Италијанска инвестиција-догодина уште еден трговски центар во Скопје
Објавено во: Македонија 11 Декември, 2012
Нов модерен трговски центар се гради во општина Петровец. Во моментов забрзано се одвиваат градежните активности и веќе се прави вториот кат од објектот кој треба да биде готов идната година. Инаку трговскиот центар ќе има вкупна површина од 10.000 метри квадратни, а ќе се простира на приземје и четири ката.
Како инвеститор се јавува италијанската компанија Еуроиталиа, а проектот чини 10 милиони евра. Градежните работи пак ги изведува скопската компанија Ники градба. Според најавите новиот центар ќе отвори 100 работни места. Инаку, за време на поставувањето на камен темелникот кон крајот на октомври минатата година, инвеститорот тогаш најави дека сите работи ќе бидат готови до крајот на 2012 година. Од општина Петровец соопштија и дека италијанската компанија има купено уште една парцела од 6.000 метри квадратни во Катланово, каде што е предвидено да се реализира современ спортско – рекреативен комплекс и спа – центар на површина од 27.000 метри квадратни.