Добивај вести на Viber
Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) и Европската конфедерација на здруженија на директори (екоДа) потпишаа договор за заедничка соработка а прв корисник од договорот е Македонскиот институт на директори, кој од јули е нов член на екоДа.
ИФЦ и екоДа ќе му помогнат на Институтот уште повеќе да ги развие своите услуги за компаниите и нивните директори, промовирајќи ги принципите на доброто корпоративно управување. Со тоа ќе се овозможи подобрување на работењето на компаниите и јакнење на нивната способност да привлечат инвестиции и да се развиваат.
“Ова партнерство со ИФЦ ќе ни овозможи да го промовираме доброто корпоративно управување во Македонија и во поширокиот регион“, изјави Патрик Цурштрасен, претседател на одборот на директори на екоДа.
Во периодот меѓу 29 октомври и 1 ноември во Скопје ќе биде организирана обука за „Лидерство на одборите на директори“, која е наменета за 15 партнерски институции на ИФЦ од 10 земји во регионот, со цел да им се помогне да понудат квалитетни услуги за обука на директори, на одржлива основа. Во рамките на програмата, компаниите ќе добијат совети за спроведување на најдобрите практики за управување со друштвата. Со програмата, исто така, се прават напори да се зголеми капацитетот на институциите за давање услуги поврзани со корпоративното управување во Албанија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Грузија, Ерменија, Казахстан, Косово, Македонија, Молдавија и Србија.