врховниот суд на Хрватска ја укина првостепената одлука на судот во Дубровник Тој на натпреварот на репрезентациите на Србија и Албанија во Белград оперираше со дрон со знаме на „Голема Албанија“ по што настана огромен инцидент.
Според оваа одлука на судот, Морина останува во притвор, до новата одлука за молбата на Србија за негово екстрадирање.
Во соопштението на Врховниот суд на Хрватска се прецизира дека оваа одлука е донесена на вчерашната седница, одржана по повод жалбата на адвокатот на Морина, но дека одлуката е укината по службена должност заради битни повреди на одредбите од хрватскиот Закон за кривична постапка.
Врховниот суд на Хрватска смета дека не е јасно за кое дело било одобрено екстрадирањето во Србија, односно дека заради оваа неразбирливост не може да се испита исполнетоста на низа услови за екстрадиција.
Општинскиот суд во Дубровник, каде Морина се наоѓа во притвор од апсењето по потерницата од Србија, му е наложено од страна на Врховниот суд да ги отстрани сите процесни недостатоци и да донесе нова одлука.
Жалбата на адвокатот на Морина не била разгледана, бидејќи одлуката била укината по службена должност.
Србија го бара предавањето на Морина заради кривично дело предизвикување верска, расна и национална омраза.
Против него е во тек истрага и во Вишото обвинителство во Белград.