26 Април, 2024
0.0303

JОРГОС ПАПАНДРЕУ: ИМЕ КОЕ БИ БИЛО РАЗЛИЧНО ОД РЕФЕРЕНЦАТА МАКЕДОНИЈА – ЦЕЛТА НЕ Е ДА СЕ ПОТЦЕНИ ВАШИОТ ИДЕНТИТЕТ И КУЛТУРА

Објавено во: Македонија 23 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Фактор магазин: Додека бевте премиер, 11 пати се сретнавте со г-нот Груевски. Дали вашите средби беа конкретни иницијативи или само средбите беа  повеќе  протоколарни?

Јоргос Папандреу: Благодарам на прашањето.

Отсекогаш сум се обидувал да се сретнам со лидерите на вашата земја, министри, министри за надворешни работи, министри за одбрана, премиери, претседатели, во изминатите децении. Можеби ќе се сетите дека кога бев министер за надворешни работи, имав голем број средби и со премиерот Георѓиевски. Се обидувавме да најдеме решение за меѓусебна соработка во голем број полиња, но исто така, да го решиме проблемот со името меѓу Грција и вашата земја. Кога станав премиер, си реков дека треба да напредуваме и дека треба да разговараме.


Ги искористив сите можности кои ги имав да се сретнам со г-нот Груевски. Секогаш кога ќе се сретневме, во Брисел, на конференции, се сеќавам кога бевме во Либија, ќе седневме и вложувавме многу напори да најдеме заедничко решение прифатливо за две страни.

За мене, тоа не беше протокол. Тоа беа вистински обиди за изнаоѓање решение. За жал, такво нешто не се случи. Не знам дали постоеше политичка волја од страна на Груевски, но јас и понатаму се надевам.

Фактор магазин: Во 2009, изјавивте дека за Грција е прифатливо името Северна Македонија за севкупна употреба (erga omnes). Дали тоа беше став на Грција или само Ваш став?

Јоргос Папандреу: Тоа беше мојата позиција, но имаше широк консензус...

Мислам дека сега во Грција постои широк консензус дека е потребно име кое се разликува од сегашното. Бевме подготвени да разгледаме разни опции околу името. Се надеваме дека ако владите постигнат компромис, ќе се постигне консензус во двете земји. Сакаме да постигнеме широк консензус.

Морав да преземам иницијатива и да предложам одредени идеи. Не сметам дека треба да се однесуваме догматски и да се ограничиме на одредена терминологија. Можеме да најдеме различни. Но, тоа беше добра можност. На пример, Горна Македонија.

Фактор магазин: Дали навистина мислите дека Македонија има територијални претензии?

Јоргос Папандреу: Проблемот со симболиките е што често имаат свое потекло во историјата, митологијата. Дел од тоа е историја. Тоа е вистина. Имавме граѓански војни, имавме светски војни. Во тие времиња, македонското прашање било актуелно. Ние го велиме следното. Да ја ставиме историјата во заден план, знаеме каква е историјата, но треба да се осигуруваме дека во иднина нема да дојде до претензии за Големи...

Кое постоеле досега. Имавме претензии за Голема Србија, Голема Албанија, Голема Грција, Голема Македонија. Мораме да се оддалечиме од такво нешто.

Мислам дека сакаме да го решиме ова прашање. Изнаоѓањето решение на ова прашање би било многу важно. Го велам ова бидејќи...да ги погледнеме позитивните страни. Обете земји имаат многу заеднички работи. Имаме заеднички економски интереси. Работиме заедно. Со години се прават големи инвестиции. Имаме културни и верски врски кои постојат со векови.

Имаме заеднички одбранбени интереси. Мораме заеднички да ги решаваме регионалните прашања. Целиот Балкан, посебно Западен Балкан повторно се отвора. Сакаме да дојде до вистински напредок кон Европските структури.

Да не заборавиме дека во 2003 Грција претседаваше со ЕУ. Солунската декларација која беше потпишана во рамките на ЕУ, беше декларација според која ЕУ е посветена на воведување на Западен Балкан во ЕУ. Тоа беше главен приоритет на тогашното претседателство. Ние го посакуваме тоа. Имаме многу заеднички работи и можеме многу да добиеме. Прашање сега е дали постои политичка волја кај двете страни да се најде компромис кој ќе биде прифатлив за вас а исто така и за нас.

Фактор магазин: Г-дин Папандреу, што е за Вас прифатлив компромис?

Јоргос Папандреу: Не сакам да навлезам во деталите на преговорите, но додека бев министер за надворешни работи и премиер, па дури кога бев опозиција, кога разговарав со министрите на владите на г-нот Караманлис, велев дека мораме да најдеме компромис. Тоа значи име кое би било различно од референцата Македонија. Може да се додаде Горна...

Но, мораме да смислиме нешто. Мораме да сфатиме дека целта не е да се потцени вашиот идентитет, вашата култура, туку тоа треба да биде нешто што ќе ни дозволи да живееме заедно и ќе го ставиме минатото зад нас.

Фактор магазин: Дали сега постои можност Македонија да влезе во НАТО со референцата ФИРОМ?

Јоргос Папандреу: Мислам дека задржувањето на привременото име само ќе го одржува проблемот. Се надевам дека постои добро расположение кај грчката страна. Не сум дел од грчката Влада и не зборувам во име на владата, но верувам дека владата е расположена да се најде решение.

Колку подолго избегнуваме да најдеме решение,толку тоа ќе биде потешко.

Мислам дека оваа Влада не е расположена да прифати да влезете во НАТО со ФИРОМ како привремено име. Не заборавајте дека привременото име требаше да постои само кус период. Требаше набрзо да го решиме прашањето. Вие не го сакате тоа име, ние не велиме дека го сакаме тоа име. Зошто да не најдеме нешто кое ќе биде прифатливо за обете страни?

Мислам дека тоа ќе се користи во меѓународните односи. Тоа нема да го промени вашиот идентитет. Тоа ќе се користи само во меѓународните односи. Мислам дека за меѓународната јавност е важно да го решиме тоа пред да мислиме на влез во НАТО и во ЕУ.

Фактор магазин: Г-не Папандреу, од што треба Македонија да се откаже? Што е Атина подготвена  да даде како компромис?

Јоргос Папандреу: Не треба да гледаме на тоа како некое откажување. Да се надеваме дека обете страни ќе излезат како победници. Погледнете колку светот е несигурен. Состојбите во светот не се подобруваат. Конфликтите се зголемуваат... Во општествата се наталожуваат омраза, популизам, длабоки нееднаквости. Европа минува низ криза.

Се надеваме дека од кризата ќе излеземе посилни. Во интерес е на двете страни да го решиме овој проблем. Замислите нашите земји да соработуваат интензивно. Не само за нашите две земји, туку за целиот регион. Можете ли да замислите каква порака ќе му носиме на светот, на регионот и на ЕУ?

Работите се движат. Ние напредуваме. Работите се менуваат. Многумина го користеа овој проблем да се скријат од своите програми на екстремен национализам. Можеби тоа се проблеми кои инаку можат да се решат. Како и лошо лидерство. Мислам дека треба да ги ставиме овие работи на страна и да ги решиме вистинските проблеми. Луѓето сакаат видат економски напредок, транспарентност, борба против корупција, луѓето сакаат да се чувствуваат безбедни, луѓето сакаат различни луѓе од различни култури да живеат заедно. Луѓето сакаат изградена инфраструктура, туризам, трговија. Тоа се работите кои напредуваат, но бавно напредуваат. Мислам дека обете страни ќе излезат како победници.

Не можам да навлезам во преговорите бидејќи често пати сум бил дел од такви преговори. Често сум бил во контакт со Нимиц, како и во директен контакт кој го сметам за многу важен.

Чувствувам дека има можност да се најде решение кое може да биде прифатливо за вас. Ние сакаме решението да биде прифатливо. Ние не сакаме решение за кое ќе кажете дека е ужасно решение. Ние не сакаме вие да прифатите такво нешто. Во таква ситуција, би се чувствувале огорчени. Не сакаме такво нешто. Ние сакаме решение кое е прифатливо за вас, но исто така прифатливо за нас. Ние посакуваме такво нешто.

Фактор магазин: Дали мислите дека новата македонска Влада е подготвена да го реши овој проблем?

Јоргос Папандреу: Се надевам. Сигурен сум дека новата Влада ќе се бори за подобра иднина на вашата земја. Ние сакаме да се осигураме дека решението ќе се заснова врз гордост и почит. Тоа не значи дека ќе биде лесно. Но, чинам дека новата Влада е расположена да седне и преговара. Не велам дека со новата Влада работите ќе бидат едноставни. Овие прашања не се од вчера. Понекогаш, имав чувство дека г-нот Груевски не беше подготвен да се најде решение. Тој го користеше ова прашање можеби да скрие некои од прашањата на домашен план. Го разбирам тоа. Политичарите го прават тоа. Треба да го надминеме тоа.

Фактор магазин: Мислите дека г.Заев е спремен да направи компромис?

Јоргос Папандреу: Не знам. Не можам да кажам. Како што секој премиер сака да постигне најдобро решение за неговата земја, но се надевам дека и тој гледа дека на крајот, интересот на земјата, не само на вашата, туку и за нашата, е да се реши овој проблем. За на крајот, да продолжиме да напредуваме и да ја намалиме тензијата. Бидејќи ова е проблем кој делумно е реален, а делумно го „набилдавме“, има многу реторика. Дека се мразиме... Многу реторика. Да ја тргнеме реториката. Да видиме кој е вистинскиот проблем, да бидеме смирени околу тоа, ајде да видиме кои ни се заедничките интереси. И врз таа основа, да видиме дали можеме да најдеме решение. Мислам дека од вашиот премиер очекувам да пристапи со студена глава. Но, сигурен сум дека исто така ќе биде и цврст преговарач.

Фактор магазин: Кога Македонија и Грција беа  најблиску до прифатливо решение?

Јоргос Папандреу: Имавме различни периоди кога бевме доста близу. Пред се, кога се распадна Југославија, тоа беше најдоброто време. Тогаш ја загубивме шансата. Со Португалецот... Мислам дека се викаше Пинеиро, кој работеше на овој проблем, потоа владата направи грешка со ненаоѓањето на компромисно решение, тогаш во владата беа Мицотакис и Самарас.

Тоа всушност беше внатрешен проблем меѓу Мицотакис и Самарас. Второ, имаше многу добра шанса со г. Георгиевски, и бевме многу блиску до изнаоѓањето решение, не знам дали внатрешната ситуација беше добра. Тоа беше периодот веднаш по војната на Косово, и проблемот со Албанците се појави, имаше многу насилни акции во вашата земја, и за несреќа тоа ја поткопа шансата за изнаоѓање решение. Кога бев премиер, работев напорно и се надевав дека можеме да се приближиме, и се надевам дека сега, по толку години, имаме влада во Грција која е отворена за да се најде компромис, така верувам.

Ако е исто чувството и од страна на вашата влада, да се надеваме дека тие работат на тоа и да го поддржиме тоа.

Фактор магазин: Како гледате на мерките за доверва меѓу Скопје и Атина?

Јоргос Папандреу: Тоа е основата. Затоа велам дека треба да избегаме од реториката, и да седнеме, бидејќи имаме многу заеднички нешта. Многу пати сум бил во вашата земја, сум патувал низ неа, се среќавав со вашите лидери, немаме некои други разлики. Имаме многу работи од заеднички интерес. Во нашиот заеднички иунтерес ни е да соработуваме... од наш интерес е да ви помогнеме, да ја развиеме трговијата, да ја развиеме инфраструктурата, сега имаме многу кинески инвестиции во Грција, но тоа значи трговија, а таа сака да оди во Европа, а Скопје е централно за тоа. Но, мораме да соработуваме за тоа. Како што реков, безбедносниот аспект, владеењето на правото. Европските структури. Сигурен сум, кога ќе го решиме овој спор, ќе бидеме првиот поддржувач на вашата земја. Најголемиот поддржувач во ЕУ. Сигурен сум. Треба да разбереме дека има многу добра основа за доверба и многу срдечни односи.Ова беше трнот. Да го извадиме.

Фактор магазин: Во регионот се уште имаме  отворени прашања. Дали се тие причина за дестабилизација?

Јоргос Папандреу: Имаме отворени прашања во регионот. Спорот со името е едно од нив, но има и потешки, Косово со Србија, дури и проблемите со границите не се сосем решени меѓу одделни земји. Прашањето како ќе опстанат земји како Босна и Херцеговина, во смисла на зеднички живот, разни народи, вери и ентитети. Затоа мислам дека мораме да соработуваме. Понекогаш многу се потпираме на Европа и добро е што таа е тука, таа е многу добра иднина за сите нас. И тоа е една од причините за нас во Грција, иако поднесовме големи жртви, Грците велат дека се уште сакаат да се во ЕУ зашто тука се чувствуваат безбедни, тука го уживаме нашиот идентитет, тука имаме перспектива, имаме загарантирани деократски институции и човекови права. Секако, Европа е многу важна. Но, потребно е и Балканците во еден момент да речат, пред се да соработуваме ние меѓу нас. Премногу често не имаат изиграно Големите сили во историјата. Премногу често сме војувале меѓу себе и се гледаме кој е поддржан од кој. Дали се Британците,  Французите, Русите или Американците. Мораме да излеземе од ова клиентелистичко чувство и да кажеме, ако соработуваме како регион, ќе бидеме моќни!

Ќе имаме глас!  Погледнете го Балтикот, Нордијците, тие војувале меѓусебно со многу години, но кога соработуват, тие соработуваат и внатре во ЕУ. За програми, фондови, за да им се слушне гласот за  големи прашања, и тие се почитувани заради тоа. Да не чекаме секогаш некој да дојде и да ни ги реши проблемите. И да работиме заедно.

Можеме, ние сме умни луѓе. Ние сме претприемачки народи. И имаме историја која е тешко, но која многу не научи. Да градиме врз тоа, имаме  прекрасна култура, музика, традиции, можеме многу да  споделиме. Ако можеме да видиме дека Балканот може да соработува, не само Западниот Балкан: Бугарија, Романија, Турција исто треба да е дел од тоа. Сега имаат други проблеми, но тоа е друго прашање. Да видиме како ќе работиме заедно и ќе бидеме почитувани  не само во Европа, туку и на Медитеранот. Погледнете какви проблеми има Медитеранот. Често, кога зборувам за Сирија, знаеме дека војната не се води само во Сирија, тоа е  домино реакција. Сме го виделе тоа на Балканот. Знаеме дека има големи сили на обете страни, регионалните сили играат игри. Потребен им е процес како кај нас, да работат заедно. Југоисточна Европа со својата перспектива за идна соработка. Имаме многу искуства кои можеме да ги искористиме.  И да го покажеме патот. Ако го покажеме патот, ќе бидеме почитувани и ќе имаме многу поголем просперитет.

Фактор магазин: Дали Македонија и Грција преговараат само за името, или и за јазикот и идентитетот?

Јоргос Папандреу: Знам дека сиве овие прашања во различни периоди се ставени на масата. Општото чувство во Грција е да го решиме спорот за името „ерга омнес“ и за другите проблеми ќе најдеме начин за да ги решиме. Не сакам да навлегувам во детали, зашто јас лично не сум на преговарачката маса, но сметам дека треба да сме чувствителни за овие прашања, но да се обидеме да го решиме спорот за името. Мислам дека потоа останатите проблеми полесно ќе се решат.

Фактор магазин: Што значи, прво да се обидеме да го решиме спорот со името, па потоа останатото?

Јоргос Папандреу: Тоа значи дека за другите прашања ќе се изнајде начин за решение, со почит и на вашите ставови, исто така. Нема да навлегувам во детали, зашто, како што реков, не сум на преговарачката маса.

Фактор магазин: Што е со проширувањето на ЕУ? Ја имавме  Солунската агенда, но таа доживеа  фијаско?

Јоргос Папандреу: Не беше фијаско, се уште е активна. Проблемот со Солунската агенда не беа одлуките кои ги  донесовме тогаш, туку во тоа што уследи. Во Европа се појави она што го нарекуваме  „заситеност од проширувањето“, иако кога Јункер ја даде изјавата за 2025, тој ја оживеа оваа можност. Знам дека ќе има различни погледи внатре во ЕУ, и мислам дека е тоа една од причините, а потоа уследи финансиската криза, имаме проблеми во врска со земјите како Унгарија и Полска, кои покажуваат подривање на владеењето на правото и на демократските пракси, така што овие проблеми предизвикаа сомневања во нашата јавност,кои се логични.

„Ако го внесеме Западниот Балкан ќе има ли владеење на правото?

Ќе има ли меѓусебни спорови? Дали ќе ги решат? Дали ќе има транспарентност? Ќе се борат ли против корупцијата?“ И итн. Остекогаш велам, бидејќи сум зборувал со многумина, ако ние се средиме, ако ги решиме овие прашања, тогаш Европа ќе биде многу поотворена за да не прифати. Но, да, ЕУ има одговорност, зашто таа...Не целата, туку некои земји и некои личности, премногу лесно велат „да го држиме ова настрана“. Мислам дека треба да го оживееме овој процес. Ако го решиме проблемот со името, тоа ќе даде сигнал не само за Грција и БЈРМ, туку и за целиот регион. Па и пошироко. Тоа ќе изроди надеж дека овие

видови проблеми можат да се решат. Зошто луѓето велат:„никогаш нема да го решат ова“. „Балканци се. Никогаш нема да го решат ова, само се караат“. Не, тоа не е вистина. Мораме да им докажеме.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се сумираат резултатите од изборите, Силјановска со голема разлика пред Пендаровски

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се сумираат резултатите од изборите, Силјановска со голема разлика пред Пендаровски

ХАЈРЕДИНИ: Што ќе се случи ако Македонците се обединат?

ХАЈРЕДИНИ: Што ќе се случи ако Македонците се обединат?

МИЦКОСКИ: Мобилизацијата на граѓаните ќе биде одговор на евентуален бојкот на СДСМ и на ДУИ на вториот круг

МИЦКОСКИ: Мобилизацијата на граѓаните ќе биде одговор на евентуален бојкот на СДСМ и на ДУИ на вториот круг

ДИК: Tечат роковите од 48 часа за приговори, на трите места во Куманово нема да се прегласува

ДИК: Tечат роковите од 48 часа за приговори, на трите места во Куманово нема да се прегласува

МЕТА: Победата на Силјановска-Давкова ќе биде уште поголема во вториот круг

МЕТА: Победата на Силјановска-Давкова ќе биде уште поголема во вториот круг

ГРЧКИ МЕДИУМИ: Што пишуваат за првиот круг од претседателските избори во Македонија?

ГРЧКИ МЕДИУМИ: Што пишуваат за првиот круг од претседателските избори во Македонија?

(ВИДЕО) ГРУБИ СО КУФЕР ДОЈДЕ ПРЕД ОПШТИНА ЧАИР: Сега земете го куферот и одете дома

(ВИДЕО) ГРУБИ СО КУФЕР ДОЈДЕ ПРЕД ОПШТИНА ЧАИР: Сега земете го куферот и одете дома

ЕВЕ ВО КОЈА ОПШТИНА ВАНКОВСКА ГО ПРЕТРКА МАКСИМ, А КОЈ ЕЗЕРСКИ ГРАД СЕ ОПРЕДЕЛИ НАЈСИЛНО ЗА ДАВКОВА - гласање во најголемите места во внатрешноста

ЕВЕ ВО КОЈА ОПШТИНА ВАНКОВСКА ГО ПРЕТРКА МАКСИМ, А КОЈ ЕЗЕРСКИ ГРАД СЕ ОПРЕДЕЛИ НАЈСИЛНО ЗА ДАВКОВА - гласање во најголемите места во внатрешноста

Скендер Реџепи: На 8 мај нема да гласам ни за едниот, ни за другиот

Скендер Реџепи: На 8 мај нема да гласам ни за едниот, ни за другиот