18 Април, 2024
0.0254

Интервју Драган Малиновски: Ваква антикорупциска комисија не ѝ треба на Македонија!

Објавено во: Економија 21 Јануари, 2013

Добивај вести на Viber

Во интервју за Фактор поранешниот антикорупционер Драган Малиновски зборува за претстојните избори во земјата, начините како да се спречи изборната корупција и големото трошење државни пари во функција на партиски активности, или за непотребни вработувања. Малиновски смета дека клучен аспект кој треба силно да се набљудува е финансирањето на политичките партии. Тој ја повикува антикорупциската комисија да покаже повеќе цврстина, зошто во спротивно се поставува прашање, дали, ваква каква што е, и е потребна на земјава. ФАКТОР: Во пресрет на локалните избори, повторно се отвораат старо-нови дилеми. Најпрво, која е и каква е законската обврска и влијание  на Државната комисија за спречување на корупцијата по прашањето за обезбедување на фер и демократски избори? МАЛИНОВСКИ: Со денот на донесувањето на одлука за распишување на избори, настапува период во кој Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) има законска обврска за засилено следење на однесувањето на сите институции, органи и правни лица на централно и локално ниво, кои располагаат со буџетски средства и државен капитал, во функција на спречување на нивно недозволено инволвирање во изборниот процес. Тоа подразбира дека ДКСК треба да подготви една сеопфатна програма на активности, со која ќе се превенираат, тековно следат и санкционираат сите форми на недозволено однесување на споменатите субјекти. Крајната цел на таквата задача на ДКСК е да се спречи злоупотребата на ресурсите со кои располага власта во полза на одделни политички партии, како учесници во изборниот процес, односно да се спречи т.н. корупција во политиката. ФАКТОР: Најава за повисоки плати на лекарите, промоција на нови објекти, градоначалници во посета на зелени пазари? Колку ваквиот предизборен амбиент може да навести фер изборна трка? МАЛИНОВСКИ : Нема сомение дека сите најави за зголемување на плати и пензии, кои се исплатуваат од буџетски средства, или од средства на јавните фондови, како и промоциите за нови инвестициони проекти, а кои се случуваат по денот на распишувањето на изборите, се недозволени и како такви треба да се спречат. Се разбира, доколку таквото однесување на власта продолжи, тоа негативно ќе се одрази на самиот изборен процес, со овозможување на не фер предност на одделни учесници во изборите. НЕМА ОПРАВДУВАЊЕ ЗА ПРЕДИЗБОРНИ ВРАБОТУВАЊА ФАКТОР: Сведоци сме и на бројни вработувања во предизборие. Агенцијата за администрација со писмо и се обрати на Антикорупциска комисија, укажувајќи дека постапува правилно. Дали сите овие вработувања може да се сметаат за легитимни и оправдани? МАЛИНОВСКИ: Од повеќе фактори може да се заклучи дека овие вработувања не се ниту легитимни, ниту пак оправдани. Нелегитимни се, бидејќи станува збор за состојба на масовни вработувања и тоа во очи на локалните избори, со што се сака да се постигне зголемен ефект кај гласачите кои се во исчекување на свое вработување и нивно дополнително мобилизирање во предизборните активности на партиите од власта. Ваквите вработувања немаат никакво оправдување, особено ако се има предвид фактот дека во овој момент во јавната и државната администрација има голем број на вработени, кои немаат определено работни места и задачи, земаат плата, а седат дома. Сето ова говори дека сегашните вработувања се исклучиво во функција на престојните локални избори и ДКСК мора енергично да реагира во правец на стопирање на овој процес. ФАКТОР: Антикорупциска преку соопштение ги повика институциите да ги почитуваат законите во однос на рекламирање со народни пари, сечење на ленти, промоции. Иако официјлната кампања не е почната, неофицијалната веќе е во ек. Кој е механизмот за да се спречи ваквата пракса? МАЛИНОВСКИ: Во изминатиот месец сведоци сме на една класична изборна кампања. Медиумите, печатени и електронски, преплавени се од спотови, отчети за сработеното, ветувања за наредниот период. Ваквиот медиумски настап на политичките актери, според својата форма и содржина, ги има сите елементи на изборна кампања. Нема никакви дилеми дека сето тоа е во функција на престојните локални избори, кои треба да се одржат во март годинава. Изборниот законик јасно предвидува дека изборната кампања започнува 20 дена пред денот определен за одржување на изборите, при што предвидени се и санкции за оние субјекти кои отпочнале со кампањата пред овој термин. При тоа, како најповикана да реагира за ова е Државната изборна комисија, бидејќи една од нејзините законски надлежности е да го следи започнувањето и завршувањето на изборната кампања. Воедно таа е должна и да иницира соодветна постапка против прекршителите на Изборниот законик. Не помалку одговорен за овие состојби е и Советот за радиодифузија, кој исто така треба да реагира согласно своите надлежности во следењето на програмските содржини на радиодифузерите. Она што драматично ја засилува оваа негативна состојба е фактот што буквално сите спотови и друг вид на политички пораки до граѓаните се финансирани од буџетите на единиците на локалните самоуправи. Тука особено предничи Градот Скопје, кој, во пресрет на скорешните локални избори, со парите на своите граѓани, ги величи достигнувањата на актуелниот градоначалник на градот. Вакви и слични скапи медиумски презентации секојдневно ги контаминираат граѓаните и на скоро сите позначајни општини во земјата. И повторно, сето тоа се плаќа од општинските буџети, што би рекле од џебот на граѓаните. АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА Е ЗАЛОЖНИК НА ВЛАДАТА ФАКТОР: Повторно се актуелизира и прашањето за финансирање на политичките партии. Дали може да се очекува транспарентност од нив кога се работи за пари? Успеа ли Државната комисија за спречување на корупцијата, во досегашната пракса, реално да одговори на оваа законска обврска за отчетност но и иницијатива за казна на партиите што не го почитуваат законот? МАЛИНОВСКИ: Транспарентноста и отчетноста на финансирањето на изборните кампањи треба да биде највисок приоритет на институциите и телата кои ги мониторираат изборите, со оглед да во изборниот процес се создава зародишот на политичката корупција. Имајќи го предвид искуството од парламентарните избори во 2011 година, лично се сомневам дека овој состав на ДКСК има реален капацитет да се носи со нејзината надлежност да го контролира финансирањето на политичките партии во изборна кампања. Како поинаку да се толкува незаинтересираноста на ДКСК за потрошените, а не платени обврски на најголемата владејачка партија, во висина од околку 3 милиони евра, настанати во текот на тие избори. Едноставно, година и половина по нивното завршување, јавноста, а верувам и институциите, немаат информација за состојбата на таквиот долг. Никој не знае дали и на кој начин тоа е платено кон доверителите. ФАКТОР: Што според вас, Државната комисија ја прави пасивна. Експертската јавност критикува дека комисијата формално се држи до законите, но нема иницијативи, истражувања па дури и дека не покренува постапки во одредени случаи? МАЛИНОВСКИ: Сегашната состојба во ДКСК е природна последица на немањето на јасна политичка волја за справувањето со корупцијата во Република Македонија. Со начинот на однесување во изминатите години, ДКСК дозволи да стане заложник на извршната власт, губејќи ја својата позиција како независно тело, кое треба будно да го следи работењето токму на извршната власт во целина и на дневна основа итно да реагира на воочените неправилности. Сега ДКСК е буквално невидлива за пошироката јавност, па логично се поставува прашањето и дали има разумна смисла нејзиното натамошно егзистирање. Република Македонија навистина има потреба од специјализирано, независно  и компетентно антикорупциско тело, но не и ваква ДКСК, која е крајно анемична и стерилна. ФАКТОР: Каква политичка разврска очекувате? Во ситуација на изборен бојкот на опозицијата, власта ќе ја зацврсти и зголеми својата моќ, дали е тоа опасност за деморатските, и логично и за економсаките процеси во земјата? МАЛИНОВСКИ: Доколку навистина се случи бојкот на опозицијата на престојните локални избори, Република Македонија би влегла во голема политичка и општествена криза. Во една таква ситуација, прашање е дали може и воопшто да се каже дека во месец март ќе има избори, бидејќи суштината на изборите е во тоа да се избира помеѓу повеќе политички опции. Ако имате само една понуда, вие всушност немате избор. Според тоа, од аспект на развој на демократијата, а со самото тоа и на сите останати општествени процеси, неопходно е да се овозможат сите предуслови за одржување на фер и демократски избори. Се разбира, најголемата одговорност за креирање на позитивен предизборен амбиент лежи кај носителите на власта, пред се на начин што ресурсите на државата, локалната власт и јавните фондови, нема да бидат ставени во функција на подршка на владеачките партии.

Можеби ќе ве интересира

НИШТО ОД НАМАЛУВАЊЕТО НА КАМАТИТЕ? Еве кои се причините

НИШТО ОД НАМАЛУВАЊЕТО НА КАМАТИТЕ? Еве кои се причините

ГОЛЕМ СКАНДАЛ ГО ТРЕСЕ ПОЗНАТИОТ ГИГАНТ! Истражувањата откриле повеќе шеќер и млеко во храната за бебиња испратена во сиромашните земји

ГОЛЕМ СКАНДАЛ ГО ТРЕСЕ ПОЗНАТИОТ ГИГАНТ! Истражувањата откриле повеќе шеќер и млеко во храната за бебиња испратена во сиромашните земји

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НАДЗОРНИОТ ОДБОР НА „МАКПЕТРОЛ“ КУПИЛ 14 АКЦИИ - еве колку е платен акционерскиот пакет

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НАДЗОРНИОТ ОДБОР НА „МАКПЕТРОЛ“ КУПИЛ 14 АКЦИИ - еве колку е платен акционерскиот пакет

ДИРЕКТОР НА СКОПСКА ФИРМА ПОДНЕСЕ НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА ПО ГОДИНА И ПОЛОВИНА МЕНАЏИРАЊЕ - промени во раководството на „РЖ Интертрансшпед“

ДИРЕКТОР НА СКОПСКА ФИРМА ПОДНЕСЕ НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА ПО ГОДИНА И ПОЛОВИНА МЕНАЏИРАЊЕ - промени во раководството на „РЖ Интертрансшпед“

ИМ ЗДОСАДИЛЕ ВИСОКИТЕ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА, ПА РЕШИЛЕ САМИ ДА ПРОИЗВЕДУВААТ: Еве како изгледа енергетска заедница на група Грци

ИМ ЗДОСАДИЛЕ ВИСОКИТЕ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА, ПА РЕШИЛЕ САМИ ДА ПРОИЗВЕДУВААТ: Еве како изгледа енергетска заедница на група Грци

КРАЈ НА „ПРАВИЛАТА НА САМО ЕДЕН ЧОВЕК“ - тајвански гигант го воведе системот на ротирачки директори

КРАЈ НА „ПРАВИЛАТА НА САМО ЕДЕН ЧОВЕК“ - тајвански гигант го воведе системот на ротирачки директори

ЗА ОВАА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА, ПЛАТА ОД 2.500 ЕВРА - обезбедени сместување и храна, а ЕУ пасош не ви е потребен

ЗА ОВАА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА, ПЛАТА ОД 2.500 ЕВРА - обезбедени сместување и храна, а ЕУ пасош не ви е потребен

ЛАНИ „ИЗМЕСИЈА“ ФАНТАСТИЧЕН ПРОФИТ, АМА СО НЕГО ЌЕ ПОКРИВААТ СТАРИ МИНУСИ - кои се акционерите што нема да добијат дивиденда од најголемиот производител на леб

ЛАНИ „ИЗМЕСИЈА“ ФАНТАСТИЧЕН ПРОФИТ, АМА СО НЕГО ЌЕ ПОКРИВААТ СТАРИ МИНУСИ - кои се акционерите што нема да добијат дивиденда од најголемиот производител на леб

НЕМА НАДЕЖ ЗА ПОДОБРИ ПЕРФОРМАНСИ: домашната економија се бори со „институционални кочници“, потребни се структурни реформи

НЕМА НАДЕЖ ЗА ПОДОБРИ ПЕРФОРМАНСИ: домашната економија се бори со „институционални кочници“, потребни се структурни реформи