26 Април, 2024
0.0296

Има ли ефект листата со должници на УЈП – Што планира новото раководство за наплатата?

Објавено во: Анализа 27 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Управата за јавни приходи барем со претходното раководство и даночните политики на претходната власт секој месец објавуваше листа на должници на даночни обврски кои на почетокот беа гледани како обид да се изврши притисок врз компаниите, но подоцна истата пракса беше сфатена како дел од подобрувањето на даночната дисциплина. Сега имаме нова влада и ново раководство на УЈП, па не интересираше дали ќе има поголеми промени на стратегијата за собирање на даноци, дали воопшто објавувањето на листата на должници дава плод и како оваа институција ќе се справи со големите должници. Исто така направивме и пресек на последно објавената листа на должници кој ќе го погледнете подолу во анализата, па најпрво прочитајте ги одговорите на УЈП.

Фактор: Дали новото раководство на УЈП планира да воведе промени во објавата на листата на должници? Дали сметате дека компаниите кои се ставени јавно на увид побрзо ги плаќаат заостанатите долгови кон УЈП?

УЈПЛистата на должници која УЈП ја објавува секој месец на својата веб страница е законска обврска на даночната администрација. Критериумите, роковите, начинот за објава на листата се точно уредени во Законот за даночна постапка. Оттука, ако се говори за било какви промени истото би значело и измени на Законот. Она што може да се разгледа во овој момент е фреквенцијата на објава на листата. Праксата покажува дека еден месец е краток период за да се согледаат ефектите од управување на долговите, дополнително што месечното објавување повлекува и административни трошоци за УЈП. Нашите анализи на трошоци укажуваат дека заради рационално користење на ресурсите, но и подобро согледување на јавноста за реалните ефекти од управување со долговите, поцелисходно е оваа листа да се објавува на три месеци. 

Во секој случај листата на должници значи поголема транспарентност, односно дава една слика за даночната дисциплина и финансиската кондиција на економските субјекти, но од друга страна значи и обелоденување на ефикасноста на УЈП во извршување на еден сегмент од нејзината надлежност за наплата на даночните приходи. За УЈП, меѓу останатато е најважно како да се подобри ефикасноста и да се јакне капацитетот на УЈП во управувањето со даночните долгови. Чекори се направени, преку воведување на функцијата управување со долгови во рамки на организацијата на УЈП, но се работи и на конкретни активности за ефектуирање на оваа нова функција, што треба да резултира со примена на ефикасни практики за управување со долгови и примена на позитивните пракси од модерните даночни администрации, од банките и од други финанасиски институции, засновани на приоретизирање согласно структурата на даночните долгови и ризичноста за нивна наплата. Управувањето со долговите не е само давање на опомени и спроведување на присилна наплата, туку цела низа на активности преку кои

УЈП системски ќе спроведува проактивен однос кон даночните должници, почнувајќи со рано идентификување на новонастанатите долгови и брзо интервенирање за спречување на нивно акумулирање со примена на постапки соодветни за таа цел, се до тековно следење и постапување кон секој поединечен даночен долг со соодветни постапки во секоја фаза на долгот.

Фактор: Меѓу должниците има државни компании и институции кои вршат услуги од јавен карактер. Дали УЈП може да примени присилна наплата на долгот како кај приватните компании и кои се условите за ваквата постапка?

УЈП: Покрај приватните компании, даночни обврзници се и јавни претпријатија кои вршат дејност од јавен интерес. За јавните претпријатија, бидејќи вршат дејност од јавен интерес, а со цел да им се овозможи полесно сервисирање на заостанатите долгови во 2010 година беше донесен Закон за плаќање на рати на даночни долгови на јавните претпријатија и трговски друштва основани од Република Македонија, односно од општините или Градот Скопје, со кој долговите заклучно со 31.12.2009 година им беше овозможено да ги плаќаат на најмногу 120 месечни рати со грејс период од најмногу 36 месеци. За долговите од 01.01.2010 година, како и за останатите даночни обврзници, подеднакво се применуваат одредбите од Законот за даночна постапка и останатата позитивна регулатива.

Сепак, за јавните претпријатија кои се големи даночни должници, еднократни решенија за плаќање на рати и отпис на камата не овозможуваат решавање на состојбите. Кај овие должници потребен е поинаков ипосистематски пристап за подобрување на финансиската кондиција, но и разграничување на состојбите кои произлегуваат од даночна недисциплина и состојби кои произлегуваат од лошо раководење или намење на капацитетите за исполнување на даночни и финансиски обврски заради низок степен на наплата за услугите, ниска рентабилност и слични состојби во некои јавни дејности што бара други пристапи (дотации и др.).

ФакторСпоред јунската листа која УЈП ја објави најмногу компаниите и претпријатијата должат за Данок на додадена вредност. Како новата директорка Сања Лукаревска ќе пристапи кон решавање на оваа состојба, кој е главниот проблем со наплатата на ДДВ? Каква ќе биде политиката на УЈП кон должниците во наредниот период, особено на поголемите кои должат и по десетина милиони евра за даноци?

УЈП: УЈП за подобрување на наплатата на ДДВ ќе продолжи со искористување на сите мерки кои согласно Законот за даночна постапка и стојат на располагање.И не само за ДДВ, кај сите даночни долговипотребно е брза реакција на даночниците и систем за ефикасно следење на долговите.

УЈП е во комуникација со должниците и се преземаат сите расположливи мерки, даночните долгови да останат на исто ниво или да почнат да се намалуваат. Секако кај некои тоа не е возможно и реално овие фирми и во иднина ќе генерираат долгови, дали поради лошата ликвидност, несоодветни одлуки на управувачката структура, лошо менаџирање и други фактори кои не зависат од УЈП.

Од друга страна, потребна е и едукација наданочните обврзници за можноста за искористување на сите доброволни начини за плаќање на даночниот долг и тоа: одложено плаќање на рати, плаќање од страна на трето лице (отстапување на побарување, плаќање со цесија), плаќање со пребивање со повеќе платени даноци. Едукативните програми на УЈП во наредниот период ќе бидат насочени и кон овој сегмент.

Како што наведовме направивме и мал преглед на последно објавената листа на УЈП каде има компании кои должат над милион евра за ДДВ, има повеќе државни компании од кои претежно за даноци должат јавните комунални претпријатија, а исто така високи долгови за ДДВ имаат и Друштвата со ограничена одговорност од повеќе области како трговија, производство и услуги, па дури и една агенција за обезбедување.

Најголеми должници од приватен сектор според вкупни даночни долгови

1. ЕЛ ДОН КАСТИЛЛО АНГЕЛ Д.О.О.Е.Л. ЕКСПОРТ-ИМПОРТ СКОПЈЕ 427,554,365 денари

2. ИНДУСТРИЈА ЕЛ АЗТЕКА Д.О.О. СКОПЈЕ426,934,796 денари

3. МОТОР КОАЧ ИНДУСТРИЈА ИНТЕРНАЦИОНАЛ Д.О.О. СКОПЈЕ426,897,663 денари

4. ЕСТЕТИКА 2002 248,688,058 денари

5. МЛ ГЛОБАЛ ИТАЛУ Д.О.О. ЕКСПОРТ-ИМПОРТ СКОПЈЕ230,704,316 денари

6. ИТАЛМОНД Д.О.О. ЕКСПОРТ-ИМПОРТ СКОПЈЕ217,642,892 денари

7.  УНИ-М Д.О.О.ЕКС/ИМП СКОПЈЕ217,440,185 денари

8. ХЕДИС Д.О.О. СКОПЈЕ159,700,814 денари

9. МИЛ-ДАВИТ Д.О.О. СКОПЈЕ126,338,400 денари

10. МАК-ИМПОРТ Д.О.О.Е.Л. СКОПЈЕ112,596,963 денари

Средно задолжени ДОО компании по основ на ДДВ

1. ЕЛ 19 Д.О.О. СКОПЈЕ 76,744,038 денари ДДВ

2. ДРИМКОЛ-ЛИГНИТ Д.О.О. УВ/ИЗ СКОПЈЕ 58,383,711 денари ДДВ

3. ФИНЕ Д.О.О. СКОПЈЕ 66,528,477 денари ДДВ

4. ЛЕВАНТЕ СУР Д.О.О. ЕКС/ИМП СКОПЈЕ 54,720,511 денари ДДВ

5. ВИЗУС ИНТЕРНАЦИОНАЛ Д.О.О. УВОЗ-ИЗВОЗ СКОПЈЕ - 51,942,676 денари ДДВ

6. ГЕМА ИНВЕСТ Д.О.О. СКОПЈЕ - 42,795,992 денари ДДВ

7. НИКОБ ЕКСПОРТ-ИМПОРТ Д.О.О.СКОПЈЕ - 28,271,498 денари ДДВ

8. КОНСТРУКТОР-МАКЕДОНИЈА Д.О.О.СКОПЈЕ - 25,927,331 денари ДДВ

9. МАКЕДОНИЈАИНВЕСТ Д.О.О.СКОПЈЕ - 19,687,416 денари ДДВ

10. ПЕЧАТНИЦА МИСИРКОВ Д.О.О. СКОПЈЕ - 16,531,231 денари ДДВ

Јавни претпријатија со највисоки поединечни даночни долгови

1. Македонија пат - Скопје 447.191.199 денари ДДВ и 7.453.092 данок на добивка

2. Комуналец Гостивар - 106.922.431 денари ДДВ, 27.790.738 денари данок на добивка и 32.659.985 денари ПДД за плати

3. Тетово ЈКП – 111.546.093 денари ДДВи 4.616.553 денари данок на добивка

4. МРТВ – 91.832.757 денари добивка на добивка

5. Стандард ЈКП Дебар – 41.589.488 денариДДВ, 3.690.029 денариданок на добивка и 29.096.491 денариПДД за плати

6. Чистота и зеленило НП Пастрими дхе Гјелберими ЈП Куманов – 67.157.708 денари ДДВ и 4.010.467 денари данок на добивка

7. Ј.П. За стопанисување на спортски објејкти во сопственост на Р.М 16.336.236 денари ДДВ,1.756.290 денари данок на добивка и 22.563.509 ПДД за плати

8. ЈП МЖ Инфраструктура СКОПЈЕ - 38.120.320 денари ДДВ

9. Македонска Радиодифузија СКОПЈЕ – 20.399.982 денари данок на добивка

10. Општина Карпош – 11.489.027 денари ДДВ

Автор: Христијан Станоевиќ