И нафтата потпадна под влијанието на ураганот Харви кој удри врз производството
Објавено во: Свет 08 Септември, 2017
Цените на нафтата се зголемија денеска откако производството на сурова нафта во САД е погодено потешко отколку што се очекуваше од ураганот Харви.
Во исто време дури поголем ураган - Ирма, се насочува кон Флорида и се заканува да предизвика уште поголеми турбуленции во нафтената индустрија, соопштува Reuters.
Фјучерсите на американската сурова нафта WTI остануваат без промена на ниво од 49,09 долари за барел, а на нафтата од типот Брент се зголемуваат со 21 центи, или 0,39%, до 54,70 долари за барел.
Ураганот Харви го погоди Мексиканскиот залив пред две недели, а цените на нафтата првично паднаа, бидејќи речиси една четвртина од огромната рафинирачка индустрија во земјата беше погодена од невремето, намалувајќи ја побарувачката на сурова нафта.
Но, додека секторот за рафинирање постепено се опоравува, истото се случува и со обработката на суровата нафта.
"Повеќето рафинерии продолжуваат со работа и очекуваме речиси целосно закрепнување до крајот на месецот", соопштуваат од американската инвестициска банка Jefferies.
Влијанието на Харви, исто така, се чувствувало во производството на нафта. Во САД тоа е намалено за речиси 8% од 9,5 милиони барели на ден до 8,8 милиони барели на ден, покажува Администрацијата за енергетски информации.