25 Април, 2024
0.1623

Изворите на тоталитаризмот

Објавено во: Колумни 10 Мај, 2016

Добивај вести на Viber

Се разбира, насловот е позајмен од познатото дело на Хана Арент од 1951 година. Едно од најреферентните и секако највпечатиливите четива за феноменот на тоталитаризмот. Во оваа прилика ја користам како своевидна теориска рамка, затоа што и самиот во неколку наврати укажував на коренот на нашиот проблем - инсистирањето на Груевски на „народот“ како негова прва, последна и единствена легитимација. Во таа смисла, повеќе пати повторувам, оваа криза мора да ја решиме на планот на историското со „грабнување“ на политичкото во рацете на демосот. Сè додека политичкото не премине од плебсот, толпата во рацете на демосот, сè дотогаш ќе го живееме овој тоталитарен наратив. Впрочем, токму на фонот на толпата, плебсот, масата, се продуцира и перпетуира оваа тоталитарна матрица.

И токму затоа во овој контекст сакам да ве потсетам на еден, според мене, круцијален настан во оваа декада владеење на ДПМНЕ. Се сеќавате веројатно на една кампања на ДПМНЕ од 2012 година - прераснување од партија во движење. Тогаш ја започнаа таа кампања на проветрување на своите кадри. По тој повод, тогашниот Генералниот секретар на партијата Кирил Божиновски во своето интервју за „Дневник“официјално објави дека „ВМРО-ДПМНЕ останува отворена за секого“ и дека „со масовен прилив на нови членови оваа партија ќе прерасне во движење“. Според него, оваа операција ќе започнела со „зачленување на стоте најдобри студенти од факултетите“, потоа акцијата ќе продолжела со обединување на ВМРО-ДПМНЕ со други партии од десницата како онаа на Филип Петровски и префрлањето на Марјан Додовски и други за чии потреби со „новиот бран“ ќе се направат места во структурите на власта. Третата фаза ќе се одвивала преку отворање на ВМРО-ДПМНЕ кон партиите од центарот со што партијата ќе станела „големо движење без идеолошки бариери“ за на крајот ВМРО-ДПМНЕ конечно да се обединела со целиот народ.

Ова тогаш за мене беше навистина опасна тенденција, која не се сеќавам дека некој вистински ја забележа и соодветно искоментира. Со оглед на тоа што тогаш не пишував колумни, а го сметам ова за „историски момент“ и коренот на сегашната состојба, би сакал еве денес, после 4 години од тогаш да го искоментирам и лоцирам како момент кој впрочем нè донесе до овде.

Единствено нешто што во оваа акција може да биде прифатливо е обединувањето на сите партии и поединци десно ориентирани. Тоа е „природна“ потреба на една партија да ги обедини сите идеолошки слични сили во општеството. Сè друго е страшно. Зачленување на „стоте најдобри студенти“!? „Најдоброста“ (извонредноста)нема ама баш никаква врска со политичката провиниенција! Зошто ако се најдобри би требало да се во ВМРО или СДСМ, сеедно? Само заради тоа што се најдобри!? Но, нејсе, ајде да поминеме и покрај ова. Она што е проблематично се третата и особено четвртата фаза: партијата ќе станела „големо движење без идеолошки бариери“ и најстрашното: за на крајот ВМРО-ДПМНЕ конечно да се обединела со целиот народ!

Партија „без идеолошки бариери“? Тоа е... тоа е бесмислица од галактички размери. Партијата е никната на идеологија, партијата е идеологија. Партиите впрочем се интересни групи кои генерираат соодветна идеологија што би ги застапувала и бранела интересите на тие групи. Обидот партијата да прерасне во движење е всушност придвижување кон тоталитаризам suigeneris. Не разбираат дека партијата станува тоталитарна алатка токму во мигот кога престанува да биде партија pars – дел, и претендира да биде total – целина, да биде репрезент и артикулација на целината, да биде движење, наместо партија!? Како никој не ја забележа оваа опасна тенденција!?

Од овде до „обединување со целиот народ“ недостасува само уште еден мал чекор. И ДПМНЕ го направија, го пречекорија сопствениот Рубикон и неповратно стапнаа на тоталитарниот терен. Уште во 1932 Мусолини го гради својот тоталитарен наратив токму со тоа спојување на партијата со државата и народот. На неговата „тоталитарна држава“ -Stato totalitario - главни фундуси му се Stato corporativo и Partito unico. Државата, партијата, народот – единството е остварено! Ете токму затоа, драги мои, Груевски постојано се повикува на „народот“! Ете и зошто се однесува и дејствува како наводно да е едно со народот – затоа што една од суштинските знаци на тоталитарниот менталитет е токму тоа фиктивно бришење на разликата помеѓу елитата и масите, помеѓу владетелите и владеаните.

Остварувањето на тоталната општествена доминација мора да се случува токму со „силата на народот“. Во таа смилса Х. Арент вели: „тоталитарните движења се можни онаму каде што масите пројавуваат апетит за политичко ангажирање.“ И Хитлер и Сталин вели таа, дојдоа и се одржуваа на власт со помош на масите. Значи проблемот се јавува кога партијата која застапува парцијални интереси тендира да стане движење на масите. Кога сè она на што се засновува партијата – класи, интересни групи и - конечно во модерното доба – јавни интереси и граѓани, ќе се замени со масата, со плебсот, тогаш општеството нужно се лизга во тоталитарен наратив.

И токму заради ова мислам дека тој „историски миг“ во 2012 беше пресвртот што нè доведе до овде. Затоа мислам дека до овде дојдовме токму тогаш кога ни се случи овој јавно обзнанен момент на еден авторитарен/тоталитарен менталитет кој сите хорски го премолчавме. Сега ги „жнееме“ „плодовите“ од истиот. Затоа и кризава е историска, а не политичка особено не партиска која би се решила со Договорот од Пржино. Сè додека не го замениме плебсот со демосот, сè дотогаш ќе ни се случува овој тоталитарен феномен, независно каков лик да презема и во каква партиска униформа да се облекува.

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД