29 Март, 2024
0.0234

Исчезнување на средниот слој во македонското општество

Објавено во: Колумни 28 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Средната класа, или во совремието, средниот слој, е столбот на секое општество, посебно општетсвата кои настојуваат по сите општествени параметри да се развиваат и унапредуваат.  Социолошките анализи, години наназад, кога се фокусираат на раслојувањето и на мобилноста во центарот на своите истражувања ја ставаат средната класа или слој, кој дефинитивно е најкомпетентен за истражување и елаборација на бројни социолошки феномени. Оттука произлегуваат и тврдењата, поткрепени со емпирија, дека стабилноста и рамнотежата на едно општество ја дава средниот слој. Најголемиот процент од граѓаните во современите општества се дел од средниот слој Прашањата кои се наметнуваат, а се плод на низа социолошки и интелектуални дебати, поврзани со раслојувањето, се однесуваат на изнедрување на оние причини кои се суштествени за стабилноста на едно општество и секако улогата и задачата на поединците и општествените групи кои го чинат средниот слој. За да биде појасно и поопипливо слоевитоста на општеството ќе ја појаснам со теоријата на Лојд Ворнер, познат социолог, кој на мошне пластичен и едноставен начин го објаснува тоа и ги елаборира параметрите за припадност кон одреден општествен слој.Секое современо општество го чинат три основни слоја и три подслоја, односно, низок-низок, низок-висок, среден-низок, среден-висок и висок-низок, висок-висок. Припадноста кон слојот се одредува врз основа на неколку параметри и тоа-општествен доход- материјално богатство, моќтта на поединецот во општеството, угледот што тој го ужива, а кој се одредува врз основа на неговата примарна професијата и начинот на која таа се рангира во општеството и општествениот престиж. Оние граѓани кои се задолжени за општественото производство, односно, директно се вклучени во производствениот процес и чиј физички труд директно се користи во создавање на општествениот производ се дел од првиот слој со двата подслоја. Најголемиот процент од граѓаните во современите општества се дел од средниот слој, со двата подслоја, и тука влегуваат административните работници, најголем дел од образовниот и  здравствениот кадар, поединците кои се занимаваат со култура, уметност, сопственици на мали претпријатија, современи претприемачи. Во високиот слој најчесто се луѓе кои имаат стекнато прилично големо материјално богатство, сопственици или менаџери на големи претпријатија, дел од интелектуалната и политичка елита. Но она што е значајно, а е поврзано со слоевитоста на општеството е секако прашањето за идентичното влијание на секој параметар кој ја одредува припадноста кон одредениот слој. Дефинитивно поседувањето на материјално богатство е фактор кој со право може да се каже дека доминира при определување на припадноста кон одреден слој. Суштествена е и мобилноста или подвижноста што секој поединец може да ја стори во текот на својот живот, доколку промени некој од параметрите и се придвижи од еден во друг општествен слој, а најчеста подвижност е вертикалната која се движи во две граници-вертикална нагоре и вертикална надоле. Само мал процент од средниот слој кај нас се придвижи нагоре и си овозможи на себе си поголеми основни, но и луксузни добра За Македонија специфично е, посебно кога се говори за раслојувањето, големата и остра дискрепанца која се јавува помеѓу слоевите. Од осамостојувањето на државата до ден денешен, транзицијата која за жал ја боледуваме повеќе од дваесет години, придонесе да се раслои средниот слој и полека да почне да исчезнува, при што поголемиот дел од луѓето кои припаѓале по сите белези на него се придвижуваат во надолна линија, а мал дел се искачуваат нагоре. Со пластичен пример кажано, повеќето губејќи ги работните места, го губат материјалниот бенефит кој го имале, но го губат и угледот, а и моќта која ја поседувале, што подразбира нивно осиромашување и неможност да си ги приуштат оние задоволства и одредени луксузни добра, кои претходно ги уживале. Припадниците на средниот слој живеат нормален живот и нивните сретства за егзистенција подразбираат можност за обезбедување на прехрамбени продукти, плаќање на режимските трошоци, годишен одмор и неколку пати годишно посета на културни настани и обновување на библиографскиот фонд и облеката. Само мал процент од средниот слој кај нас се придвижи нагоре и си овозможи на себе си поголеми основни, но и луксузни добра. За една држава да биде стабилна носечки столб е средниот слој, кој за жал кај нас полека се тенчи и сето тоа доведува до огромни разлики помеѓу малиот процент на богати граѓани и големиот процент на сиромашни или оние кои се на работ на егзистенција. За да не дозволиме да го снема средниот слој, а со тоа и да се наруши во голема мера стабилноста и просперитетот на државата треба да се превземат мерки, секако еконосмки, но и политички, кои ќе подразбираат решенија на ниво на национални стратегии,бидејќи ако во скоро време не се случи тоа не ни се пишува добро. Проф. д-р Татјана Стојаноска Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?