19 Април, 2024
0.0637

ИНТЕРВЈУ ИГОР ИВАНОВСКИ: Македонија во иднина ќе биде држава која ќе работи само за пензионерите!

Објавено во: Економија 05 Декември, 2016

Добивај вести на Viber

“Она што треба јавно и гласно да се збори е дека досегашниот систем, особено во последните години, е неодржлив и претставува камен околу врат на сите во државата, за да конечно почне да се менуваат работите и решаваат проблемите кои се системски. Ако се продолжи како досега, Македонија во иднина ќе биде држава која ќе работи само за пензионерите и ќе ги жртвува своите шанси за раст и развој“, вели во интревју за “Фактор“ универзитетскиот професор Игор Ивановски.

Итно стабилизирање на државниот пензиски систем ..

Фактор: Меѓународниот монетраен фонд во последниот Ивештај, оценка за Македонија “ја охрабрува Владата да ја разгледа можноста за зголемување на старосната граница за пензионирање“, како можна мерка која би обезбедила одржливост на државниот ПИОМ. Дали овие препораки на ММФ треба да сфатат сериозно и дали оваа реторика има економска или политичка заднина ?

Ивановски: За состојбата и предизвиците на пензискиот систем во државата, честопати се говори, речиси без исклучок кога сме сведоци на ставови и препораки од страна на меѓународните економски или политичко-економски институции. Сепак, дебатата за македонскиот пензиски систем, кај нас дома, е дневно-политичка, конфликтна и нуди претежно осврт кон проблемите и стравовите на корисниците, наместо да е ориентирана кон решенијата. Конкретно, и самата реформа која започна во 2001 година, и е по примерот на моделот на Светската Банка(СБ), сеуште не е во фаза на целосна реализација, за да ги видиме првичните ефекти. Но, објективно можеме да заклучиме дека македонскиот пензиски систем, доминантно сватен преку Првиот столб, односно Фондот за ПИОМ, е во сериозен проблем, и не може самостојно да опстојува во вакви околности. Дотолку повеќе, јавноста треба да знае дека идните економски и пред се демографски проекции се неповолни, и доколку не се превземат серија на обмислени, консензуални и конзистентни акции и чекори, Пензискиот систем ќе биде најголемиот проблем за нашата макроекономска стабилност и најголем товар за македонската економија, односно минатото ќе ја уништува сегашноста и иднината. Конкретно, пензискиот систем се води со нецелосно економско фундирани одлуки, кои се честопати контрадикторни, и од аспект на задоволување на пензионерите како хомогена структура значајна за политичките елити. Кратко, проблемите во пензискиот систем се системски и енормно длабоки и сериозни, за да бидат решени само со административно решение со кое се обезбедува одложување на влезот на нови генерации пензионери за подоцна во системот. Подигањето на старосната граница за пензионирање на 67 години, за мене, без притоа да се променат системските проблеми, е погрешно и значи како да гасите шумски пожар со кофа вода. Впрочем, таков тип на одлуки, кои се донесоа во други држави, овозможија постепено зголемување на старосната граница, на пример скалесто зголемување за 2 или 3 години во период за 10 години, како начин за постепено прилагодување на системот, иако резултатите се без посериозен ефект. 

Дополнително, во 2014 година, се овозможи работниците да одлучат дискреционо, дали да заминат во пензија на 67 години. Две години потоа, официјалните податоци покажуваат зголемување на бројот на пензионери на годишно ниво, што значи дека вработените не одлучуваат да работат подолго. И конечно, не се согласувам за подигање на старосната граница за пензионирање, и од причина, што на тој начин, негативно ќе се влијае на и онака нефункционалниот пазар на работна сила, и намалување на шансите за вработување на младата популација, каде невработеноста е структурно највисока, како што во голем дел од примарниот и секундарниот сектор е нехумано и неправедно да очекувате да се работи до 67 години. За споредба, во државите членки на ОЕЦД, кои се најразвиени, ефективната возраст за заминување во пензија во 2014 година, е 64,6 години за маж и 63,1 година за жена, и покрај повисоките законски граници во дел од државите.

Фактор: Вие сметате дека зголемувањето на старосната граница нема да биде решение за обезбедување на долгораочна одржливост. Имено, велите дека се потребни дополнителни реформи на сегашниот пензиски систем, воопшто. Што би значеле тие реформи, од каде треба да се почне?

Ивановски: Не ни требаат нови реформи, бидејќи тоа во Македонија значи пристап како да не го решите проблемот. Нас ни требаат јасни и прецизни, обмислени и усогласени одлуки и политики во пензискиот систем. Во услови на нефункционална пазарна економија, слаби институции и отсуство на политичка волја, тое е екстремно тешко да се постигне. Но, мора да се почне веднаш, иако и за тоа доцниме. Прво, мора да се разбере дека одлуките за пензискиот систем не се одговорност и не смеат да бидат право на една или друга политичка елита, туку се обврска на сите, и истите мора се носат со претходна широка дебата и со висок степен на усогласеност, консензус и системска подршка во имплементацијата. Во таа смисла, акциите и чекорите треба да одат во две насоки. Првата, во итно и неодложно стабилизирање и консолидирање на првиот столб, односно Фондот за ПИОМ. Конкретно, потребно е да се направи објективна анализа и пресек, и усогласено да се констатира каде се греши во политиките. 

Понатаму, да се измени системски пакетот на законската регулатива за пензискиот систем да се носи и менува со повисоко, квалификувано мнозинство, а за да се спречат еднострани политички интервенции и импровизации, и да се изгради нов, инклузивен и функционален систем за управување со пензискиот систем. Потребно е да се зајакнат внатрешните капацитети на првиот столб, за да тој функционира поефикасно, и овозможува подобар систем на евиденција и наплата на приходите. Пред се, клучно е да се влијае на намалување на неговиот системски дефицит, за кој плаќаат сите граѓани, вклучително и пензионерите. 

Конкретно, дефицитот во Фондот е повисок од годишниот дефицит на македонскиот Буџет и е повисок многу повеќе од вкупните капитални инвестиции, со што можеме условно да заклучиме, дека државата најмногу се задолжува само за пензиите на пензионерите, по цена и по жртва на растот и стандардот на останатите, особено по можностите и шансите на младите. Недозволиво е во ист временски период, да се носат одлуки за намалување на стапката на придонесите(приходи на ПИОМ), да се зголемуваат пензиите(расходите) и да се ослободуваат од плаќање придонеси работодавачите, а заради активните мерки за вработување. Едноставно, таква ситуација е свесна одлука за деструкција на пензискиот систем. Од тие причини, мислам дека е крајно време да се утврди актуарски фер износ на стапката на придонес над сегашните 18%, да се размисли за враќање на вработените кои во моментот на реформата имале наполнето 40 години во членство само во првиот столб со што нивните трансфери во вториот столб, просечно во износ од 35 милони евра на годишно ниво, би останувале во првиот столб, и би влијаеле на неговата финансиска кондиција. Заради конечно објективирање на процесот, сметам дека корисниците на најниската пензија, треба да се издвојат во системот на социјална заштита, и тоа во интегриран „0“ столб, во рамки на Буџетот на Р.М., преку концептот на државна пензија, со строго утврдени критериуми и контролирана исплата. 

Конечно, доколку дефицитот продолжи да расте, може да се превземе привремено замрзнување на трансферите кон вториот столб, односно 6-те% од пензискиот придонес, или пак на дел од нив, но не пониско од нивото од 3% трансфер кон вториот столб. Таа мерка, применета во помал број на држави со систем сличен на нашиот е исклучително тешка и го нарушува кредибилитет и интегритетот на системот, но доколку е единствено можна за санација на дефицотот и е јасно и временски поставена во системот на мерки, може да резултира со сигнификантно намалување на дефицитот на ПИОМ. Впрочем, тоа може да биде нужно зло, доколку постои одлука за вистинско ресетирање и рестартирање на системот.

 Впрочем, постојат сеуште голем број на отворени прашања кои мора да се регулираат, како на пример, проблемот на голем број лица со бенефициран стаж(припадници на МВР, АРМ, рудари и сл.) кои заради законски предвремено пензионирање, не можат да добијат старосна пензија од Вториот столб, или пак структурата на идната пензија за вработените денеска, која ќе резултира со пониска пензија од нивните родители денес.Последното е особено поврзано со актуелната поставеност на системот, која на вработените лица, почнувајќи условно за генерациите помлади од 1970 година, не гарантира адекватна и одржлива висина на пензија нужна за квалитетен и достоинствен живот по пензионирањето.

Реформи и ремонт за одржливост ..

Фактор: Проблемите во државниот фонд започнаа со реформата во 2007 година, кога се формираа односно активираа приватните пензиски фондови, но оттогаш финансиската состојба се влошува. Но, од друга страна пак невработеноста се намалува а вработеноста расте – што треба да подразбира и зголемување на приходите во фондовската каса?

Ивановски: Објективно беше да се очекува дека со почетокот на функционирањето на вториот столб во 2006 година, транзиционите трошоци ќе го зголемат дефицитот на првиот столб.Таков е случајот и со другите држави. Сепак, кај нас постои системски, вграден и хроничен дефицит, и многу повеќе, негативни економски претпоставки на системот. Стапките на раст се скромни и недоволни, и намалувањето на невработеноста е бавна и повторно неповолна за пензискиот систем. Односно, приходите растат помалку од расходите. Кога на тоа ќе се додаде и фактот, дека за лицата вработени преку активните мерки не се уплаќаат придонесите, ситуација е уште полоша, бидејќи се генерираат идни обврски за генерациите, а за тоа никој не плаќа. Таа пракса мора да престане. Односно, ако се стимулира концепт на „фри-шоп“ на работна сила, придонесите мора да се плаќаат, во најмала рака од Буџетот, иако тоа ја стимулира нееднаквоста на граѓаните. Голем проблем претставува и неевидентираното иселување на работоспособно население, кое претставува неповратна загуба на идни придонесувачи во системот, како што воопшто не се анализира структурата на вработеноста, која е неповолна и овозможува ниски нивоа на тековни трансфери во пензискиот систем, кој има високи обврски од минатото по основ на предвремени пензионирања и релативно повисоки пензии од реалните трансфери во минатото. Клучно е да се изгради модел на економски развој, кој ќе генерира повисоки и одржливи стапки на раст, со високо ниво на вработеност, нешто што по 25 години, сеуште отсуствува во државата.  

Фактор: Колку порастот на висината на пензиите дополнително влијаеше врз одржливоста на ПИОМ?

Ивановски: Секоја неконзистена одлука резултира со соодветна намалена економска вредност. Пензиите треба да растат, тоа не е спорно. Како што и платите треба да растат, а врз основа на нив и пензиите. Проблемот настанува кога пензиите растат повеќе од реалниот раст на економијата, повеќе од продуктивноста на трудот, и кога пензиите се разбираат како средство за финансирање на невработените лица во семејствата. Да повторам, не е економски опортуно, да се намалат пензиските придонеси и да се зголемат континуирано пензиите. Тоа е неодржливо, и цената за тоа ќе мора да се плати. Во моментов, тоа се прави на два начина. Првиот е со задолжување дома и во странство, со високи финансиски и опортунитетни трошоци, а вториот преку системот на мултикратно „оданочување“ на граѓаните, особено вработените, кои покрај пензискиот придонес, го полнат индиректно Фондот за ПИОМ преку плаќањето на даноците(ДДВ и ПДД),таксите, акцизите и сл. Тоа го креира затворениот круг, од кој не се превзема ништо да се излезе.

Фактор: На почетокот од годината се обелодени дека државниот ПИО доцни со префрлување на пари на сметка на приватните фоднови. Тоа се пари на осигурениците. На што упатува оваа состојба?

Ивановски: На нефункционалност на системот. Да потсетам дека прифаќањето на моделот на пензиски систем на СБ, подразбира диверзификација на ризиците, во повеќестолбен систем, во кој различните столбови и режими соодветно и најдобро треба да одговорат на фискалните, инвестициските, инфлационите, политичките и демографските ризици, пред се ризикот на долговечноста како глобален феномен. Дополнително, ако се доцни со трансферот на делот на придонесите во вториот столб, директно се влијае на износот на идните пензии, бидејќи капитално финансираното пензиско осигурување работи врз концептот на временско капитализирање на средствата. Помалку пари во фактор време, за нас како корисинци, значат, помалку принос на нашите средства како идна пензија. Се повеќе се чини дека исплатата на пензиите од првиот столб, и трансферот кон вториот столб, претставува борба месец за месец, и е процес зависен од тековните задолжувања на Владата на домашниот или меѓународниот пазар, што е поразително за системот во целина. Како што и вкупниот ризик не е намален, што беше и е цел на реформата по моделот на СБ, бидејќи и тие средства кои со задоцнување ги добива вториот столб(двете друштва) пак завршуваат во преку 80% во државните хартии од вредност и банкарските депозити, кои банките повторно во голем дел ги трансферираат во државни хартии од вредност. И повторно во истиот круг, секој месец, Владата позајмува на Фондот за ПИОМ за исплата на пензиите и делот кон вториот столб, без посебно додадена вредност, а ризиците се зголемуваат.

Фактор: Какви се искуствата со пензиските системи во Европа? Каков е соодносот пензионер – вработен и како според овој критериум котира Македонија?

Ивановски: Секоја држава има слични, но во основа автохтони пензиски системи, во кои, постојат различни дизајни на архитектурата, односно комбинации и релации, на столбовите, во зависност од тоа дали имаат задолжителни или доброволни столбови со дефинирани бенефити или придонеси. Тие се мултистолбни, со тенденција за трансфер кон системите со дефинирани придонеси, бидејќи на тој начин се трансферира ризикот од државата или организаторот на фондот кон корисникот. Во одредени држави членки на ЕУ неспорно е дека односот вработен/пензионер е номинално подобар од оној во Македонија,заради повисоката вработеност, но во исто време, сите држави се соочуваат со зголемување на старото население, тренд кон кој и нашата држава за жал, се приклучува. Оттаму, можеме да се компарираме по два параметра. 

Првиот е процентот на трошоци за пензии во однос на БДП, кој во ЕУ членките се движи од 6,9% до 15,7%  од БДП( Извештај на ЕК во 2015 година), а во просек изнесува 11,3% од БДП. Во таа смисла, Македонија со 10,1% од БДП кој отпаѓа за пензии се наоѓа до просекот на ЕУ, со таа разлика што проекциите се дека во Македонија овој процент ќе расте, а во ЕУ се очекува благо да се намалува и да овозможи одржливост на ниво на државите од ЕУ-28. Вториот параметар е односот на старо(65+ години) и работоспособно население(20-64 години), по кој Македонија има демографски проекции за забрзано стареење на населението, а со тоа и зголемен товар врз пензискиот систем и генерално економијата, и ниска стапки на прираст на населението. 

Конкретно, Македонија во моментот има ниво на 1.4 дете по жена, што е далеку под природното ниво на фертилитет од 2.1 дете по жена, и е за жал, дури и под песимистичките проценки на нашите институции. Конечно, проблемите и ризиците за пензиските системи ќе растат на светско ниво, како резултат на демографските трендови и економско-финансиските и политички кризи. Она по што се разликуваат државите, е дали и што превземаат во врска со тоа. Македонија спаѓа во групата држави, кои не превземаат мерки за соочување со проблемите на иднина, ниту на краток, среден или долг рок.

Фактор: Каква е иднината на ПИОМ? Дали со сегашната поставеност, приходи и расходи, зависност од Буџет, може да се каже дека исплатата на пензиите е безбедна среднорочно и долгорочно, како што вели министерот за финансии Миновски?

Ивановски: Во ситуација во каква што е Македонија, економските политики се сведуваат на дневни и месечни одлуки, и воопшто нема дебата и долгорочен и одржлив пристап и концепт. Тоа мора веднаш да се промени со анализа, дебата и одлуки за иднината на пензискиот систем. Ако не се променат многу работи, пред се поврзани со Првиот столб, не очекувам подобрувања. Јас би одел и чекор понатаму, а тоа е разгледување на можноста за промена на дизајнот на мултистолбниот систем, и мека транзиција на ПИОМ од столб со дефинирани пензии во столб со „нотирани, виртуелни“ сметки со дефинирани придонеси, со што системски и концептуално ќе се промени конзистентноста, транспарентноста и резистентноста на првиот столб од економските, демографските и политичките ризици. 

Вакви „Notional Defined Contributions(NDC)“ јавни први столбови постојат успешно во Шведска, Италија, Норвешка, а од блиското минато и Полска, Латвија, како и Кина и Русија. Концептот е поврзан со повисока поврзаност помеѓу даночните придонеси и идните пензии, на начин како што постојат индивидуални сметки во капитално финансираното пензиско осигурување, со таа разлика, што овие се виртуелни и не се капитализираат, како што идната пензија се определува на актуарски фер начин, врз основа на придонесите на секој корисник и очекуваниот животен век по пензионирање, што ги објективира и пензиите и обврските на првиот столб. Во тој контекст, може да се акцентира и можноста за обезбедување на усогласеност на доминантната социјална со потенцијалната развојна компонента на пензискиот систем, кој би стимулирал плаќање на повисоки пензиски придонеси, нивно директно поврзување со повисока очекувана пензија, како индивидуализирана вредност, како и разработка на стимулациите за работа по пензионирање, или т.н. петти столб, кој ќе овозможи дополнителен приход за квалитетен живот по пензионирањето.

Фактор: Постои ли воопшто опасност од загрозување на исплатата на пензиите ?

Ивановски: Не постои држава која нема да исплати пензии. Затоа мислам дека треба да се престане да се плашат пензионерите со таа нереална опасност. Но, она што треба јавно и гласно да се збори е дека досегашниот систем, особено во последните години, е неодржлив и претставува камен околу врат на сите во државата, за да конечно почне да се менуваат работите и решаваат проблемите кои се системски. Ако се продолжи како досега, Македонија во иднина ќе биде држава која ќе работи само за пензионерите и ќе ги жртвува своите шанси за раст и развој. Впрочем, пензискиот систем не може да се разгледува изолирано, и најдоброто решение за него е макроекономскиот модел со успешна микроекономска имплементација да генерира раст и вработеност, а пензискиот систем да претставува конзистентен систем кој овозможува адекватен приход на пензионерите како резултат исклучиво на реалниот раст на економијата. Конечно, интергенерациската солидарност, подразбира и интергенерациски обврски за сите генерации.

Д.Д.

Можеби ќе ве интересира

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите