19 Април, 2024
0.0433

Инклузивни размислувања

Објавено во: Колумни 24 Мај, 2017

Добивај вести на Viber

Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, нѐ обврзува да кажеме дека секое дете има право на квалитетно образование и оптимален развој. Во македонски услови, ова може да се оствари со сериозна реформа, која ќе одговори на многу прашања и предизвици. На некои од нив, очекуваат решенија родителите од граѓанската иницијатива 5 до 12. Правејќи ги „невидливите“ присутни, се надевам дека ќе нѐ мотивираат да ги видиме и „невидливите“ бариери во училиштата. Тоа ќе биде особено важно за сосема прецизно да ги дефинираме проблемите кои стихијно ги набројуваме, па некогаш не знаеме што точно решаваме и кој сѐ си дозволува да смисли решение.

Што всушност значи, системски пристап во надминување на проблемите?

Инклузивното образование е широк концепт кој ги вклучува сите деца, особено грижејќи се за оние кои се во ризичните групи и се соочуваат со исклучување. Во училиштето за сите,  добредојдени се различностите и се излегува во пресрет на индивидуалните потреби. Стереотипите и предрасудите се препознаваат и се спречува поттикнување дискриминација по било каква основа. 

Ова е лесно да се каже и убаво звучи, но реално е многу сложен  процес, кој се реализира преку перманентно инвестирање во осмислени политики и стратегии. Не е едноставно да се отстрануваат постојните препреки, за сите групи деца. Исто така, инклузивните образовни системи не се создаваат еднаш и засекогаш. Макотрпно се градат низ  динамични системски, меѓусекторски поврзани активности, со визија за инклузивно општество. 

Која е нашата визија?  

Традиционалната настава може да предизвика неправедна селекција на учениците. Наспроти неа, инклузивното образование е пошироко од формалното, флексибилно е и креира ситуации на учење преку кои во фокусот е детето, а не наставната програма. Училиштата се и организации кои учат, а наставниците носители на промените. 

Но, училиштата не се семоќни и не можат да прават чуда во услови кога и покрај прескапите проекти работат без услови, по замисла на разни кабинетски експерти. Лошите импровизации се опасни и штетни за децата и семејствата.

Можат ли експерти за работа со деца, да бидат луѓе кои никогаш не работеле со деца?

Учеството е клучен поим во инклузивното образование. Не смееме да го изедначуваме со академски задачи, едноставна репродукција на знаењето и одговори научени напамет. Учеството се практикува низ разни ситуации преку: развој на физичките и менталните капацитети, ангажирање во наставни и воннаставни активности, идентификување со наставникот и паралелката, балансирани права и обврски, искусување компетентност, почитување различности... Тоа е пред сѐ интеракција со социјалниот свет. Во инклузивната училница ученикот добива можност да доживее успеси, согласно индивидуалните потенцијали и да гради релации преку кои добива драгоцена меѓуврсничка поддршка. Она што децата си го даруваат секојдневно низ искрената соработка и безусловното прифаќање, има дури и лечебна моќ.

Во врска со учеството, проблематична е идејата учениците со слични видови попреченост, во редовните училишта да бидат меѓусебно изолирани и да немаат учество во меѓусебни активности. Мислејќи дека ги заштитуваме од  дискриминација и етикетирање, понекогаш го правиме токму тоа против што се бориме. Се плашам дека дури создаваме парадоксална ситуација – тие се во окружување кое се наметнува како супериорно, а со невидена леснотија се лишуваат од луѓе и помагала кои им се потребни и можат да им бидат достапни.

Кога децата немаат корист од инклузијата?

Инклузивните наставници се луѓе, кои не го завршиле своето образование кога ја добиле факултетската диплома. За нив инклузивното образование не е нешто што може да се прочита за потоа да ги подучуваат  учениците, туку континуирано учење низ процес кој влијае врз личните верувања, способности и вештини. Затоа што не постојат готови рецепти, индивидуализирано и флексибилно пристапуваат кон секое дете, а воедно ги поттикнуваат учениците да станат заедница за учење. Знаат дека се делче од сложувалката на системот, каде некој може да е компетентен за нешто, но не за сѐ. Го трасираат патот по кој често работат заедно со други професионалци, во зависност од потребите на учениците и семејствата. 

Недоветно е да се очекува, наставниците  да ја преземаат улогата на стручни лица, кои специфично работат со децата на кои им е потребен специфичен третман. Несериозно е да се помисли, дека луѓето можат со неколкудневни обуки да го научат она што некои други го учеле со години.

Постои ли разлика помеѓу семинар и факултет?

Ако зборуваме за инклузивно образование, зборуваме за квалитетно образование кое ги внесува сите деца во инклузивното општество, вклучувајќи ги оние со попреченост и сите кои имаат потешкотии во учењето, без разлика на причините. 

Ако сме искрени, ќе кажеме дека постојат примери кога училиштата имаат разбирање и посветено работат, но некое дете или семејство тоа го доживува на несоодветен емоционален, интелектуален и социјален начин, заради одредени индивидуални или семејни состојби. Oва е причина повеќе да размислуваме за алтернативни модели, согласно контекстот.

Би помогнале ли центри со тимови за поддршка, во  ситуации кои ги надминуваат ресурсите на образовните институции?

Покрај родителите, неминовно е и државата да биде одговорна кон децата и  лицата со попреченост.  Да им дадеме поддршка и да се поврзуваме како граѓани со граѓанската иницијатива 5 до 12! 

Сепак, да ја видиме целата слика, за да работиме и на „невидливите“ бариери. Инклузијата може да стане секојдневна реалност за сите наши деца во овој наш македонски контекст, ако се вклучиме и поврземе во координирани дејства, со заедничка  визија за инклузивно општество.

Поддршка, за системски решенија!

Елизабета Петровиќ

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок