25 Април, 2024
0.0339

И јас сум секташка!

Објавено во: Колумни 26 Мај, 2016

Добивај вести на Viber

Обои ме и земи бои што се од срце - рефрен кој деновиве постојано си го потпевнувам, движејќи се енергично и со посебен елан накај шарените револуционери. И не можам да ви го објаснам чувството на убост и вдахновеност кое ме облива со самото стапнување пред СЈО, она чувство на позитивна трема и внатрешен благопријатен немир, небаре сум тинејџерка и одам на прв љубовен состанок. Емотивниот набој кој ме обзема, ме поткрева толку духовно и енергетски, што ќе се изјаснам во духот на поемата за љубовта на Светиот Апостол Павле, можам планини да поткренам. Навистина толку позитивна енергија и толку насмевки и ведрина немам одамна сретнато како сега, кај луѓето од шарената револуција. Не случајно споменав сентенца од Светото писмо Библија, оној сегмент од првото обраќање на Светиот Апостол Павле до Коринтјаните, бидејќи како социолог на религија во катадневни ситуации умеам религијата да ја ставам во функција на секојдневното битисување. Во тој контекст и читајќи го интервјуто на лидерот на партијата која е на власт и до скорешниот премиер искрено се фрапирав од одредени небулози и неукост во контекст на религијата. Како демохристијанин, кој е на пиедесталот на прв човек на демохристијанска партија сметав дека во најмала рака основните елементи и поими кои се суштински за феноменот религија треба да ги познава, а уште повеќе што и неговиот наследник и министерката за култура се социолози и треба малку повеќе ука и наука да им дадат на своите сопартијци за еден од најспецифичните социолошки феномени-религијата. За секој човек кој е академски граѓанин фактите се закон Јас како искрен верник, но и научник кој ја проучува религијата од социолошки аспект еве бесплатно и со полно срце и душа ќе посочам на одредени факти, а нели за секој човек кој е академски граѓанин фактите се закон. Зборот “секта” потекнува од зборот seco, secare, што значи изделување, откинување или во социолошка смисла на религијата изделување на група или дел од мајката црква. Припадниците на сектите, или според врвните социолози на религија Шушњиќ, Вернон, Мек Гир и други, наречени нови верски заедници, имаат свои специфики и елементи. Сектите за свое учење земаат дел или делови од Светата книга ( учење за Апокалипсата и сл.) и тие делови се нивни алфа и омега во теоретскиот опус на својата заедница. Процесот на иницијација во сектите си има свои правила и практицирањето на ритуалите исто така си е специфично за секоја секта. Сектата се разликува од култот и деноминацијата по низа основи. Уште многу научни постулати можам да наведам за да појаснам специфики на сектите, но се надевам дека ова е доволно за да се сфатат небулозите искажани од еден демохристијанин. Кал која се повеќе личи на жив песок Прво и основно сите ние кои сме дел од шарената револуција не сме секташи бидејќи сме припадници на различни конфесии и не сме се одделиле од никакво основно религиско учење, така да синонимот секташи за шарените револуционери не само што не е точен, апсолутно е несоодветен и смешен и нема никаква конотација. Второ иницијацијата за припадност кон шарената револуција не ја правиме со скокање врз програма на политичка партија, напротив, со силна воља и желба и со наше марширање и боење на обележја што лично јас ги вбројувам и поимам како типичен шунд и кич.  Секој припадник на шарената револуција има свој интелектуален хабитус и морален интегритет и срамно е и страшно неуко да се нарекува секташ, бидејќи со тоа само се покажува апсолутно непознавање на еден од суштестевните општествени феномени - религијата. Со секое дело и акт, но и со секој обид да се навредат припадниците на шарената револуција, не само што не се успева во обидот за нивна деградација и дискфалификација, напротив, само се заглибува подлабоко во калта...кал која се повеќе личи на жив песок.... Шарени револуционери да сте ми живи и здрави, вие сте таа сила и енергија што го поткрева духот, го храни срцето и ја враќа насмевката на лицето, вие сте таа сила која сплотува, вие сте олицетворение на ум, храброст и перспективност и вие ја вдахновувате надежта за подобро и просперитетно утре на оваа наша мила Македонија.... Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД