28 Март, 2024
0.1917

ИНТЕРВЈУ Жарко Чаушевски, креатор на новиот лик на Скопје: Фасади и згради не правам по ничија директива!

Објавено во: Анализа 05 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Барокот и проектот Скопје 2014 еден ден ќе бидат историско наследство. Во светот немаат комплекси од историјата  и таа е дел од секојдневната архитектура. Нејзината современост не е само во фасадата, туку и во чувањето на лимитираните природни ресурси. Во Балканската култура не постои почит кон човектот како најважна творба. Затоа е многу тешко да се создаде систем на респект кон градителското наследство - како нечие авторство Овие ставови во ексклузивно интервју за Фактор ги соопштува Жарко Чаушевски, младиот архитект „на власта’, како го нарекуваат неговите критичари. Во своето прво подолго интервју Чаушевски зборува за контроверзните проекти во Скопје, навестува нов лик на ГТЦ, зборува за новата фасада на Владата, за зградата на Водовод, одговара на критиките, но потенцира дека, наспроти општото мислење во јавноста, не е „ексклузивец на власта“ кој работи на новите градби. Тој вели: Моите објекти се препознатливи и во согласност со тајните и финесите на стилската архитектура. Така проектираат и најголемите архитектонски компании. Фактор: Барокната обвивка во Скопје веќе не е инцидент на архитектурата туку обид  да се форматира нов вид на неокласицизам наспроти архитектурата на неокомунизмот. Како автор на најголем број од проектираните објекти и фасадни промени како ја разбирате  дефиницијата на Кристијан Нонберг Шулц дека архитектите не може да ја претворат архитектурата  во еден вид гламур, престиж, ривалство во кич и холивудско ласвегаска лага“ Жарко Чаушевски: Класицизмот во себе ја содржи идејата за совршенство на оној начин на кој таа идеја се јавува во природата. Во времето на соц-реализмот таа идеја се напушти, бидејќи согласно тогашните идеологии-не беше можно да се застапува класичниот концепт на хармонија помеѓу човекот и природата. Во време кога човештвото станува свесно дека истото речиси се уништи, логично е да се јави потреба да се врати потребата од бранење на хармонијата помеѓу човекот и природата. Интересно е што голем дел од лицата кои го насочуваат размислувањето, модата и начинот на живеење на современиот човек, живеат во стилски објекти и ентериери. Се чуствува заситеност од модернизмот и потреба од похармонична средина. Зарем во други сфери на животот традицијата не ја истисна современоста? Брзата храна се напушти, современата наука го разби атеизмот, материјализмот стана прибежиште на неучените... Во прилог се две слики –Ул. Македонија пред реконструкцијата, и ул. Македонија После реконструкцијата. Граѓаните нека изберат сами која улица би скале да живеат. Или би поставил контра прашање - доколку инвестирате некој европски град - дали повеќе би инвестирале во град кој личи на  слика 1 или во слика 2. Одговорот е јасен. Фактор:  Како естетски ќе кохабитираат  архитектонскиот барок и историските монументи во центарот на главниот град.  Дали тоа е најдобрата замена  - комунистичка монотонија на големите простори? Жарко Чаушевски: Дали архитектурата на Скопје со нешто потенцираше дека главниот град е дел од Европа? Дали успеа да поттикне, љубов и почит и дали постоеше приврзаност кон него? Ако разгледаме подобро ќе видиме граѓани кои секнат нос на улица, нивните миленици вршат нужда на улица, шират омраза кон својот град во секоја прилика кога им се дава шанса.... Зошто на многу фејсбук профили на граѓаните на Македонија, во позадината се гледаат градби од европските метрополи? Дали истите не произлегуваат од потребата да посочиме дека и ние сме дел од тие културни вредности! По мене помеѓу голем дел од граѓаните, се чуствува потреба за јасно позиционирање дека во свеста сме дел од европските културни вредности. Со дооформување на  Градскиот центар, јасно ќе се покаже дека граѓаните кои живеат тука се дел од европското културно наследсто. Притоа кога споменувам Европа не мислам само географски, туку на нејзините културни вредности и стостојба на свест, како насока која треба да се имплементира. Секој турист, странски инвеститор, но и граѓанин од Скопје, кога ќе ја види сликата на градот веднаш мора да му стане јасно во која културна средина е... Согласно моите сфаќања шовинистички е заболекар да каже - јас лечам заби само на Французи. Или пак на шалтер од банка да ви кажат - ние работиме само со модерно облечени луѓе. Зошто пак архитект доколку знае и може да направи, не би имал во својот опус и класични градби. Светски познати имиња немаат комплекси за стилот на градбите. Фактор:  Парискиот барок е разбиен со хајтек архитектурата во проектирањето  на модерниот центар Помпиду. Еден од тројцата архитекти Ричард Роџерс за малку ќе ја изгубеше лиценцата.  До денес центарот  Бобур е посетен од над 200 милиони туристи.  Дали тоа кај Вас како архитект  е мотивација или оправдување за проектираните барокни зданија? Жарко Чаушевски: Како личност се сметам за познавач на историјата. Најинтересно е што во нападите кон историјата се забораваат фактите.  Од прашањето се наведува дека туристите не го сакаат историцизмот. Напротив, најпосетувана локација во Париз е Цркавата Нотр Дам – готика. Нео -романтичната црква Базиликата Сакракер - е далеку попосетувана од центар Помпиду. Истата е завршена во 1914 година. Втор факт, кој во прашањто се заборава е - доколку центарот Помпиду не беше во Париз колку посетители ќе имаше? Односно од 27.000.000 туристи годишно во Париз секој втор ја посетува црквата Нотр Дам. Дaлеку од таа бројка е центарот Помпиду. Во мојата референца, меѓу големиот број дела се првата енергетско ефикасна градинка во Македонија-Градинката Калинка во Општина Аеродром, но и фасадата на Владата на Република Македонија. Сакам да посочам дека немам предрасуди кон стиловите.
ЗГРАДАТА НА ВОДОВОД Е НАПРАВЕНА ТАКА ЗА ДА ЈА ПОСОЧИ УБАВИНАТА НА КАЛЕТО
Фактор: „Уметноста треба да се следи кон раскошна скромност“, рекол еден од најпознатите светски архитекти Клод Никола Леду. Дали при проектирањето на зградата на скопски Водовод Ве водеа само проектанските мотиви и колку  како јавна личност допираат до Вас критките и потребата од скромност? Жарко Чаушевски: Управната зграда на ЈП Водовод и канализација ја добив на конкурс со 9 учесника. Беше оставено можност да се избира стил на фасадата. Избрав да биде стилски објект, бидејќи во спротивно Скопското кале би добило конкурент. Вака, зградата на ЈП Водовод, само ќе ја посочи староста и убавината на Кале. Лично, жал ми е што после конкурсите не се презентираат јавно сите трудови. На објектот на владата, граѓаните ги видоа сите трудови и избраа. Дали доколку победеше друго решение од гласањето за објектот на владата, бројните делегации ќе сметаа дека сме избрале правилно решение? Архитектонската школа во Македонија е генерално под влијание на модернизмот. Постоеше огромен отпор кон класицизмот. Не знам дали истото произлегува од потеклото на дел од интелектуалната елита, при што од својот срам кон своите корени, ги принудувало  да ги тераат и другите да не се вртат кон минатото, или пак тоа е резултат од односот на комунизмот кон минатато?  Од одговорот произлегуваат огромните напади на се што асоцира на историцизам. Во светот немаат комплекси од историјата  и истата  е дел од секојдневната архитектура. Толеранцијата кон различните размислувања е на далеку повисоко ниво. На еден од форумите го најдов следниве примери: - New Residential Colleges Yale University. Ќе бидат завршени 2017 година. Не гледам дека студентите на Јеил ја прегрнуваат локацијата, ниту слушаме патетични изјави колку го сакале Yale.  Не гледам по форуми навреди и омаловажувања. Сепак се работи за ... - Spangler Campus Center Harvard Business School- Завршен 2001.  Студентите на економија на Харвард, кои го диригираат бизнисот во светот, ја прифааќаат класиката како дел од секојдневието. Разликата е дека истите го живеат современото, но немаат омраза кон минатото. - Tottenham Court Road, London - Quinlan Terry – 2009 Објект во центарот на Лондон. Најголемото архитектонско биро во светот - Генслер, видете го неговиот проект за Captrust - позната компанија за финансиско советување. Значи,  најголемите никогаш немале комлекси. Се надевам дека медиите ќе ја истражат темата, за слобода во архитектонското изразување и сметам дека во иднина потолерантно ќе се гледа кон стилот на градбите. Значи кога информираноста е поголема, омразата стивнува. Потребно е да се сфати дека современото потрошувачко општество не се стреми кон конзумент класичар. Истиот ќе направи еден ентериер. Следбеникот на трендовите ќе има потреба секоја трета година да го менува ентериерот.  Доколку има финансии ќе го менува, но доколку нема...
И БАРОКОТ МОЖЕ ДА Е ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСЕН
Фактор:  На голема врата го внесувате стилот на старата архитектура. Како во проектирањето ги внесувате модерните форми на социјално и функционално живеење и новите технологии на ентериерско уредување и техничко-технолошки совршенства? Жарко Чаушевски: Како проектант, настојувам да ги вградам сите позитивни текови на современоста. Во светот повеќе се обрнува внимание на тоа дали објектот е еколошки, оддржлив, и колку фасадата има губитоци на енергија, отколку на стилот на фасадата. Палатата Емануел Чучков - е објект каде употребуваме кровни градини. Зеленилото што е одземено, двојно е зголемено со кровното зеленило. Употребени се растенија со голема моќ за прочистување на воздухот, го збогатуваат воздухот со кислород, учествуваат во регулирање на влажноста на воздухот, ги апсобираат прашината и штетниот СО2. Управната зграда на ЈП Водовод и канализација е прв објект во Република Македонија, каде ќе се постави систем што ги прифаќа атсмосферските води, при што истите ќе се користат за полевање на зеленилото. Со тоа ова претпријатие  низ личен пример ќе посочи како треба да се внимава на тој во моментов најзначаен ресурс –Водата. Настојувам да употребам зелен ѕид, во ентериерот и во екстериерот. Едно од ретките архитектонски бироа сме, што би можело да проектира зелени ѕидови, кои се најсовремен издржан тренд во светската архитектура. Автор сум на првата енергетско ефикасна градинка во Република Македонија - градинка Калинка во Општина Аеродром. Како биро, со проектирани над 30.000 м2 годишно, во постојан контакт сме со најсовремените материјали за градба, нивно детално познавање, како и нивната соодветна употреба. Во нашите проекти, во ентериерното уредување се инсистира на користење на материјали што немаат штетно влијание врз здравјето на корисниците. Од многу архитекти ќе слушнете критика кон екстериерот, но од многу малку ќе слушнете дека за својот дом не смеете да употребите одреден тип иверки, или бои за молерисување.... Сметам дека современоста е во почита кон лимитираните природни ресурси, како и нивно чување. Современоста на архитектурата не е само во фасадата. Фактор:  Како стилски и аритектонски се усогласени  градбите на модерната  Македонска опера и барокното опкружување на административните институции, како и најновиот предизвик кој е пред Вас а тоа е ГТЦ? Жарко Чаушевски: Овладување со промените е прекрасна книга на Исак Адижес. Мора да се соочиме дека промените настанаа независно од нас. Потрошувачките, граѓанските,  безбедносните навики се сменија,. ГТЦ од 1972 не е ист со ГТЦ од 2013 година. Потрошувачите кон кои се обраќа ГТЦ 1972 не го разбираат ниту го прифаќаат неговиот јазик. Во градот Скопје, како и во Републиката, но и во околните држави, забележана е тенденција на изградба на големи затворени трговски центри - молови. Предностите на моловите е во нивната затвореност - која овозможува топол простор во зима, ладен простор во лето, зголемување на работното време до 22 часот, зголемена безбедност, како на имотот, така и на граѓаните. Сите овие предности придонесоа голем дел од најпознатите брендови да бидат застапени во новите трговски центри. Во светот исто така е пракса, отворените анови, трговски улици да се затворат. ГТЦ со отвореноста не е конкурентен и убаво за Градот Скопје е да дојде до негова реконструкција во затворен мол. Доколку се реконструира во затворен мол, имотот на сопствениците, а со тоа и на државата, ќе порасне. Би напоменал дека не е толку важно дали некој го сака ГТЦ, туку дали купува од ГТЦ, односно дали инвеститорот ќе го насочи својот капитал во ГТЦ или потрошувачот ќе се загледа и замине во друг трговски центар - Мол. Во однос на стиловите само би посочил дека во светот има многу примери на молови со стилски ентериери. Би сакал ГТЦ да се препороди во нивниот дух и дел од тие брендови да дојдат во ребрендираниот ГТЦ.
УБАВИНАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАДОВИ Е ВО ИСТОРИЈАТА
Фактор: Зошто само во Скопје  е барокниот  стил. Дали експанзијата би била логична и кон старите чаршии и урбани центри за комуникација во Битола и  Охрид? Жарко Чаушевски: Доколку туристите се вљубеници во модернизмот, жителите на тие градови треба да се запрашаат, дали ќе успеат да ги привлечат во својот град, во конкуренција на далеку посовремени центри. Притоа доколку туристот е љубител на историја, здрава органска храна, автентична архитектура - сметам дека таа е насоката во која би можеле да се движат дел од македонските градови. Некој од Шангај, Токио, Вашингтон, сигурно не може да го воодушевите со модерни градби. Земете го примерот  на Фрајбург во Германија,  Гент во Белгија, Колмар во Франција. Нивната убавина произлегува од нивната историја. Доколку се решите да отидете таму сигурно не би отишле заради некој ултра модерен хотел. Фактор:  Како ги оценувате критиките на некои од вашите колеги кои сметаат дека голем  дел од градбите кои се дел од проектот  „Скопје 2014“ а зад кои стоите Вие  се кич архитектура. Светскиот архитект Норман Фостер, автор на 100-тина зданија во Америка, Британија  но и на обновениот германски Рајхстаг го поставува прашањето –дали воопшто има одговорност кај архитектите  ангажирани во владините визии за центарот на Скопје? Жарко Чаушевски: Како пример би го посочил - Деканот на Факултетот за архитектура на универзитетот Јеил. Размислете колку квалитети се потребни да се стане студент на тој универзитет. Додека за лидер на таков Универзитет е потребно да се има многу квалитети, високо позиционираност во светската хиерархија. Роебрт A.M. Штерн  е Декан на факултетот за архитектура на Јеил Универзитетот од 1998 година. Кој било архитект во светот да му била понудена таа позиција би ја прифатил. Истиот има архитектонска компанија со 300 вработени.  Огромен број објекти, дел стилски, дел во духот на модернизмот. Кој е тој авторитет на Балканот кој би можел да противречи на естетиката на едно вакво име. Декан на таков факултет е дел од светската елита која го насочува однесувањето на човештвото.  Затоа сметам дека е полезно во секоја средина да постојат повеќе типови градби и дека смееме да отстапиме од диктатот на современоста. Секогаш ќе има луѓе на кои им е полесно да критикуваат отколку да работат. Можеби некој кај овде ќе го критикува објектов, проектиран од Robert A.M. Stern  но на жителите на една од најелитните светски адреси (StingDenzel WashingtonBob Costas, Goldman Sachs ЦЕО Lloyd Blankfein, Citigroup ЦЕО Sandy Weill), не им смета архитектурата која е изградена во 2008 година. Еве повторно ве упатувам на интернет адресата: http://www.ramsa.com/en/projects-search/hotels/fifteen-central.html Интернетот е демократски медиум - слободно може да се провери во каков дом живеат ѕвездите на архитектурата, модата, медиумите... Фактор: Како архитект каде ја насочувате својата моќ, кон креација на своето дело или кон барањата на клиентите и зошто  исклучиво се решивте да проктирате во барок-стил иако имате работено на голем број  приватни и јавни објекти кои се изградени  во модерен стил? Жарко Чаушевски: Жалам што темата на слобода во проектирањето е речиси табу во Македонија. Топ 100 светски компании за архитектура. Значи од најголемите светски фирми проектираат и класично и современо, најголема лага е дека не се проектира во свет класична архитектура. Како пример би ја посочил архитектурата на најголемите светски компании. 1.Место Аecom-САД, со 1370 архитекти вработени и годишен обрт од над 400 милиони долари- со гордост го објавуваат следниот објект 2 Место  Gensler –САД   1346 вработени и годишен обрт од над 400 милиони долари Критичарите ќе помислат дека само во Америка има разновидност во стилови, но големите не се плашат да бидат разновидни: На трето 3 место е бирото - Ibi Group -Canada. 1129 вработени годишен обрт 160-169 милиони долари. Не можам да разберам, зошто и македонските компании не би можеле да имаат широк опус на работа.  Дали внатрешните бариери се пречка во изразувањето? Од што се плашат бироата во Македонија? Или повторно она несфатливото за секој слободен човек - Некој смее да проектира класични згради, но други не смеат - тогаш тоа ќе го осудуваме. Земете ја книгата-„Градителите на Македонија XVIII-XXI век“ од проф.Константиновски. Кој е проектант на неокласичните објекти od 90ти на ул.Рузвелтова –„Палата Ивановски,“ (Холандската амбасада) - еден од најголемите критичари на денешниот неокласицизам. Или пак некој ја користи неинформираноста и се сведува на политичка пресметка. Ние како тим настојуваме да даваме добра архитектура, подеднакво внимаваме на деталите, на квалитеот на вградените материјали, како и на стилот.
ТЕЗАТА ДЕКА ЈАС ГИ РАБОТАМ СИТЕ ПРОЕКТИ ГО СМЕТАМ КАКО ПРАШАЊЕ ПРОВОКАЦИЈА
Фактор:  Можеше ли „Скопје 2014“ ,  да биде и поевтин но и подолгорочен проект? Како успевате да се  наметнете и речиси сите проекти  Вам да ви ги доделат да ги работите? Жарко Чаушевски: Тезата дека сите проекти јас ги работам ја сметам како прашање провокација.  Затоа Ве повикувам да проверите кои се авторите  и проектанти на  следните објекти : Уставен суд, Археолошки музеј, Јавно обвинителство, Министерство за Надворешни работи, Музејот на ВМРО, Народна Банка...фасадите  по улиците Димитрија Чуповски,  Илинденска... Моите објекти се препознатливи, бидејќи настојувам да се проектирани согласно класичните пропорции и согласно тајните и финесите на стилската архитектура. Така проектираат и најголемите архитектонски компании кои ги посочив во претходните прашања. Но далеку е од вистината дека јас ги проектирам сите објекти. Ние сме големо биро (за македонски услови) со шест вработени архитекти и неколку надворешни соработници.  Имаме капацитет и  ја применуваме политиката на секоја светска компанија - максимален квалитет, за добра цена. Фактор:  Може ли Скопје да биде модерна европска метропола во која ќе има принципиелна и институционална почит кон градителското наследство? Колку архитектурата е наука или уметност,  колку ја поттикнува слободата или таа е ограничена со некоја временска димензија во кое се брише стариот посткомунистички модернизам  и создаде ново-стариот барок ? Жарко Чаушевски: За да има принципиелна и институционална почит кон градителското наследство, прво треба да има почит кон човекот. Доколку се има почит кон човекот, ќе следува почит кон професионалецот. Доколку се има почит кон професионалецот ќе има и почит кон неговите творби. Ако како луѓе постигнеме да го почитуваме човекот, ќе се постигнат и другите вредности. Во Балканската култура не постои почит кон човекот како најважна творба. Затоа е многу тешко да се создаде систем на почит кон градителското наследство - како нечие авторство.
МАКЕДОНИЈА МОРА ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ФЕУДАЛНАТА МАТРИЦА
Фактор: Еден од најпознатите архитекти Трајко Димитров ви остави аманет „старите објекти да не се третираат како конкуренција на новите“,  интервенциите да преставуваат авторски збогатувања, а да не се на штета на објектите ? Жарко Чаушевски: Демократскиот и класичниот концепт потекнуват од основната почит кон човекот. Секој човек има исто право на глас. Болни и здрави, стари и млади, мажи и жени, богати и сиромашни...добри и лоши... Јас не можам да поимам како во 21 век, може некој да размислува дека некој објект е помалку вреден од друг објект. Доколку во јавноста не постои свест дека  објектот на стоковната куќа во Делчево, Кавадарци има една правна важност како и ГТЦ,  не можеме да создадеме квалитетно друштво. Со кое право никој не го прашува авторот на објект некој во Дебар, и се додаваат тераси, доградби... Жално е што јавноста прифаќа да има поделби. Тоа е како да се дозволи феудализам, аристократијата да има право на глас, а закрепостените селани да не смеаат ниту да коментираат. Лично се залагам да имаме системски конечни решенија. Кои и да се правилата сопственикот на објектот да може да интервенира во автоското дело,  истото да важи ЗА СИТЕ објекти во Република Македонија.
ФАСАДАТА НА ВЛАДАТА НЕ Е ЦРТАНА ПО НИЧИЈА ДИРЕКТИВА
Фактор: Каков е Вашиот однос кон професорите од кои сте учеле а чии дела се еден модерен универзитетски центар во Скопје, МАНУ, старата Влада и како ги доживувате критиките на дел од вашите колеги дека не креирате туку дека цртате по директива на власта? Жарко Чаушевски: Лично многу го ценам професорот Константиновски. Одличен професор и голем архитект. Морам да посочам дека Македонија мора да излезе од феудалната матрица. Кај многу високообразувани лица, го гледам противењето да се прифати демократскиот концетпт дека - секој објект има еднакво право да се менува, или да не се менува. Правилата под кои ќе се врши тоа дејство мора да се стандардизираат. Ако вие како сопственик на семеен дом  имате право да додавате кат, или некое правно лице сопственик на една зграда смее да додава прозори, тераси, без авторот да го дозволи тоа не сфаќам како старата Влада не е објект како и секој друг.  Тоа треба да е исто - како за Дебар, така и за зградата на Министерството за правда. Зарем Фасадата на Владата некој смета дека е цртана по директива на власта? Истата произлегува од моето сфаќање за тоа како треба да изгледа Влада. Сакав да кажам приказна со фасадата. Добро е што се поклопи со мислењето на комисијата.  Јавноста не знае колку премрежија претрпе тој објект, за да остане како што го имавме замислено во конкурсниот труд. Тоа ќе го оставиме за второ интерву кое ќе ви го дадам после отварањето на новата фасада на објектот Влада на Република Македонија. Фактор: Потекнувате од семејство каде вашата мајка важи за архитект  со огромен опус на проекти. Што преземавте од неа и како се формира  т.н школа Чаушевски? Жарко Чаушевски: Мојата мајка, Македонка Чаушевска е проектант со над 190 реализирани проекти.  Тоа е голема бројка за Република Македонија. Нејзиното огромно искуство, е од голема помош во тимот. После толку објекти функционализмот, и конструктивноста на објектот се разрешува многу лесно. ГРО Пелагонија беше фирма со 14.000 вработени и работа на 3 континенти, нешто што е денес невозможно да опстане. Замислете каква менаџерска способност е да издржувате 14.000 луѓе. Таквата фирма имаше високи стандарди. Пелагонската школа придонесе за почит кон секое дело, мало или големо, на важноста на рокот, техничка беспрекорност.  ГП Пелагонија имаше прекрасно проектантско биро, каде навистина многу се работеше. Тоа беа времиња во кои успех беше да се биде проектант и каде беше предизвик да се има повеќе реализирани и позначајни дела. И денес така работиме. Во големите проектантски претпријатија како Пелагонија се работеа проекти за странство. Се работеше по ЈУС стандарди, а истите беа еквивалентни на германските ДИН Стандарди. Тој квалитет го пренесовме во Архитектоника. Во моментов работиме  проект за странство. Не е голем како ГТЦ, но е сепак извоз на знаење.  Се надевам дека ќе успееме да го развиеме странскиот пазар. Како што посочив повеќе ќе кажам во интервјуто кога ќе се отвори новата фасада на Владата на Република Македонија. разговараше Горазд Чомовски

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот