И Прванов се вмеша во дебатата за името на Македонија
Објавено во: Балкан 12 Февруари, 2018
Додека преговорите меѓу Македонија и Грџија за спорот за уставното име се засилуваат од бугарска страна беше доста мирно, но тој „молк“ го прекина поранешниот претстедател Горги Прванов кој истакна дека конечното решение не смее да биде на штета на Бугарија. Тој во утринската емисија на БТВ оцени дека е добро што процесот на преговори е одблокиран, но за некои работи е загрижен.
- Ме загрижува тоа што почнуваат да се водат разговори во насока на неколку решенија, од кои некои не се поволни за бугарската страна, нагласи тој.
Прванов, кој беше претседател на Бугарија од 2002 до 2012 година, потсети дека Бугарија ја признала Македонија под уставното име.
- Да, ние ја признавме Македонија под уставното име, при тоа бевме први кои го сторија тоа, но претставувањето на решенијата како Горна Македонија или Северна Македонија се во полза на Грција, но на сметка на Бугарија, нагласи Прванов.
Истакна дека на Бугарија не и е сеедно како ќе завршат овие преговори и додаде дека во еден момент ќе мора да има и некакво усогласување со бугарската страна.
- Името Северна или Горна Македонија го вклучува Пиринскиот регион, Егејскиот регион не го коментираме, а истовремено претензиите кон Бугарија остануваат, лебдат во воздухот. Ова е нешто за кое најмалку треба да преговараат владите на двете земји, додаде тој.
Според него деблокирањето на преговорите меѓу Атина и Скопје е пред се поради притисокот од Запад, односно од САД.