28 Март, 2024
0.0283

Интервју Стефан Богоeв: Младите да ги задржиме во Македонија со просечна плата од 500 евра

Објавено во: Македонија 08 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Владејачката партија пред изборите се обиде уште еднаш да им се допадне на младите и прогресивните гласачи ветувајќи им повеќе поволности во студентските домови, но се повеќе се шири незадоволство од огромната невработеност кај младата популација, дискриминацијата врз база на политичка и друг вид на определба, наметнувањето на регресивни ставови како и долгогодишен молк за голем број на барања токму од младите.

Оваа состојба во секоја земја би била идеална за опозициска партија, особено ако истата е од левата проминиенција и со прогресивни идеи. Затоа разговараме со пратеникот Стефан Богоев, лидерот на младинската организација на СДСМ кои се нивните решенија за излез од оваа лоша состојба каде се поголем број на млади луѓе се иселуваат од државава, но и за поддршката кон прогресивните граѓани и активисти, што може политички нив да им понудат.

Не само за да го освојат нивниот глас туку и да докажат колку како партија се променти и дали некогашниот елитизам и „дворски“ игри ги заменија со отвореност и визионерство.

Фактор: Власта наметна конзервативна политика, барем тоа е дел од пропагандната машинерија. Од друга страна имаме голем број на нови генерации кои се многу прогресивни, имаат напредни сфаќања за политиката, општеството и државата. Како СДСМ и СДММ може да го канализира револтот, стагнацијата на политичката мисла. Што ќе биде приоритет за следните избори, како ќе ги привлечете прогресивните гласачи кои по природа сакаат реформи и промени?

Богоев: Во изминатите десет години ВМРО-ДПМНЕ не само што наметна конзервативна политика туку се обиде да наметне и униформност во размислувањата на граѓаните. Креирајќи лажна реалност преку медиумските мегафони и квази медиуми кои богато ги наградува, власта во континуитет ги шиканира и оцрнува сите оние кои размислуваат спротивно. Дополнително, во континуитет десет години се прават поделби помеѓу граѓаните по секој основ, се со цел опстојување на власт и продавање лажен патриотизам за добивање на гласови. Меѓутоа, ние од друга страна сме различни и го правиме токму спротивното. СДСМ и СДММ како подмладок на партијата имаат за цел да изградат едно општество водејќи се по максимата “Сите исти, сите различни, една Македонија”. Кај нас има членови и функционери кои ги креираат политиките и на младината и на партијата, а се од различни етнички, верски или сексуални припадности, бидејќи од друга страна пак, проблемите како иселувањето, сиромаштијата и владеење на криминал и корупција не познаваат разлики. Тие влијаат на животите на сите нас. Оттука, прогресивните граѓани во држава, првенствено младите, токму преку СДСМ и СДММ можат да ја подобрат состојбата во државата, но најважно од се, да си го подобрат својот и животот на блиските, тука во Република Македонија. Нашата шареноликост на идеи, мислења и припадности е најсилното оружје против режимското сивило. Кај нас, човекот е пред се, а не партијата!

Фактор: СДСМ го одржа Конгресот на кој ги постави темелите за изборната програма. Колку во неа има место за младите и за подобрување на нивната состојба?

Богоев: Само за потсетување, ние темелите на програмата ги поставивме уште пред година и половина преку “Визијата за Македонија” и потоа програмскиот конгрес во декември, минатата година. На трибините за програмата низ цела Македонија присуствуваа многу млади кои ги кажуваа гласно своите предлози, критики и сугестии. И како секоја прогресивна сила и модерна младинска организација, ние ги прифативме најголемиот дел од предлозите, но и дополнително ги консултиравме и нашите сестрински подмладоци од Европа за нивните позитивни искуства и на тој начин дојдовме до одлични политки и мерки за млади во новата програма. Овој дел е скоро во целост дело на СДММ и на сите млади кои предлагаа и даваа сугестии. Па така, главниот фокус ни е на обезбедување на нови работни места за младите преку проектите “Гаранција за млади” и преку отварање на бизнис центри и грантови за најдобри бизнис идеи од 10 000 евра. Заедно со планот за покачување на просечната плата на 30 000 денари, младите не само што ќе се вработат, туку и одлично ќе заработат. Тука е и изградбата на два нови студентски центри на местото на СД “Гоце Делчев” и “Стив Наумов”, целосна и темелна реконструкција на постоечките студентски домови и средношколски интернати, но и картички за бенефиции и попусти за младите. Целта и фокусот на програмата е младите да останат во Македонија, но притоа и да имаат убав живот и да може да имаат сопствен бизнис, кариера, дом и семејство. И знам дека во ова ќе успееме.

Фактор: СДСМ носи еден товар од 90-тите и тоа власта и провладините медиуми не пропуштаат да го искористат. Важи ли се уште имиџот за СДСМ како елитистичка партија, може ли таа да биде отворена за нови луѓе, за свежи идеи, за активисти кои веруваат во левичарската идеологија. Младите се полни со идеали, но дали СДСМ може да им отвори пат за нивна реализација?

Богоев: Јас сум сигурен дека СДСМ во моментов помеѓу граѓаните важи за партија која е во континуитет помеѓу граѓаните и е максимално отворена за сите. Но, тоа не дојде само по себе, туку на тоа работевме сите во СДСМ со години. Некогаш беше тешко, некогаш наидуваше на отпор, првенствено кај членството, меѓутоа во целиот период бевме убедени дека ја правиме вистинската работа за граѓаните и за Македонија. И резултатите се видливи денес. СДСМ продолжува да биде државотворна партија која секогаш кога било најтешко била тука за да ја спаси Македонија, но во меѓувреме СДСМ прерасна и во партија во која човекот, граѓанинот и неговиот интерес се на прво место. Денес партијата и младината се симбол на Македонија каква што сакаме да ја видиме, држава во која се почитуваат различностите во верска и етничка припадност, се почитуваат различните ставови и мислења. И токму младите се тие кои ги забрзаа овие процеси во партијата. Младите се гласни и влијателни во сите органи и тела на партија, прогресивно ги креираат политиките со цел да обезбедат подобар живот на граѓаните и да стават крај на криминалот на власта. Ние младите кои сме денес активни во политичкиот живот, во 90-тите сме биле во градинка или во основно училиште и нас тој период не не интересира. Нас ни е битна сегашноста, но уште побитна ни е иднината. Велат, “Иднината на младите им припаѓа”, но ние младите бараме и дел од сегашноста за да може да ја креираме таа иднина, која нели на нас ни припаѓа. Оттука, најдобар начин за реализација на потребите и идеите на младите во Македонија е токму младите да бидат вклучени во креирањето на политиките. И во партијата, и во општеството, но најбитно од се во државните органи како Собранието, институциите на извршната власт, во локалните совети и слично. СДСМ и СДММ даваат шанска на младите да се вградат на сите нивоа и јас сум сигурен дека на овие избори ќе имаме уште поголема вклученост на младите насекаде, вклучително и на изборните листи.

Фактор: Важиме за земја со највисока невработеност меѓу младите лица. Се шири апатија, сите сакаат да отидат и работат во странство, се вадат бугарски пасоши или пак, партиски книшки само за да се дојде до работно место кое ќе обезбеди каква таква егзистенција. Можеме ли како општество да го надминеме ова. Како ќе гарантирате дека предност нема да добијат партиските „војници“ туку ќе се вреднуваат личните квалитети, квалификации, способности и образованието?

Богоев: За жал, сето ова што го набројавте е точно и е дури и полошо. Македонија ја губи својата иднина и старее како држава и нација. Тоа е најголемата трагедија која може да и се случи на една држава. Државата губи и пари. Таа инвестира во младите преку нивното основно, средно и високо образование, но бидејќи не можат младите да се вработат или нормално да заработат тие мора да ја напуштат Македонија. Практично, државата во нив инвестира, за потоа од таа инвестиција бенефит да има друга држава.

Ние, најпрво планираме да отвориме нови работни места за младите. “Гаранција за млади” е успешен проект од западно европските земји кој ќе ја обврзе државата на младиот човек по завршување на образование да му понуди три опции: Да се вработи; да продолжи со образование; да добие пракса или бесплатно дообучување (изучување на јазик, компjутерски вештини и сл.). И тоа ќе важи за сите млади, без разлика на политичка или било каква припадност и тука партиска книшка не прави разлика. Целта е младите да не седат дома по завршување на образованието. Ќе чини многу, но новата влада нема да троши на споменици и ќе го сопре криминалот и корупцијата. Со тоа ќе има доволно пари за сите.

Дополнително, најдобрите бизнис идеи ќе добијат 10 000 евра неповратни пари, плус бесплатни канцеларии со канцелариски мебел и бесплатна правна, претприемничка и сметководствена помош. Практично, креативните млади ќе може да имаат сопствен бизнис и да си вработат нивни другарки и другари. И овде, младите ќе бидат вклучени во транспарентната и јавна постапка за доделување на парите за да се избегне партиското влијание.

За студентите, ќе има можност додека студираат да имаа дополнителна (part time)работа во студентките домови, библиотеки или читални и на тој начин да си заработат повеќе пари. Заедно со картичките за театарски и кино претстави и со попустите за меѓуградски превоз, ќе го подигнеме значително студентскиот стандард. Кој се труди и кој е квалитетен ќе успее. Партиската книшка нема да игра никаква улога.

Имаме и поволности и бенефиции за младите земјоделци кои ќе може со помош од државата да заработат повеќе. Македонија има многу обработлива земја која не е искористена!

И една од најбитните работи, новата влада ќе направи се што е потребно за да има независно и непартиско студентско организирање. Јас лично како претседател на СДММ, однапред се откажувам од било какви обиди за партизирање на студентските организации! Само независни студентски организации, може да гарантираат повисок студентски стандард и елиминирање на партиската книшка како клучен предуслов за успех.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

На Бујар Османи му е предложено да се кандидира за генерален секретар на НАТО?

На Бујар Османи му е предложено да се кандидира за генерален секретар на НАТО?

Тошковски: Приведено уште едно лице за убиството на докторот

Тошковски: Приведено уште едно лице за убиството на докторот

Европската комисија бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра потрошени за измами од „Еразмус плус“

Европската комисија бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра потрошени за измами од „Еразмус плус“

Андоновски: Не е проблем превработеноста, туку нефункционалноста на администрацијата

Андоновски: Не е проблем превработеноста, туку нефункционалноста на администрацијата

Со украден џип од Италија сакал да се врати во Студеничани

Со украден џип од Италија сакал да се врати во Студеничани

„ОПШТИНИТЕ ЌЕ КОНФИСКУВААТ ДИВИ ОБЈЕКТИ НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ“: Герасимовски најави големи промени на терен - нема рушење

„ОПШТИНИТЕ ЌЕ КОНФИСКУВААТ ДИВИ ОБЈЕКТИ НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ“: Герасимовски најави големи промени на терен - нема рушење

„ДОБРО БРЕ ГОВЕДА ЕДНИ“: Миа Костова распали поради измама „Прво лепевте доктори, сега стасав и јас на ред!“

„ДОБРО БРЕ ГОВЕДА ЕДНИ“: Миа Костова распали поради измама „Прво лепевте доктори, сега стасав и јас на ред!“

АКО ПОБЕДИ СДСМ БИ РАБОТЕЛ И ЗА НИВ КАКО ЕКСПЕРТ - Стојанче Ангелов кажа дека би барал плата од 5.000 евра

АКО ПОБЕДИ СДСМ БИ РАБОТЕЛ И ЗА НИВ КАКО ЕКСПЕРТ - Стојанче Ангелов кажа дека би барал плата од 5.000 евра

ПРЕДИЗВИК ЗА МЛАДИТЕ РАБОТНИЦИ: Kaко да се издвојат од конкуренцијата?

ПРЕДИЗВИК ЗА МЛАДИТЕ РАБОТНИЦИ: Kaко да се издвојат од конкуренцијата?