ИНСПEКТОРИТЕ НА ТЕРЕН: Инвеститор во Карпош „заработи“ казна од 4000 евра
Објавено во: Македонија 20 Ноември, 2017
Комунални и градежни инспектори на Општина Карпош пред десетина дена започнаа контрола на неколку поголеми градилишта на територија на општината за да се направи увид колку се почитуваат правилата за градба.
Тие информираат дека за еден инвеститор на улицата Лондонска е изречена прекршочна санкција во износ од 4.000 евра во денарска противвредност за првното лице и 30% од истата сума за одговорното лице, а друг инвеститор на улицата Лондонска веќе постапил во согласност со дадениот налог и укажувањата.
„Кај објектите кај кои е извршен вонредниот увид констатирано е дека кај сите контролирани градби оградувањето зафаќа и дел од јавната сообраќајна површина. Со тоа директно се создаваат тешкотии за безбедно движење на пешаците, се отежнува сообраќајот по коловозите и се создава шут во близина на други објекти, на што реагираа граѓаните, но и општинските служби“- велат од Општината.
За два инвеститора на улицата Варшавска сè уште тече рокот за отстранување на утврдените неправилности.