24 Април, 2024
0.0265

И учителките во “борба” против мигрантите

Објавено во: Колумни 31 Август, 2017

Добивај вести на Viber

Една од најубавите, најплеменитите и највозвижени професии е професијата учител, учителка. Да подучуваш некого, да даваш ука и поука, да пренесуваш знаење, да воспитуваш, да ги поставуваш основите на животот и да ги воведуваш младите во сите животни мудрости и дејанија е нешто што секој би го посакал, а го чинат учителите/ките. Учителот/ката е втор родител, тој е моделот на идентификација и имитација на младите, учителот е примерот кој се следи и идолот кој после долги години не бледнее, тој  е духовниот  и животен мудрец кој постепено ги го трасира патот по кој секоја индивидуа чекори. Вредностите и моралните норми ти ги пренесува учителот/ката и ти помага, на себе својствен начин, да го усвоиш сето она што е добро, правилно и позитивно и да создадеш вредносен дискурс и морален кодекс кој ќе биде ѕвезда водилка на секоја индивидуа.

Голем број учители/ки се втурнати во девастирање на мигрантите

Можеби премногу бајковито звучи, но тоа е во биттот, во сржта на професијата учител/ка и колку утопистички да делува, треба да се настојува таквото поимање на учителствувањето да го прифатиме и примениме, бидејќи не смееме да го изоставиме од ум фактот дека училиштето е втор дом на детето и каков ќе биде неговиот животен пат во голема мера зависи од процесите на образование и воспитание кои ги пренесуваат учителите. Но, сиот мит за добри, вистински и правилни вредности кои треба учителот/ката да ги пренесуваат и развиваат деновиве паѓаат во вода. Имено, не побитен е фактот дека голем број учители/ки се втурнати во девастирање на мигрантите и ширење фама околу нивниот наводен престој и желба за живот во нашата ни мила држава.

Толку ли се безгласни букви и безрбетници што не можат да одолеат на ничив притисок

Ксенофобични и полни со омраза се зборовите и делата што овие денови излегуваат од устите на одредени учители/ки, а се однесуваат на мигрантите, блујат отров против луѓето кои сета покуќнина и сето стекнато минато, но не само материјално, туку и духовно, го оставиле зад себе и тргнале кон подобро утре, со првенствена намера да се спасат себе си и своите најмили, тргнале по гол живот. Она што прво ви паѓа на ум кога ќе чуете дека учители/ки од основни и средни училишта го водат орото во собирање на потписи против изградба на некакви мигрантски или бегалски кампови во нивната општина, а сигурна сум да ги прашате и самите нема да знаат доволно да ви ја објаснат причината поради која го чинат делото.  Фрапирани останаа многумина кога видоа како застанати како ученичиња, еден по еден, се потпишуваат јавно, без тронка страм и перде, учители/ки и истите со загрижен поглед вперен во далечината, глумат грижа и треперат за бранот мигранти што ќе ги преплавел.  И си велите, вистина ли е ова, фатаморгана ли е, толку ли се безгласни букви и безрбетници што не можат да одолеат на ничив притисок и се подлизуваат на волјата на сопствените претпоставени или навистина веруваат во Орвеоловски приказни?

Колку чини образот и дали тој има цена?

Мили мои учители/ки нели ви е страм да ширите ксенофобија, говор на омраза, етноцентризам и национализам, а во исто време да воспитувате деца? Нели ви е страм да блуете отров против друго човечко битие, кое е различно од вас по низа основи, а во истито момент е загрозено или беспомошно? Нели малку чувствувате грижа на совест, нели ве јаде внатрешен немир кога повикувате на обединување околу, простете може премногу грубо ќе звучи, начистички идеолошки флоскули? Имате ли малку свест и совест дека во една смена ги учите и воспитувате децата да го прифатат етнички, културно и религиски другиот, а во друга смена го негирате сето претходно кажано и го сеете семето на злото кон поинаквиот од вас и беспомошниот? Која морална хипокризија блика од вас, од една страна добробитта, почитта и пријателството им ги сервирате на децата како позитивни вредности, за да потоа истите ги погазите и ги величате омразата и злобата? Колку чини образот и дали тој има цена, оној образ кој бездушно си го валкате катадневно блуејќи отров кон мигрантите, говорејќи и дејствувајќи против оние кои сакаат само да бидат заштитени и со малку почит и љубов прифатени? Верници ли сте или патолошки неверници кога го ширите семето на омраза и раздор и кога наместо љубов, која е во основа на сите големи религии, почит, чесност, толеранција, ширите нетолеранција и вербално насилство/ Свесни ли сте дека вашите последици можат да бидат фатални за многумина, свесни ли сте дека децата, идните генерации,го следат секој ваш чекор и може да придонесете за нивна морална и вредносна двојба?

Дволичноста не е својствена за оние кои се повикуваат да воспитуваат и учат

Алтруизмот, хуманизмот и космополитизмот ги фрливте во вода, ги урнисавте тие врвни човечки доблести и особини и станавте глутница која заборави на добротата и милостивоста и стана алчна, егоистична и сурова.  Дволичноста не е својствена за оние кои се повикуваат да воспитуваат и учат, таа е својствена за ситни души, за гротесни луѓе кои самодовербата и самопочитта ја загубиле одамна. Не дозволувајте да ве сомеле политичката жед за власт и не дозволувајте да бидете изманипулирани, бидејќи цената која ќе ја платите ќе биде превисока. Размислете за секој понатамошен чекор,  бидејќи долг е патот на доброто, чесното и праведното и запомнете довербата многу тешко се стекнува, но многу лесно се губи.

Проф. Д - р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет - Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок