20 Април, 2024
0.1121

Елизабета Петровиќ

Инклузијa и илузија

Ќе мораме да срушиме многу бариери и многу широко распространети илузии, од кои најмногу веројатно се однесуваат на децата со попреченост. Не смееме да се загубиме во нив!

Објавено во: Колумни 13 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

„Сакав кусо да пишам. Мило ми е што Јована напредува и учи букви, учи самостојни работи и работни задачи кои ѝ ја зголемуваат самодовербата и важноста. Вежбаме во границите на нејзините можности. Вечер треба да ни ја прераскаже приказната за домашна... Сѐ е во ред. Времето е пред неа, само среќна да е!“

Соработка, споделување, реални очекувања, реализирање поставени цели, фокусирање кон детските функционалности наспроти ограничувањата, разбирање колку е важна самодовербата, работа на училиште и дома, гледање во иднината, прифаќање... инклузивна култура.

Третооделенка Јована ќе биде среќен и успешен човек, заради сите овие позитивни асоцијации, кои се надоврзуваат на  обичниот меил од нејзината мајка до наставничката. Ова насмеано девојче има среќа – нејзините родители неуморно градат алијанси, во нејзин најдобар интерес.

Она што ни изгледа едноставно и обично, често зад себе крие многу труд, посветеност и енергија. За жал, понекогаш исто така се вложува огромна енергија од родителите и наставниците, но безуспешно. Ги хранат сопствените стравови или суети, правејќи дистанци и коалиции, а тие релации не се добитни комбинации. За ова придонесуваат многу избрзани, несоодветни и нејасни стратегии во нашава Македонија, кои секојдневно ја сопнуваат соработката. Како и да е, кога релациите меѓу родителите и наставниците не се алијанси - страдаат децата!

Токму затоа, го пишувам овој текст. Одговорноста да градиме инклузивни градинки и училишта е наша - на СИТЕ возрасни кои посакуваат инклузивно општество за СИТЕ денешни деца. При тоа градење, ќе мораме да срушиме многу бариери и многу широко распространети илузии, од кои најмногу веројатно се однесуваат на децата со попреченост. Не смееме да се загубиме во нив!

Што е инклузија, а што илузија?

Инклузија е  образование за учениците со посебни образовни потреби, а тоа се единствено децата со пречки во развојот. Илузија!

Има многу дефиниции, но наједноставно кажано инклузивното образование е квалитетен воспитно-образовен процес кој за СИТЕ деца, идни граѓани на инклузивното општество, значи присуство, учество и постигнување успех, согласно индивидуалните потенцијали.

Деца со посебни образовни потреби се децата со попреченост, но исто така и тоа во многу поголем  процент и сите други, кои од најразлични причини имаат потешкотии во учењето: со проблеми во однесувањетo; емоционални или здравствени проблеми; сериозни моментални состојби во семејството (болест, загуба, невработеност, преселба, развод, семејна дисфункционалност); бегалци...  за кои се потребни соодветни дополнителни активности. Деца со посебни образовни потреби се и сите талентирани ученици за кои се потребни додатни активности, во зависност од  областа за која се надарени.  

Сите деца понекогаш имаат потреба од дополнителна или додатна поддршка, исто како и секој човек на планетава Земја. Инклузијата ни е потребна на сите. Некогаш даваме, а некогаш примаме поддршка. Затоа сме луѓе!

Нашите училишта немаат допирна точка со инклузија. Илузија!

Почетокот од овој текст е еден од демантите, но доволно е секој од нас да се присети - зад многу деца застанале некои „обични“ одделенски, или наставници по физичко, математика, музичко...  кои најверојатно не ни помислиле дека исправајќи се како модел и користејќи ја својата учителска и човечка моќ, прецртуваат „дијагноза“ или состојба и подаруваат иднина. Има безброј успешни инклузивни приказни, надградени над она што започнало во некое училиште.

Искуствата се различни, сигурно постојат и непријатни, но ајде да се трудиме да го сочуваме она што е позитивно. Инклузијата е континуиран процес кој никогаш не престанува, има место за сите оние кои можат да придонесат за подобри училишни практики. Тие не зависат само од добрата намера на наставниците, кои за волја на вистината, добро би било да се многу похрабри и погласни. Доколку не заталкале во својата професија, борејќи за детските права, се борат и за сопствените: помали паралелки, услови за работа со сите ученици, кодекси на однесување... Похрабро и погласно!

Инклузија значи дека  сите деца се еднакви. Илузија!

Сите деца се еднакви, слични и различни – многу е важно да ја разбереме оваа  три во едно вистина.Таа е причината за многу немили настани во нашите училишта. ЕДНАКВИ се по правата, СЛИЧНИ по потребите и РАЗЛИЧНИ по своите потенцијали, интереси, желби...

Секое дете има право на образование, но во паралелката не смее да постои „привилегиран“ кој е еднаков по правата и нема обврска да ги почитува правата на другите. Исто така, инклузивните практики покажуваат дека на некои ученици им е потребен индивидуализиран  и крајно флексибилен пристап во однос на задачите, распоредот, времето и сл.  Тие  немаат потреба од ист работен ден со останатите. Не затоа што не сакаат – не можат! Возрасните, туркајќи ги да бидат „еднакви“ маскираат некоја сопстена потреба, или немоќ и дури ги етикетираат, затоа што ги ставаат под непотребен притисок. Не смееме во име на таквата „еднаквост“ да ги уништуваме функционалностите, или таканаречените силни страни на овие ученици. Исто така, не смееме да ја минеме црвената линија – попречување на воспитно-образовниот процес за СИТЕ деца.

Децата имаат многу слични потреби, но за жал возрасните не успеваат на сите да им обезбедат соодветни услови да ги реализираат. Посебните потреби се надминуваат со соодветни услови! Преку образовни, социјални и законодавни политики се отстрануваат архитектонските, психосоцијалните и сите други бариери испречени пред некои деца, за да  успеат да  го релизираат она што на нивните врсници им е достапно и она што им значи оптимален индивидуален развој.

Децата се различни. Поради генетската предодреденост и животните контексти, развојните траектории се многу различни, дури и кај деца од иста возраст. Наместо да се плашиме од различноста, навистина треба безрезервно да ја почитуваме и поддржуваме. Така добиваат СИТЕ ученици. Учат да функционираат со богатството на различностите и според моделот на солидарност, соработка, емпатија и хуманост. Така добиваат сите родители. Ако разберат дека секое дете е дар од бога, нема да тежнеат кон некаков просечен типичен развој. Ќе  имаат реални очекувања и ќе прифатат дека успешен е оној ученик кој го постигнува сопствениот максимум, сопствениот оптимален развој. Моќта на прифаќањето од секое дете прави шампион во нешто: кошарка, математика, гушкање, танцување, сликање, смеење, раскажување, пливање ... прави среќно дете. Различно дете!

Наставниците можат да работат со сите деца и не ни се потребни дефектолози. Илузија!

Наставниците секојдневно работат со деца со посеби образовни потреби и особено се важни при креирањето соодветна меѓуврсничка поддршка. Сепак, за децата со пречки во развојот вклучувањето на дефектолозите, поточно специјалните едукатори, е драгоцено и најдобро е да започне уште во раниот детски развој. Не можеме да зборуваме за инклузија, а да се делиме на дефектолози, наставници, психолози, педагози, родители... Секој е  најкомпетентен за нешто, никој не е за сѐ. Системски пристап значи дека секое делче од целината на контекстот е ВАЖНО! Наместо делење, потребно е  да множиме тимски успешни практики. На децата им се потребни алијанси кои околу нив ги креираат компетентни возрасни.

Во редовните училишта децата со пречки во развојот се заштитени од оние кои се слични на нив и од кои не можат да учат. Илузија!

На сите ученици потребни им  се и слични и различни соученици, па и на оние со попреченост. Дури е и опасно да немаат свое огледало – дете слично на нив. Ваквото бегање, всушност значи дискриминирање. Можеби, еден од моделите за кој треба да размислуваме е во редовните училишта да постојат и паралелки со дваесетина ученици меѓу кои два-тројца со попреченост, со двајца наставници, или наставник и специјален едукатор.

Користењето индивидуализиран образовен план (ИОП) во редовната настава, секогаш е доволно за напредување на децата со попреченост. Илузија!

Ова зависи од видот и степенот на попреченоста. Има деца кои покусо време можат да останат во училница, имајќи при тоа реален бенефит и без да го попречуваат наставниот процес. Не им е потребен само индивидуализиран наставен план (личен план). Тоа е најсериозната причина поради која конечно мораме да почнеме да градиме реални инклузивни модели, наспроти глупоста – наставникот е супермен кој може сѐ и одговорен е за сѐ.

Најдобро е на овие деца (кои процентуално се многу малку), во редовните училишта да им се овозможи социјализација, учење со врсниците и учество во активности, зависно од нивните индивидуални потреби, капацитетите на паралелката и наставниците. Но, за да можат максимално да ги реализираат своите потенцијали,  редовните училишта треба да имаат соодветни УСЛОВИ за секој вид поддршка која треба да им се даде, и истовремено да можат да ја обезбедат потребната надворешна поддршка. Во зависност од потребите на детето, треба да се овозможат индивидуализирани  активности со стручни лица(логопед, дефектолог, медицинско лице, психолог, негувател, физиотерапевт...) и активности во мали групи, нешто што би се реализирало покрај редовната, временски флексибилно организирана настава.

Сигурно има уште многу инклузивни илузии, а можеме и да дебатираме за недоречености во законите, меѓусекторска неповрзаност, права на хартија и слични нешта. Сепак, важно е чесно да кажеме – инклузијата е континуиран процес за кој се потребни услови, а за тоа требаат финансии! Особено за децата  со попреченост. Секое заслужува пакет со посебни индивидуални и семејни услуги. Финансискиот момент кој многу често е пресуден за нивното напредување, многу малку е  државен, а премногу семеен проблем. Разбирливо е зошто родителите се исцрпени и преплашени. Претешко им е!

Го пишувам овој текст против некои инклузивни заблуди, затоа што верувам дека инклузијата е и култура на граѓанско однесување, со цел – општество по мерка на граѓаните. Сите оние кои чекаат некој друг да ги решава нашите и проблемите на нашите деца и сите оние  кои решаваат во стилот - „дражавата, тоа сум јас“, живеат во илузија. Возрасните во „државата сме НИЕ“, мораат да работат ВО НАЈДОБАР ИНТЕРЕС НА СИТЕ ДЕЦА! Имаме многу работа, но инклузивниот свет навистина е големо место со многу можности! Во него има простор за сите наши идни шампиони во: кошарка, математика, гушкање, танцување, сликање, смеење, раскажување, пливање ... за секое различно среќно дете!

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок