19 Април, 2024
0.0297

Интервју Богдановиќ: Му ветив на Жерновски дека ќе ги продолжам сите добри проекти

Објавено во: Македонија 17 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Пред четири години главната реторика во битката за општина Центар имаше многу повеќе политичка нота поврзана со проектот Скопје 2014, за сега кандидатите речиси и да бегаат од политичките пораки кои ги заменија повеќе со локални теми, како инфраструктуратата, екологијата, загадениот воздух, вклученоста на граѓаните. Сепак, од политика не може да се избега, ниту од жешки прашања за тактизирањето на СДСМ за изборот на кандидат кој на крај се сведе на Саша Богдановиќ. Во обид да ја задржат власта во најбогатата скопска општина му понудија соодветен излез на Жерновски кој ќе премине во Владата, но тоа не значи дека Богдановиќ ќе има така лесна задача да им донесе нова победа. Без оглед на високиот рејтинг на СДСМ во Центар решивме да разговараме со Богдановиќ за неговите ставови околу внатрепартиската трка, како и за неговата визија за општината, како може тој да допринесе и што би направил доколку стане градоначалник.

Фактор: Долго време СДСМ тактизираше со соопштување на кандидатот на кој ќе му даде поддршка за кандидатура во општина Центар. Актуелниот градоначалник Жерновски мораше да се повлече и сега вие избивте во прв план. На што се должи овој внатрешен расчекор и како ќе ја оцените работата на Жерновски во овие четири години?

Фактот што процесот за избор на кандидат на СДСМ за градоначалник на Центар, но и на дел од другите општини траеше долго, говори за високиот демократски капацитет на партијата. Се разбира, целта е да се изберат најдобрите кандидати кои имаат поддршка меѓу граѓаните. Веќе извесно време се вршеа сондажи на јавното мислење пред да се состави конечната листа на кандидати за градоначалници. Јавноста знае дека во игра за Центар беше и актуелниот градоначалник Андреј Жерновски, но тој одлучи да стане дел од Владата на премиерот Заев. Во однос на неговата работа во изминатите четири години, генерално имам позитивно мислење. Сметам дека придонесе за подобрување на состојбите во Центар, но ајде да употребам една излитена флоскула, секогаш може подобро. Како и да е, мислам дека е поставена добра основа Центар да прерасне во подобро место за живеење.

Фактор: Вие сте актуелен директор на Јавното претпријатие ПОЦ за кое имаше забелешки дека вработува партиски кадри од СДСМ. Може ли да се надмине таа состојба во која без оглед кој е на власт им дава предност на своите сопартијци кои пак како да очекуваат вработување како награда за партискиот ангажман пред изборите?

Станува збор за неоправдани критики кои најчесто доаѓаат од „кујната“ на опозициската ВМРО ДПМНЕ. Сите вработени во ЈП ПОЦ се со адекватни дипломи и се високо квалификувани за својата позиција, а воедно се и примени по регуларен пат, преку конкурс кој беше јавно објавен во дневните весници. Нормално дека меѓу нив има и членови на СДСМ, но има и припадници на други политички партии. Партиската книшка не е критериум за вработување во ЈП ПОЦ туку пред сè квалитетот на кадрите. Најдобра потврда за тоа се одличните резултати на претпријатието, а тоа не се постигнува без квалитетни и соодветно квалификувани луѓе.

Фактор: Од што граѓаните на општина Центар се најмногу незадоволни според вас. Досега нашите читатели често реагираа за ниското ниво на јавна хигиена и проблеми со сметот, проблеми во сообраќајот и инфраструктурата, рапидна и неконтролирана урбанизација без почитување на градежните правила, како и исклученост на граѓаните од процесот на носење на одлуки. Имате ли решенија за овие конкретни проблеми?

Мислам дека она што најмногу им пречи на жителите на Центар се сообраќајниот хаос и урбанистичкото насилство во одредени делови од општината кое беше предизвикано во времето на градоначалниците од ВМРО ДПМНЕ. Се разбира, листата на проблеми е подолга, но за сè постои решени. Ова не се проблеми кои се решаваат преку ноќ, но со добра стратегија и со силна посветеност може да се постигне многу на овој план. Мојата цел е активно да ги вклучам граѓаните во процесот на носење одлуки. Практично, токму граѓаните се најдобар советник и ако ги слушаме нив, не можеме да погрешиме. Секој жител на Центар ќе биде дел од мојот тим, бидејќи ова е наша заедничка општина, наш заеднички дом. Само така може да го направиме Центар подобро место за живеење.

Фактор: На што ќе биде вашиот фокус како градоначалник на општина Центар, кои се итни приоритети и што е визијата на подолгорочен период?

Центар е срцето на Скопје. Тоа ја прави нашата општина општина мошне специфична и различна од другите скопски општини. Ова е прашање кое бара подлог одговор, но ќе наведам дел од моите приоритети. Пред сè мора да застанеме на патот на немилосрдната градежна експанзија. Тоа ќе биде навистина тежок процес, но јас сум цврсто решен да се посветам на него. Најавувам ревидирање на Деталните урбанистички планови и нивно транспарентно носење во иднина, како и неселективно постапување на градежната инспекција. Мора да му ставиме крај и на сообраќајниот хаос. Центар ќе биде пријателска средина за пешаците и велосипедистите. Заедно со граѓаните ќе работиме за чист Центар. Подигнувањето на нивото на јавна хигиена е апсолутен приоритет.  Паралелно ќе работиме и на збогатување на културниот и забавниот живот во општината. Мислам дека тоа е еден од клучните фактори за подобар квалитет на живеење.

Фактор: Кои проекти би ги довршиле што беа ветени од градоначалникот Жерновски, а досега не се реализирани и кои позитивни пракси би ги продолжиле вие?

Јас му дадов збор на актуелниот градоначалник Жерновски дека ќе ги продолжам сите започнати проекти што се во интерес на граѓаните. Тука пред сè мислам на довршување на изградбата на новото училиште во Капиштец, но и изградба на уште нови училишта и градинки. Исто така, ќе продолжи зазеленувањето на Центар преку изградба на паркови на повеќе локации. Жерновски започна добра пракса на урбанизирање на запуштените делови од Центар преку изградба на мали плоштади и пјацети, процес кој планирам да го продолжам и интензивирам.

Фактор: Како би го решиле проблемот со изградба на општинска зграда за Центар, долго време раководните органи се сместени во застарени бараки?

Изградбата на нова општинска зграда е проект кој кога – тогаш мора да се реализира. Општинската администрација заслужува да биде сместена во модерен и функционален објект, кој пред сè ќе биде во служба на граѓаните. Сметам дека пред да се пристапи кон изградба на објект мора да се направи детална анализа. Секако тоа не би требало да биде мегаломанско здание за кое ќе се потрошат многу пари туку објект кој ќе овозможи одлични услови за работа на администрацијата и каде граѓаните ќе можат брзо, лесно и ефикасно да ги добијат бараните услуги.

Фактор: Меѓу најголемите грижи на граѓаните на Центар е сечата на дрва и уништувањето на зеленилото, загадувањето на воздухот исто така е на врвот на проблеми, како до поеколошка и поздрава општина?

Енормното загадување на Скопје, особено во зимските месеци, е сериозен проблем кој се однесува на сите жители на главниот град. Центар не е изолирана од другите скопски општини и населби. Затоа овој проблем не може да се надмине со парцијални решенија донесени од секоја институција посебно. Неопходна е координирана активност на сите надлeжни институции на централно и локално ниво и потоа секој да си ги заврши работите на свој терен. Јас како градоначалник на Центар ќе преземам сѐ што е во моја моќ да придонесам за почист воздух во Центар.

Фактор: Имаше големи критики за изградбата на втората Боемска улица и потрошениот буџет, а во последно време стигнуваат и многу жалби за бучавата која ја предизвикуваат угостителските локали. Стана ли општина Центар неподносливо место за живеење, може ли да се постигне баланс?

Центар е боемска населба што му дава посебен шарм, особено на Дебар Маало. Мора да ја задржиме таа автентичност затоа што претставува своевидна атракција. Една од моите цели е да го вратам и маалскиот живот во Центар, проект што го започнавме со општинската организација на СДСМ уште во претходните месеци и истата наиде на голема поддршка кај граѓаните. Во однос на бучавата, тоа е подрачје кое е законски регулирано и единствено треба да имаме ефикасна и неселективна инспекциска служба што ќе контролира дали угостителските објекти доследно ги почитуваат тие правила. Во овој сегмент треба да изградиме еден балансиран однос кој од една страна нема да им наштети на угостителите, но од друга страна и да не се нарушува мирот на граѓаните, што е апсолутен приоритет.

Фактор: Што очекувате од изборите за град Скопје, постои ли шанса да биде поразен Коце Трајановски со кого општина Центар имаше многу слаба соработка. И обратно што ќе биде доколку СДСМ го освои град Скопје каков ќе биде односот кон другите општини во кои би победиле кандидати од други политички опции?

СДСМ има реални шанси да ја освои градската власт во Скопје и да победи во најголем дел од скопските општини. Имаме одличен кандидат во Петре Шилегов и очекувам граѓаните да ја казнат политиката на ВМРО ДПМНЕ која не придонесе за подобрување на квалитетот на животот во главниот град. Во секој случај, соработката меѓу скопските градоначалници мора да се издигне на највисоко ниво, а партиските интереси и дневно политичките пресметки да се тргнат на страна и да не стојат на патот на проектите. Јас како градоначалник на Центар се обврзувам на соработка и со првиот човек на Скопје и со останатите градоначалници без разлика на нивната партиска припадност. Очекувам ист однос и од нивна страна, бидејќи само на таков начин Скопје ќе стане метропола во вистинска смисла на зборот.   

Автор: Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?