21 Ноември, 2017
0.3658
    ADIN 540    -1.82%     ALK 7350    -0.51%     BESK 10300    0%     CEVI 912    0%     FERS 57750    -2.94%     GRNT 801    -2.95%     KJUBI 1400    -2.78%     KMB 2700    0%     LOTO 600    0%     MPT 26900    -0.37%     MTUR 4224    3%     OHB 4851.54    -0.17%     REPL 54800    0.37%     RMDEN11 96    -0.62%     RMDEN13 96.4    1.47%     RMDEN15 95    0.05%     STBP 600    -0.17%     TETE 1938    4.76%     TNB 13500    -0.01%     TTK 816    0.38%     UNI 1905    0%     ZPKO 2600    -2%

ИНТЕРВЈУ ЈОВАНОСКИ: Македонија не е подготвена за избори, тие се само вовед во подлабока криза!

Објавено во: 12 Април, 2016

Македонија во овој момент ни најмалку не е подготвена за избори. Режимот на една држава е во рацете на една извршна струја и понатамошниот развој зависи од капацитетот за визија на севкупното општество како целина, не само на едно гласачко тело. Проблемот со широката корупција останува како клучен предизвик и тука се упатува на разрешница во рамки на истражните органи, особено на Специјалното јавно обвинителство. Судството има историска улога да го увиди проблемот во својата срж и да реагира согласно начелата на независност и професионалност. Не се спроведени клучните реформи и јазот помеѓу политичките учесници се чини дека е се поголем. Иако со Пржино се бараа конкренти извештаи за работата на надзорните тела (иплицирани со незаконски прибраните разговори),сепак јавноста беше лишена од конкретни заклучоци и препораки за надминување на ситуацијата- вели во интервју за Фактор, м-р Александар Јованоски, Програмски координатор за демократија и владеење на правото во Институтот  за европска политика/ Мрежа 23. Фактор: Дали реално постои можност за избори на 5 јуни и кога според реалните проценки и капацитети би можеле да кажеме дека земјава е подготвена за избори? Јованоски: Од системот на следење кој Мрежа 23 го воспостави уште во септември 2015 година, редовно известувавме и предупредувавме на разиците кои произлегоа од пролонгирањето на клучните рокови во договорот. Процесот на оценка на спроведувањето на Договорот од јуни/јули се претвори во операција на штиклирање квадратчиња. Давање позитивна оценка околу подготвеноста за избори во овој момент не само што би ги легитимирало опструкциите на Договорот, туку ќе предизвика внатрешен конфликт и поделби по сите линии. Тоа веќе го гледаме на терен. Македонија во овој момент ни најмалку не е подготвена за избори. Бојкотот или неучеството на одредени политички субјекти е легитимно доколку се сомневаат во крајните резултати. Да не заборавиме, политичката криза (изминативе година и 4 месеци) е производ на непризнаени избори. Целта беше кредибилни избори признати од сите субјекти во процесот, вклучувајќи ја и пошироката јавност како можност за надминување на ситуацијата. Со едностраното распуштање на парламентот, воедно потписнички на договорот, се создава можност за влез во уште подлабока криза. РЕФОРМИТЕ СЕ ЗАПОСТАВЕНИ Фактор: Што покажува мониторингот  во делот на реализираните реформски чекори, што е направено, а што не во целиот политички процес, дали се спроведени препораките од акцискиот план на Прибе и каде лежат проблемите или кочниците за реформите и ислолнување на договореното? Јованоски: Според Институтот за европска политика и Мрежа 23, процесот на спроведување на Политичкиот договор (Пржинскиот договор) не ги даде очекуваните резултати. Додека, итните реформски приоритети суштествено не се спроведуваат, а не може ниту да стане збор за нивно „значително исполнување“. Следењето на реализацијата на истите е несистематско и недоволно, како од страна на домашните, така и од страна на странските институции. Приматот во следењето го одзема спроведувањето на другите точки од договорот од Пржино, така што итните реформски приоритети се целосно занемарени. Недостига транспарентност за планираните и спроведените мерки од страна на Владата. Објавениот работен документ на Владата за спроведување на препораките согласно итните реформски приоритети се крајно технички и несоодветни да одговорат на политичките процеси во земјата. Но од друга страна, недостига транспарентност за наодите на Европската комисија за спроведување на итните реформски приоритети. Во овој момент се чини невозможно воведување на механизам којшто ќе овозможи отчетност за спроведувањето на итните реформски приоритети, во кој ќе бидат вклучени Европската комисија, Владата и Собранието на РМ, релевантни независни тела и граѓанското општество. Фактор: Во извештаите на Европската унија и препораките од извештајот на Рајнхард Прибе, во најголема мера критиките беа насочени кон надзорните тела, но дали е направен исчекор  по ова прашање, имајќи ги во предвид притисоците врз работата на СЈО? Јованоски: Независноста на надзорните тела остануваат клучен проблем имајќи предвид дека бараната реформа за овие тела е во сенка на спроведувањето на Пржинскиот договор. Реално, можеби е во ред да се очекува посериозен ангажман во некое друго порелаксирано време, сепак не е направен никаков исчекор по ова прашање. Сите клучни процеси превземени во Собранието за обезбедување на парламентарна контрола беа крајно игнорирани без сериозен пристап кон комплексноста и тежината на проблемите. Иако со Пржино се бараа конкренти извештаи за работата на надзорните тела (иплицирани со незаконски прибраните разговори),сепак јавноста беше лишена од конкретни заклучоци и препораки за надминување на ситуацијата. Работата на Специјалното јавно обвинителство, кое е производ на политичката криза, останува клучно во расветлувањето на ситуацијата. Обврската на сите е да се почитува и поддржи неговата работа, но ситуацијата на терен е крајно несериозна и критична. Постои оркестриран притисок и негирање на тоа што е производ на неговата работа, а воедно и сериозни обвинувања за понатамошно следење на специјалните јавни обвинители што фрла сенка врз целиот процес. Од сите политички чинители ни беше ветено крајно транспарентно однесување во целиот овој процес под покровителство на Специјалното јавно обвинителство. За жал, тоа не е случај и последиците од овие постапки би биле крајно катастрофални по владеењето на правото во државата. КОНФУЗНОСТА НА ДИК ВНЕСУВА СОМНЕЖ Фактор: Дали има доволно време за целосно прочистување на изборачкиот список и дали се зголемува   недовербата во институциите? Јованоски: Неколку пати предупредивме дека за оваа “важна вежба” треба време. Последната недела, од извештаите на медиумите, се предупреди дека за да се спроведе методологијата за проверката на избирачкиот список потребни се дополнителни напори и ресурси. Делува збунувачки што уште немаме официјална реакција за тоа дали списокот е спремен за изборите. Конфузните и различните реакции на поеднини членови на ДИК дополнително влеваат сомнеж во процесот, спротивно на Пржинскиот договор што требаше да важи како круна во процесот пред избори. Експертите во тимот кои работат во ДИК го имаат приматот во тоа дали е потребно време за понатамошна проверка на списокот. Општеството влезе со огромна доза на сомнеж бидејќи списокот беше крајно оспоруван. За да се врати довербата во неговата веродостојност, покрај сите јавни написи и обвинувања за огромен број на фантомски гласачи, тоа останува на политичките чинители. Фактор: Изборниот модел е еден од најважните аспекти на парламентарниот систем што има удел во овозможување или оневозможување на тиранијата на мнозинството. Идејата за отворени листи не е нова во Македонија. Треба ли да се размислува за промена на моделот и дали на овој начин може да се направи рамноправен пристап на сите учесници во изборната трка? Јованоски: Би сакал да се повикам на голем дел на суштински и квалитетни анализи што беа понудени како одговор од страна на колегите во граѓанскиот сектор. Тука МОСТ и ЦИВИЛ дадоа клучни и стручни предлози за промена на изборниот модел кој би соодветствувал на реалноста и би понудил суштина, количина и длабина во демократијата во Македонија. Но, овој предлог на отворени листи, во текот на преговорите во политичката група беше одбиен. Разбирливо, немањето на доволно време за подлабока анализа и потребата од широка експертска и јавна расправа доведе да се исполнат само минимум критериуми, кои ете, како што гледаме, не понудија ништо ниво. Дури се поставува прашањето колку измените во Изборниот законик ги имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, особено во делот на ревизија на избирачкиот список, користењето на државни извори за партиски цели, ревизијата на политичките партии за финансирањето на политичките кампањи и серија други сериозни констатации. Лично мислење е дека изборниот модел треба да се размислува во друг порастеретен период за да се дојде до посакуваниот резултат. Да, овој модел ги фаворизира големите политички партии што не дозволува до унапредување на либералната демократија, туку доведува до други тенденции кои не се во согласност со уставната определба на оваа држава. МАКЕДОНИЈА Е ХИБРИДЕН РЕЖИМ Фактор: Македонија беше оценета како земја со хибриден режим кој дополнително се соочува  со проблемот на системската корупција. Како да се надмине оваа состојба? Јованоски: Со жалење може да се констатира дека веќе се говори за хибриден режим – нелиберален кој се повеќе може да се споредува со ситуацијата во земјите членки од Вишеградската група и земјите од Западен Балкан. Што доведе до ова останува да се анализира и дебатира во периодот кој следи, сепак тенденциите можат да се бараат во неинтегрираното општество внатре во самата земја, постојаното измислување на било каков тип на непријатели (внатре и надвор) за амнестирањето на перформансот на извршната власт и недоволниот капацитет за поединечна одговорност кој се врзува со колективот на власт. Режимот на една држава е во рацете на една извршна струја и понатамошниот развој зависи од капацитетот за визија на севкупното општество како целина, не само на едно гласачко тело. Проблемот со широката корпуција останува како клучен предизвик и тука се упатува на разрешница во рамки на истражните органи, особено на Специјалното јавно обвинителство. Судството има историска улога да го увиди проблемот во својата срж и да реагира согласно начелата на независност и професионалност. Ситуацијата може да се надмине ако предност се најде во историската шанса да се соочиме со проблемите од транзицијата и да се самонадминеме, суетно и општествено. Фактор: Порака и очекувања? Јованоски: Неопходно е итно, можно и преку високиот пристапен дијалог, да се постават реални рокови и индикатори за спроведување на итните реформски приоритети. Овој потфат треба да се спроведе на структуриран начин, по тематски прашања, со учество на независните тела, како и граѓанскиот сектор. Улогата на медимите останува клучна! Анимирањето на пошироката јавност и преносот на информации кои се засноваат на аргументи и докази е клучно во градењето на соодветни ставови и нивно преточување во конкретни резултати на политичката арена. С.Б.