29 Март, 2024
0.0252

ИНВЕСТИЦИСКИ ТУШ

Објавено во: Колумни 22 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Во очекување на пресврт во развојот на земјата (надминување на незадоволителните стапки на раст, намалување на високата невработеност, нискиот живитен стандард и големата сиромаштија) на секој потег од кој може да се насети зголемување на инвестициите гледаме како на спасоносно решение. И, тоа е разбирливо во услови во какви што се наоѓаме. Одтука, ако со тезата дека порастот на инвестициите е една од клучните претпоставки за забрзување на растот се согласуваат и менаџерите на актуелната макроекономска политика  и оние од претходните власти, не е случајно што сите влади во независна Македонија беа преокупирани со обезбедувањето на што повисоко ниво на инвестиции. Но што е заедничко кај сите од нив? Тие промовираa зафати кои беа во насока на поттикнување на инвестиционите активности, особено преку мотивирањето на прилив на странски капитал, но резултатите по правило беа незадоволителни. Иако сега актуелните менаџери оправдување може  да бараат и во светската финансиска криза, сепак мислам дека пробемот е во концептот. Добро е што прашањето на порастот на инвестициите останува  приоритетно прашање на развојот. Но, уште побитно е како да се дојде до зголемување на инвестициите? Досегашните обиди за потпирање на инвестирањето врз странска акумулација очигледно ги изневерија очекувањата и предвидувањата и  покрај тоа што земјата направи сериозни реформи и вложи големи напори. Во еуфоријата за интензивирање на процесите на глобализација воопшто и посебно во финансиската сфера, Македонија, иако недоволно подготвена, декларира конвертибилен статус на денарот уште во 1998 година. Макроекономската политика ја подреди на одржување на фиксен курс  на денарот во однос на  еврото. Сето тоа, меѓу другото, и заради обезбедување на задоволителен прилив на странски капитал под поволни услови. Задржувајќи ја утврдената макроекономска стратегија, економската политика се впушти во создавање на поволни услови за инвестирање на странските инвеститори во Македонија. Набрзо земјата се вброи меѓу економиите во кои е мошне поволно отворањето и водењето на бизнис  на потенцијални странски инвеститори, особено во бројните слободни царински зони. Владини екипи од највисоко ниво остварија бројни промоции на Македонија во светот како поволно место за инвестирање од страна на станските инвеститори. Меѓутоа, и покрај тоа, очекуваните резултати изостанаа. За волја на вистината, се случија и првите странски гринфилд инвестиции, но се‘уште се далеку од доволни за да се динамизира економскиот раст во земјата. На концептот дека развојот треба да се базира пред се на странски инвестиции не му оди во прилог ниту фактот кој вели дека во услови на глобална финансиска криза странските инвеститори од земјите со вишок капитал почесто се повлекуваат од другите земји отколку што се заинтересирани за инвестирање во странство. Од тука, без надминување на кризните состојби во развиените економиии во светот тешко е да се очекува позначаен прилив на странски инвестиции во Македонија. Нова можност за пресврт во приливот на странски директни инвестиции деновиве се виде и во унапредувањето на соработката меѓу претставниците од дијаспората и македонските компании. Подолго време најавуваниот Глобален инвестициски самит, што изминатата недела се одржа во Охрид секако ќе придонесе да се привлече некоја нова инвестиција. Меѓутоа, не треба да се има илузии дека тоа може да доведе до долгоочекуваниот пресврт во развојот. Особено е  погрешно да се очекуваат „патриотски инвестиции“. Во извесна мера некои можеби и ќе бидат такви, но никојпат нема да бидат доволни за да почнат да се решаваат проблемите кои се последица и на недоволното инвестирање. За таа цел на земјата и‘ се потребни профитабилни инвестиции. И не само од странски инвеститори или од нашите од дијаспората. Потребни се пред се‘ од домашните инвеститори, а претходно споменатите можат да бидат како дополнителни инвестиции. Во развојот не можеме да се потпираме само на странска акумулација, а уште помалку  само на инвеститорите од дијаспората. Некој од профитно заинтересираните веќе најдоа простор  за бизнис во постојните услови за инвестирање во Македонија и без нагласување на патриотизмот. Ќе биде одлично ако ги има се‘ повеќе, но не врз основа на чувства туку врз основа на интерес. Само како такви тие можат да бидат основа  за одржлив развој. Во овој контекст, иако делува како ладен туш, мошне е добронамерно и патриотско укажувањето на бизнисменот со егејско потекло Пејкоф, дека не треба да се очекува друг да ни донесе успех во бинисот, туку треба да го оствариме сами, а за тоа е неопходно економијата да се трансформира од увозно зависна во извозно ориентирана, преку воспоставување на конкурентски цени. А ваквите констатации имплицираат создавање на нова развојна стратегија и макроекономска политика во функција на нејзино остварување. Впрочем и немаме алтернатива, затоа што другата опција е да продолжиме со протежирањето на стабилна макроекономска политика, која генерира раст каков што генерира, а пак на Глобалние инвестициски самити поддржани од дијаспората да гледаме како на спас, дека ете некои гастербајтери кои со мака и пот  ги заработиле своите пари во туѓина ќе дојдат тука и ќе ги инвестираат, во земјата во која домашните инвеститори не се заинтересирани да го вложат својот капитал. Зошто тоа би го направиле!? Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?