Измет фрлен на штабот на СДСМ во Аеродром
Објавено во: Македонија 25 Септември, 2017
Од СДСМ информираат дека ноќеска е извршен вандалски чин врз нивниот штаб во општина Аеродром.
За демолирањето на штабот од СДСМ ги обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ.
„И покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ се обврза на фер и коректна кампања, уште во текот на ноќта беше извршен вандалски чин во кој беше оштетен еден од нашите штабови. Имено, во текот на ноќта еден од нашите штабови во месната заедница ‘Васко Карангелевски’, бил измачкан со измет“- стои во соопштението на СДСМ.
Оттаму додаваат дека се згрозени од чинот и начинот на кој бил извршен овој, како што велат, одвратен напад.
„Кој е поривот за ваков одвратен, нечовечки чин? Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгуби изборите и преплашени од тоа, делуваат целосно нерационално. Ваквите постапки не доликуваат на Македонија и токму заради овие дела ВМРО-ДПМНЕ ќе биде опасно казнет на 15 октомври“- се вели во соопштението на СДСМ.
Оттаму уште еднаш повикуваат на фер и коректна кампања каде граѓаните правилно ќе се информираат за политичките понуди.
Во меѓувреме оштетен е и штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода.
Кампањата за изборите кои ќе се одржат на 15 октомври започна на полноќ.