24 Април, 2024
0.0252

Идните генерации ќе зависат од тоа какво образование ќе имаме

Објавено во: Колумни 25 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Образованието треба да се стреми кон тоа да ја доведе моралната, интелектуалната и физичката природа на учениците до совршенство за тие да можат да дадат најголем можен придонес за себе и за другите, е познатата максима на Ема Хард Вилард.  Токму во неа може да се каже дека лежи и коренот на секое образование, почнувајќи од примарното, преку секондарното па до високото. Она што е суштествено е токму таа морална, сознајна и интелектуална компонента која треба да им се пренесе на учениците, секако на начин кој ќе соодветствува на совремието и на возраста на ученикот. Целта на добар образовен систем е добро вклопена комбинација на образование со воспитание.

После долго време , без лажна скромност и со право можам да кажам, посебно од јавно изнесените ставови на оние кои се вклучени во реформи на примарното образование, дека конечно нешто добро, квалитетно и стручно се подготвува Предлог реформите за првите одделенија, мене како методичар, ми изгледаа и повеќе од солидни и тоа од неколку аспекти:

- вклучени компетентни лица, без инсистирање на нивна партиска обоеност, (со што се сочувавме сиве овие години и затоа ниту една реформа не беше коренита и доволно квалитетна), експерти без суета, подготвени предлогот да го стават на јавна дебата и да го слушнат и мислењето на пошироката фела;

- конечно збогум на извиканиот Кембриџ кој се воведе на мускули, без да се чуе гласот на компетентните и јавното мнение, па затоа и имавме толку небулози поврзани со него;

- компатибилен процес на образование и воспитание, што е суштинско, бидејќи преголемото иницирање на образовната компонента во наставата подразбираше запоставување на воспитната дејност;

- предмети поврзани со нашиот културен хабитус, што е од посебно значење за дете кое се соочува за прв пат со образовен курикулум и приближување на содржини кои ќе бидат суштински за негово почетно осознавање и морално едуцирање;

- намалување на фондот на часови, што подразбира намалување на кванититетот за сметка на квалитетот, што само по себе значи дека преоптовареноста на децата ќе се намали и тие ќе можат да бидат поефективни на самите часови;

- ставање во центарот на детето и неговата инвентивност и креативност, учење преку игра, европски и современо, но и доволно интригантно да ја зголеми љубопитноста на детето;

- доволен фонд на часови за физичко образование со посебен наставник кој ќе поседува стручни кфалификации и компетенции и со тоа ќе покажеме и докажеме дека здравјето на детето ни е исто така во прв план.

Има уште низа новини и промени кои се за поздравување и затоа оваа колумна и ја посветив на новите образовни реформи. Поаѓајќи од постулатот дека ОБРАЗОВАНИЕТО Е СТОЛБОТ НА СЕКОЕ ОПШТЕСТВО и какво образование ќе имаме во голема мера од него зависат и идните генерации кои ќе творат и ќе живеат во нашата ни мила држава. Токму затоа, млади луѓе, потковани со добро знаење, кое пред се ќе биде во функција на новите современи текови и нивна надградба и кое ќе се имплементира на правилен и посакуван начин и млади луѓе кои морално ќе бидат изградени, ќе можат сето тоа да го стават во функција и на сопствен напредок и на напредок на државата. Конечно и со добрите реформи ќе изградиме образовани луѓе кои ќе бидат компатибилни и на пазарот на трудот, но и конкурентни во секоја Европска држава. И да не се сфати ова како хвалоспевка, сепак добро е да се поддржи нешто што е квалитетно и низ што се надѕира еден нов дух и елан на реформи кои ќе понудат квалитет и просперитет.

Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок